Свет
Во светот има 12 милиони робови
Специјалниот известувач на Светската организација за модерни форми на ропство, Гулнар Шакиниан предупреди пред Советот за човекови права на ОН дека ропството сеуште не е дел од минатото и во светот има повеќе од 12 милиони робови.
Специјалниот известувач на Светската организација за модерни форми на ропство, Гулнар Шакиниан предупреди пред Советот за човекови права на ОН дека ропството сеуште не е дел од минатото и во светот има повеќе од 12 милиони робови. „Сите форми на ропство се официјално укинати според обврските на земјите членки на ОН со утврдената конвенција од 1956 година, но 54 години подоцна тоа ветување сеуште не е исполнето, подвлекла таа во извештајот во ОН, пренесува радио Дојче веле. Според податоците на невладината организација „Антислејвери интернешнл“, најстарата светска организација за човекови права основана во 1839 година, ваков статус низ светот имаат дури 27 милиони луѓе, од кои најголем број се деца и млади./крај/дв/бл/ко
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Заложниците наскоро ќе бидат ослободени
Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп објави на платформата „Трут соушал“ дека е постигнат договор за заложниците.
„Имаме договор за заложниците на Блискиот Исток. Наскоро ќе бидат ослободени“, напиша Трамп.
Претходно, повеќе медиуми повикувајќи се на свои извори објавија дека Израел и Хамас постигнале договор за прекин на огнот.
Според извештаите, примирјето и договорот за заложници меѓу Израел и Хамас беа постигнати по одделните состаноци што катарскиот премиер Мохамед бин Абдулрахман ал-Тани ги одржа со Хамас и израелските преговарачи во неговата канцеларија.
Израелски функционер потврди и за „Тајмс оф Израел“ дека е постигнат договор за прекин на огнот и за заложниците. Весникот, повикувајќи се на висок арапски дипломат, објави дека САД, Катар и Египет наскоро ќе дадат заедничка изјава во која ќе го објават договорот.
Свет
Хамас и Израел постигнаа договор за прекин на огнот
Претставник на Хамас и уште еден висок функционер изјавиле за „Скај њуз“ дека е постигнат договор за прекин на огнот со Израел.
Катар посредуваше во преговорите, а катарскиот премиер Шеик Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани се сретна со преговарачите на Хамас во неговата канцеларија за конечен договор.
Официјален претставник запознаен со преговорите изјави за „Ројтерс“ дека договорот вклучува првичен шестнеделен прекин на огнот, постепено повлекување на израелските сили, ослободување на заложниците кои ги држеше Хамас и ослободување на палестинските затвореници кои ги држеше Израел.
Имплементацијата на договорот за прекин на огнот може да потрае и до 48 часа, изјави воениот аналитичар Мајкл Кларк за „Скај њуз“.
Информацијата ја објави и „Си-ен-ен“.
Израелската влада и Хамас се согласија на договор што ќе ги прекине борбите во Газа и ќе доведе до постепено ослободување на заложниците и палестинските затвореници, изјави за Си-Ен-Ен извор информиран за разговорите.
Според договорот, кој допрва треба да биде официјално објавен, се очекува Хамас и неговите сојузнички милитантни групи да ослободат 33 заложници запленети од Израел за време на нападите на 7 октомври 2023 година.
За возврат, Израел ќе ослободи стотици палестински затвореници, се наведува во објавата на „Си-ен-ен“.
Свет
Американскиот претседател во заминување: Беше животна привилегија да и’ служам на оваа нација повеќе од 50 години
Американскиот претседател Џо Бајден им се заблагодари на Американците за нивната „љубов и поддршка“ за време на неговиот мандат, во емотивна изјава пред неговото официјално проштално обраќање.
„Ги дадов срцето и душата на нашата нација“, рече Бајден во писмото објавено од Белата куќа.
„Бев благословен милиони пати за љубовта и поддршката на американскиот народ“.
Бајден (82) во понеделник „ќе му ја предаде штафетата“ на Доналд Трамп, кој победи на претседателските избори во ноември минатата година.
Бајден не само што ќе ја напушти Белата куќа по четири години на чело на најмоќната демократија во светот, туку и ќе ја заврши својата политичка кариера.
„Беше животна привилегија да и’ служам на оваа нација повеќе од 50 години“, напиша Бајден.
„Никаде на друго место на Земјата не би можело дете со скромно потекло од Скрентон, Пенсилванија и Клејмонт, Делавер, кое пелтечеше, еден ден да седне на маса во Овалната соба како претседател на Соединетите држави“, рече тој.
Белата куќа, исто така, објави долга листа на достигнувања на Бајден како претседател, вклучително и историското закрепнување од пандемијата на коронавирус и економски раст и намалување на трошоците.
Но, многу Американци ќе го паметат и по неговото инсистирање да се кандидира за втор мандат, иако долго се поставуваше прашањето дали е способен да го стори тоа поради годините.
По катастрофалниот настап во телевизиска дебата, Бајден на крајот се повлече од трката само неколку месеци пред изборите, а демократите ја номинираа потпретседателката Камала Харис за свој претседателски кандидат.
„Историјата е во вашите раце. Моќта е во вашите раце. Идејата за Америка е во вашите раце. Треба само да ја задржиме вербата и да се потсетиме кои сме“, заклучува Бајден во писмото.