Свет
Запленети 460 килограми кокаин во Австралија

Австралиската полиција заплени околу 460 килограми кокаин кој од Јужна Америка бил префрлен со катамаран во Австралија.
Австралиската полиција заплени околу 460 килограми кокаин кој од Јужна Америка бил префрлен со катамаран во Австралија.
Станува збор за трета по големина заплена на кокаин во историјата на Австралија, а вредноста се проценува на повеќе од 160 милиони австралиски долари (159 американски долари), соопшти заменик комесарот на полициското одделение за борба против наркотици Ендрју Колвин.
Според него, бродот со шверцуваната дрога бил надгледуван два дена од хеликоптер, кога било пријавено дека пренесува кокаин.
Под надзор бил од петокот, кога се наоѓал на 800 километри од австралискиот источен брег, а полицијата го пресретнала во средата на пристаништето Бризбејн.
При тоа на бродот биле уапсени тројца Австралијци од кои двајца се осомничени за увоз на кокаин, а еден за поседување. Полицијата претпоставува дека дрогата требало да биде претоварена на пристаништето Бризбејн.
Операцијата за заплена на кокаин во пристаништето Бризбејн била со широки размери, рече министерот за внатрешни работи и правда Брендон О Конор, прецизирајќи дека во две австралиски држави се приведени уште 12 лица и откриена лабораторија за дрога во Еден, во државата Нов Јужен Велс.
Полицијата сеуште го истражува тој случај и се уште е неизвесно од која земја во Јужна Америка е упатена дрогата во Австралија./крај/бл/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
ЕК: Секоја од нашите земји-членки може привремено да ја укине забраната за летови на авионот на Путин

Најавената средба меѓу претседателите на САД и Русија во Будимпешта е добредојдена ако може да доведе до праведен и траен мир во Украина, изјави денес портпаролот на Европската Комисија.
„Ја поздравуваме оваа средба ако помогне во постигнувањето на траен и праведен мир во Украина“, изјави портпаролот на Комисијата, Олоф Гил.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, по телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин објави дека двајцата ќе се сретнат во Будимпешта во следните две недели.
Во врска со логистичките прашања околу пристигнувањето на рускиот претседател во Будимпешта, Комисијата објасни дека секоја земја-членка може по исклучок да одобри отстапување од забраната за влез во европскиот воздушен простор за руски авиони.
Портпаролката на Комисијата, Анита Хипер, изјави дека како дел од санкциите против рускиот претседател Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, средствата во ЕУ се замрзнати, но нема и забрана за влез на територијата на ЕУ.
Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за апсење на Путин во 2023 година за воени злосторства поврзани со нелегалната депортација на украински деца.
Унгарија веќе беше домаќин на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во април оваа година, за кого МКС исто така издаде налог за апсење. После тоа, унгарската влада информираше дека се повлекува од тој суд.
Сепак, според статутот на МКС, Унгарија сè уште е должна да го уапси Путин бидејќи повлекувањето од судот стапува на сила една година откако генералниот секретар на ОН беше известен.
Во унгарскиот случај, тоа е јуни 2026 година.
Шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто, денес изјави дека Будимпешта ќе обезбеди Путин непречено да влезе на нејзина територија со цел средба со Трамп и дека успешно ќе се врати во Русија.
фото:принтскрин
Свет
ОН: Потребно е време за да се намали гладот во Појасот Газа

Обединетите нации во петокот објавија дека ќе биде потребно време за да се намали гладот во Појасот Газа и повикаа на отворање на сите премини кон воено разурнатата палестинска територија.
– Ќе биде потребно извесно време за да се намали гладот - изјави портпаролката на Светската програма за храна на ОН (WFP) Абер Етефа на прес-конференција во Женева.
Светската програма за храна на ОН испорачуваше просечно 560 тони храна во Газа дневно од почетокот на прекинот на огнот, но ова е сè уште под она што е потребно, рече Абер Етефа.
– Сè уште сме под она што ни треба, но стигнуваме до таму. Прекинот на огнот отвори тесен прозорец на можности, а WFP се движи многу брзо и успешно кон зголемување на помошта за храна – изјави Етефа за новинарите, пренесува Ројтерс.
Фото: принтскрин
Свет
Песков: Многу работи треба да се договорат пред самитот Путин-Трамп

Кремљ во петокот соопшти дека самитот меѓу претседателот Владимир Путин и Доналд Трамп би можел да се одржи во рок од две недели или малку подоцна, но дека има многу работи што треба да се договорат пред да се одреди датум.
Трамп и Путин во четвртокот се согласија да одржат втор самит за војната во Украина, привремено закажан во Будимпешта, по состанокот на 15 август во Алјаска кој не донесе напредок.
Изненадувачката најава дојде пред состанокот меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски, и во време кога Вашингтон размислува да го снабдува Киев со крстосувачки ракети Томахавк.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, им изјави на новинарите дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Марко Рубио ќе мора да договорат меѓусебен состанок за да решат голем број прашања пред самитот.
– Има многу прашања, треба да се утврдат преговарачките тимови и така натаму. Затоа, сè ќе се прави во фази, но, се разбира, волјата на претседателот е тука – рече Песков.
– (Самитот) навистина би можел да се одржи во рок од две недели или малку подоцна. Постои општо разбирање дека ништо не треба да се одложува – рече тој.
Песков нагласи дека Русија останува отворена за мирно решение за ставање крај на војната во Украина.
Русија ги обвинува Киев и неговите европски сојузници за одложување на мировните преговори. Тие, пак, ја обвинуваат дека поставува неприфатливи барања и изјавија дека не веруваат дека Путин е сериозен во врска со постигнувањето мир.
Кремљ одделно соопшти дека Путин и унгарскиот премиер Виктор Орбан разговарале по телефон во петокот за претстојниот самит и дека Орбан рекол дека Унгарија е подготвена да биде домаќин на настанот, пренесува Ројтерс.
Фото: принтскрин