Свет
Поради насилства во светот дневно околу 8.000 раселени
Граѓанските војни и кршењето на човековите права принудуваат секоја година три милиони луѓе или речиси 8.000 дневно да ги напуштат своите домови и да бараат засолниште во рамките на сопствената земја.
Граѓанските војни и кршењето на човековите права принудуваат секоја година три милиони луѓе или речиси 8.000 дневно да ги напуштат своите домови и да бараат засолниште во рамките на сопствената земја. Ова се наведува во извештајот што во Женева го објави Советот на Норвешка за бегалци (ЦНР). Вкупниот број на раселени лица во сопствените земји денеска се проценува на 25 милиони во 50 земји во светот, се наведува во норвешкиот извештај./макфакс/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Марко Рубио за планoт на Трамп: Раселувањето на жителите на Газа би било привремено
Предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за раселување на населението од Појасот Газа ќе биде привремен, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио.
Неговата изјава уследи по сугестијата на Трамп дека САД би можеле да ја преземат Газа и да ги преселат милионите Палестинци кои живеат таму. Идејата беше критикувана од Обединетите нации, групите за човекови права и арапските лидери.
Во меѓувреме, израелскиот министер за одбрана Израел Кац рече дека на жителите на Газа треба да им се дозволи да уживаат во слободата на излез и имиграција.
На патувањето во Гватемала, Марко Рубио рече дека предлогот на Трамп не е непријателски, туку дарежлив потег, што ја демонстрира подготвеноста на Соединетите Држави да станат одговорни за реконструкција на областа.
Тој рече дека идејата била жителите на Газа привремено да ја напуштат територијата додека урнатините се отстрануваат и се одвива реконструкцијата.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, во средата изјави за новинарите дека претседателот е посветен на обновата на Газа и привремено преместување на нејзините жители за време на тој процес.
Трамп во вторникот рече дека раселувањето ќе биде трајно. Предложи да ја преземе контролата врз Појасот Газа и да го претвори во „блискоисточна ривиера“.
„САД ќе го преземат Појасот Газа и ние исто така ќе завршиме работа со него“, рече Трамп во вторникот на заедничката прес-конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој ја нарече идејата „достојна за разгледување“.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац, исто така, го пофали предлогот на Трамп, додавајќи дека на Газанците „треба да им се дозволи да уживаат во слободата на излез и имиграција“ по копно, море или воздух.
Тој рече дека земјите како Шпанија, Ирска и Норвешка – критичари на војната – се „законски обврзани да дозволат секој жител на Газа да влезе на нивна територија. Тој не објасни како ќе функционира тој предлог – или дали жителите на Газа ќе можат да се вратат по реконструкцијата.
Шпанскиот министер за надворешни работи го отфрли предлогот.
Свет
Повторно пукање во Брисел, најмалку еден повреден
Уште едно пукање се случи синоќа во бриселската општина Андерлехт, во близина на метро станицата Клеменсо. Најмалку едно лице е повредено.
Инцидентот се случил околу 03:30 часот, а сторителот употребил огнено оружје, потврдија бриселскиот обвинител Жулиен Моинил и градоначалникот на Андерлехт, Фабрис Кампс (ПС) во интервју за радио РТБФ.
„Едно лице е рането со куршум во ногата и пренесено во болница“, соопшти бриселското обвинителство. Веднаш по пукањето, на местото на настанот пристигнале истражители, федералната полиција и балистички експерт за да спроведат истрага.
Ова е втор инцидент за два дена во Андерлехт. За разлика од пукањето во средата, овој пат сообраќајот на метрото не беше прекинат, иако еден влез во станицата беше затворен, соопшти бриселскиот јавен транспортен оператор СТИБ.
„Во последните 24 часа имаше три престрелки: две во Андерлехт и едно во Сен Жосе-тен-Нуд. Не знаеме со кого си имаме работа, но имаме двајца осомничени по кои моментално се трага“, рече Моинил. Тој додаде дека престрелките се поврзани со територијален конфликт меѓу неколку нарко банди.
„Уште колку смртни случаи ќе ни бидат потребни за да имаме одговор сразмерен на сериозноста на ситуацијата? Трговијата со дрога стана толку широко распространета, а парите вклучени во неа толку големи, што се водат војни“, рече тој.
Пред последното пукање, Моинил веќе ги повикал шефовите на шесте бриселски полициски зони и правосудната полиција да побараат анализа и да утврдат кои се овие банди. Иако има одредени идентификации, „се уште има многу неизвесности“, рече тој.
Во средата пукањето се случи на метро станицата Клемансо во 6:15 часот. Снимката од надзорните камери, која сега кружи на интернет, покажува двајца напаѓачи вооружени со автоматски пушки од типот калашников како отворено пукаат надвор од станицата пред да побегнат во метрото. Следеше полициска потера во тунелите на бриселското метро, но осомничените се уште не се уапсени.
Свет
Се урна мал авион на Филипините, неколку загинати
Четири лица загинаа при уривање на мал авион денеска во провинцијата Магуинданао дел Сур на југот на Филипините, јавија локалните медиуми.
Несреќата се случила околу 14 часот по локално време во градот Ампатуан, јави Ксинхуа. Засега не се познати други детали.
Полицијата ја истражува несреќата за да ги утврди причините и националноста на жртвите.