Свет
Измамите се лекуваат со професионална изборна администрација
Казнената репресија не е решавачки фактор за фер соочување на партиските противници, тврдат експертите
Казнената репресија не е решавачки фактор за фер соочување на партиските противници, тврдат експертите
Мирјана Лазарова-Трајковска: Ако изборната администрација е професионална, тогаш мали се шансите за изборни неправилности. Во Македонија има правници што можат да ја преземат одговорноста за избори
КАТИЦА ЧАНГОВА
Измамите, нерегуларностите, фалсификатите во изборниот процес, од полнење на кутии со ливчиња, до злоупотреба на гласот, се лекуваат со добро обучена, стручна и пред сў професионална администрација. Експертите по изборно и уставно право сметаат дека во избирачките тела треба конечно да седнат јавни и државни службеници, а не припадници на политички партии. Службеници како главни актери во изборите на кои им се заканува дисциплинска одговорност, па и губење на работното место, е добро испробан метод за справување со изборните злоупотреби. Досегашната практика потврдува дека казнената репресија за инциденти на денот на изборите не е решавачки фактор за фер и демократско изборно соочување на партиските противници. Во тие случаи делата тешко се докажуваат, правдата пребавно стигнува, а предметите застаруваат. Токму тоа им дава сила на прекршителите да продолжат со манипулации на секои наредни избори. Затоа и не треба да бидеме изненадени што на секои избори се случуваат неправилности, велат експертите.
Изборниот законик што е проследен во собраниска процедура предвидува алтернатива според која во изборните комисии, државната, регионалните и општинските, треба да членуваат правници вработени во државната и јавната администрација. Последниот збор дали ќе биде така зависи од политичките партии. Коалициските партнери од СДСМ и од ЛДП се убедени дека професионална администрација на наредните парламентарни избори е неминовност, но тоа мислење не го делат опозициските партии кои сметаат дека и натаму треба да предлагаат партиски членови.
"Ако изборната администрација е професионална, тогаш навистина мали се шансите за изборни неправилности. Во Македонија има правници кои без проблем можат да ја преземат одговорноста за избори", изјави поранешната претседателка на Државната изборна комисија, Мирјана Лазарова-Трајковска. Таа го издвои примерот на Хрватска, која подготвила работна верзија на закон за државна изборна комисија и го доставила на мислење до Венециската комисија. "Хрватите предлагаат професионалци за членови на централното тело кои ќе се избираат на конкурс, а ќе имаат мандат од 11 години. Законот треба да се донесе до март 2006 и со него ќе се оди на парламентарни избори", вели Лазарова-Трајковска.
За професорот по уставно право, Светомир Шкариќ, изборните спорови се специфични и не можат да се споредуваат со други. "Изборите не припаѓаат на кривичното законодавство. Не треба да се чудиме зошто нема ефекти оти процесите траат со години. Но, вината за тоа зошто нема брза завршница, не треба да се бара ниту кај обвинителите, ниту кај судовите. Судот е неподобен да решава за избори", оценува Шкариќ, потенцирајќи дека не треба да се бараат решенија во казнената репресија. Напротив, тврди тој, поентата е во конституирање професионална администрација за чии евентуални злоупотреби на избори ќе биде предвидена дисциплинска одговорност.
По последните, локални избори, беа поднесени 18 обвиненија за изборна измама против 40-ина извршители. Досега се донесени пресуди во 10 случаи, во пет случаи постапките се во напредни фази, а во три случаи обвиненијата беа отфрлени. Казните се главно парични или условни, а се движат од шест месеци до пет години. Во својот последен извештај ОДИХР ја потсети власта дека треба што побрзо да се изречат казни за учесниците во изборните измами, а во своите препораки бара построги санкции, посебно за членовите во избирачките одбори. Казнетите никогаш повеќе да не се ангажираат на избори. Санкциите за изборните службеници да го отсликуваат фактот дека прекршувањето на законот било од лице што вршело официјална функција, препорача ОДИХР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

