Свет
Почетната цена за скопските аптеки е 3,5 милиони евра
Јануарскиот рок, најверојатно, ќе се пробие, продажбата ќе се случи во февруари
Јануарскиот рок, најверојатно, ќе се пробие, продажбата ќе се случи во февруари
Газдата што ќе ги купи 22-те аптеки ќе има обврска да земе под закуп уште 16 аптеки, кои функционираат во рамките на поликлиниките и на амбулантите
ЈАСМИНА ЈОВАНОВСКА
Градски аптеки ,,Скопје" ќе се продаваат за околу 3,5 милиони евра. Оваа сума, како што неофицијално дознаваме, е почетната вредност со која на Берзата ќе стартува лицитацијата на најатрактивните градски аптеки во земјава. Подготовките околу тендерот за продажба на скопските аптеки влегува во завршна фаза и според информации од Министерството за економија, берзанското наддавање дефинитивно ќе се случи во февруари. Датумот сў уште не е прецизиран за повторно да не се изјалови работата, а со тоа да се пролонгира продажбата.
Иако никој не го соопштува денот кога ќе се спроведе најголемата лицитација на државните аптеки, дефинитивно е јасно дека Министерството за економија ќе ја пробие и јануарската најава за нивно отуѓување. Одложувањето на продажбата не е само поради големите апетити на одделни фармацевтски моќници, туку и поради апетитите на државата Градски аптеки ,, Скопје" да ги продаде по што е можно поголема цена. По минатогодишното купување на аптеката во ГТЦ, сега се бара начин како цената на просторот што е во сопственост на Градски аптеки да се надуе што е можно повеќе. Па така, според најновиот модел за приватизација, од 36 објекти на продажба ќе одат 22 аптеки, и тоа во пакет, а не 20 како што беше најавено првично. Според неофицијални извори, бројката е поголема за две аптеки, бидејќи аптеката "8 Септември" и дирекцијата ќе се продаваат како посебни целини, како и една аптека во Карпош која има и галенска лабораторија.
Другите 16 аптеки, кои функционираат во рамките на поликлиниките и на амбулантите, ќе одат под концесија, модел за кој од искуството од другите аптеки во земјава се покажа како најдобар за задржување на достапноста на лековите од позитивната листа. Газдата што ќе ги купи 22-те аптеки ќе има обврска да ги земе под закуп и овие 16 аптеки. Идниот сопственик ќе има обврска да ги задржи и сите вработени во наредните пет години. Станува збор за околу 210 лица: фармацевтки, техничари и друг персонал.
Продажбата на скопските аптеки, кои опслужуваат една третина од населението во земјава, ќе се одвива според истиот модел како и за другите аптеки во земјава, кои се продадоа пред една година. На лицитација ќе одат 75 отсто од почетната вредност на аптеките, другите 25 отсто ќе им бидат дадени на вработените и тоа пет отсто бесплатно, додека 20 отсто ќе можат да ги купат со попуст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Макрон: Расте непријателството кон Евреите, сите мораме да се мобилизираме
Францускиот претседател, Емануел Макрон, повика на зајакнати напори во борбата против антисемитизмот во Франција, откако нови владини податоци покажале дека непријателството кон Евреите останува на високо ниво, и покрај падот на регистрираните инциденти во 2025 година.
Франција, која има најголема еврејска заедница во Европа, минатата година евидентирала 1320 антисемитски дела, што претставува 53 отсто од сите инциденти поврзани со религија, според извештајот на Министерството за внатрешни работи објавен денеска.
Иако бројот на инциденти се намалил за 16 проценти во однос на претходната година, Министерството соопшти дека тие остануваат на „историски високо ниво трета година по ред“. Зголемувањето е забележано особено по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година и последователниот конфликт во Газа.
„Училиштата, правосудниот систем, избраните претставници – сите мора да се мобилизираат“, порача Макрон на церемонија по повод 20 години од смртта на Илан Халими, 23-годишен Евреин кој беше киднапиран и држен во заложништво 24 дена, пред да биде убиен. Водачот на бандата беше осуден на доживотен затвор во 2009 година.
Макрон го осуди, како што го нарече, „отровот на омразата на интернет“, и побара од Европската комисија да ги повика големите онлајн платформи на одговорност.
Свет
Мерц: Русија сè уште не е подготвена за сериозни мировни преговори
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека Русија сè уште не е подготвена за сериозни преговори за мир во Украина, иако западните сојузници се подготвени за дијалог кога ќе има смисла.
Говорејќи за време на Минхенската безбедносна конференција, Мерц го почна излагањето со критика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, раскажувајќи за „еден премиер од ЕУ“ кој заминал во Москва без мандат и „не постигнал ништо“. Според него, една недела по таа посета, Украина претрпела некои од најжестоките напади врз цивилната инфраструктура.
„Ако разговорите имаат смисла, ние сме подготвени. Но, како што гледаме и од американска страна – Русија сè уште не е подготвена сериозно да разговара“, рече Мерц.
Тој додаде дека војната ќе заврши дури кога Русија ќе биде барем економски, а можеби и воено, исцрпена:
„Се приближуваме до тој момент, но сè уште не сме таму. Русија мора да се откаже од овој ужасен напад врз Украина, а ние мора да направиме сè што е потребно за да ги доведеме до точка кога повеќе нема да гледаат корист од продолжување на оваа војна“, истакна германскиот канцелар.
Регион
На Мерц му е непријатно оти е закочено членството на Западен Балкан во ЕУ
Германскиот канцелар Мерц во Минхен зборуваше за иднината на проширувањето на Европската унија, откако расправата беше поттикната од прашање на претседателот на Црна Гора.
Тој призна дека чувствува „сè поголема непријатност“ поради тоа што Европската унија не успева да постигне значаен напредок во пристапните процеси со земјите од Западен Балкан и соседството.
„Мораме да осмислиме нова стратегија за да ги доближиме овие земји до ЕУ. Не сакам да ве изгубам“, порача Мерц.
Како главна пречка го наведе принципот на едногласност, со посебен акцент на постојаното блокирање од страна на Унгарија, која ја опиша како „слон во просторијата“. Тој изрази надеж дека ова може да се надмине.
„По изборите што ќе се одржат во април, се надеваме дека ќе можеме да ги отвориме следните поглавја и да ви се приближиме уште повеќе кон Европската унија“, заклучи тој.

