Свет
13 лица загинаа во пожар што зафати три ноќни клубови во Шпанија

Најмалку 13 лица загинаа во пожар што зафати три ноќни клубови во Мурсија, град на југоистокот на Шпанија, соопшти денеска итната служба.
Пожарот избувнал околу шест часот утрото по локално време.
Четири лица се пренесени во болница поради вдишување чад, а спасувачките служби трагаат по неколку лица кои се исчезнати по пожарот.
Пожарот избувнал околу шест часот во еден од клубовите, а се проширил и во два други соседни клуба, објави Ел Паис.
Според шпански медиуми во клубовите имало роденденски забави и меѓу исчезнатите се пет луѓе од едно семејство и двајца нивни пријатели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Жељазков и Марта Кос: Без Западен Балкан не може да се заврши европскиот проект

Европската иднина на Западен Балкан е гаранција за просперитет и мир и превенција од влијанието на силите кои имаат за цел неединство. Интеграцијата на земјите од регионот не е прашање на суд, туку стратешки избор поврзан со стабилноста и конкурентноста на целиот регион.
Ова го изјави бугарскиот премиер, Росен Жељазков, кој се сретна со Марта Кос, еврокомесарката за проширување на унијата , јави БГНЕС.
„Бугарската позиција е јасна – го поддржуваме европскиот пат на секоја земја од Западен Балкан, водени од принципите на индивидуалниот пристап и постигнатиот напредок“, додаде Жељазков.
Рече дела посветеноста на реформите мора да биде двострана.
„Ни треба искреност, јасност, предвидливост и дијалог. Интеграцијата на Западен Балкан е одговорност од особено значење за Бугарија. Интеграцијата на овие земји ќе ја направи ЕУ посилна и поотпорна“, коментира Жељазков.
Тој и’ се обрати на Кос, велејќи дека нејзиното присуство во Софија е израз на доверба дека заедно ќе дадат нов поттик за иднината и просперитетот на нивните земји.
„Без интеграција на Западен Балкан не може да се заврши европскиот проект“, додаде Жељазков.
Комесарката Кос, исто така, истакна дека европската интеграција пред се ќе доведе до стабилност и безбедност во регионот на Западен Балкан.
„Мора да го надминеме заморот. Вреди да се инвестира во реформи за ЕУ. За да бидеме успешни, потребен ни е став кој ја надминува болката од минатото. За ова ќе биде потребно лидерство“, повика Марта Кос.
Според неа, пристапот на соседните земји на Бугарија во Европската унија ќе обезбеди многу придобивки за трговијата, бизнисот и поврзувањето.
Во изјавата за „Дондуков 1“, Марта Кос објави дека таа и премиерот Жељазков разговарале за планот на Европската унија за нова стратегија за Црното Море, која Европската комисија ќе ја претстави наскоро.
„Црноморскиот регион е исклучително важен за нашата безбедност, за трговијата, за енергетските врски и како мост кон Турција, Грузија, Ерменија и Азербејџан“, истакна Кос во заедничката изјава со бугарскиот премиер.
„Бугарија е во срцето на овие размислувања и важно е таа активно да учествува во подготовката на оваа нова стратегија“, рече Кос.
Марта Кос го истакна и значењето на пристапот на Бугарија во еврозоната.
Регион
Револт во Германија поради новите правила за работниците од Западен Балкан, меѓу кои и македонските

Идната Демохристијанско-социјалдемократската влада планира да инвестира 500 милијарди евра во наредните години во реконструкција на дотраената инфраструктура: железници, патишта и мостови. Во исто време, има намера да се фокусира на уште еден итен проблем, а тоа е недостатокот на станови во Германија, пишува Дојче веле.
Но, за тие планови, покрај пари, ќе бидат потребни и многу работници, квалификувани и неквалификувани. Токму во овој сектор Правилото за Западен Балкан, воведено во 2016 година, ги покрива потребите на германскиот пазар на труд во последните години бидејќи, за разлика од другите програми за имиграција на работна сила, Правилото за Западен Балкан не ја условува квалификацијата, туку само договорот за вработување на германскиот работодавач. Ова и овозможи на градежната индустрија особено да вработува неквалификувани работници кои исто така се дефицитарни на германскиот пазар на труд.
Погрешна и штетна одлука
Минатата година, социјалдемократско-зелено-либералната влада, во екот на имиграциската либерализација, ја зголеми годишната квота како дел од правилото за Западен Балкан од 25 на 50 илјади работни дозволи годишно. Но, во својот коалициски договор, идната влада минатата недела повторно ја намали таа квота на 25.000 годишно.
Сега многу работодавци се прашуваат која е причината за ова намалување.
„Правилото за Западен Балкан се покажа како испробан инструмент за регрутирање работна сила без прекумерна бирократија, што инаку е реткост во секторот за миграција“, изјави за „Штутгартер цајтунг“ заменик-директорот на Германската индустриска и трговска комора, Ахим Деркс. Затоа одлуката на идната влада повторно да ја преполови квотата за Западен Балкан, според него, оди во погрешна насока.
Тим-Оливер Милер, директор на Централната асоцијација на германската градежна индустрија, дели слично мислење. Тој за „Штутгартер цајтунг“ изјави и дека намалувањето на годишната квота особено влијае на градежната индустрија.
„Значаен дел од странските работници на германските градилишта доаѓаат од некои од земјите на поранешна Југославија… сегашната одлука за намалување на овој контингент е изненадувачка и штетна за индустријата. Особено ако се земат предвид планираните инфраструктурни проекти кои ќе ја зголемат побарувачката за работна сила“, вели Милер.
Зошто да се намалат квотите?
Намалувањето на квотата нема да влијае само на големите инфраструктурни проекти, туку и на станбената изградба, смета Аксел Гедашко, директор на чадор-асоцијацијата за изградба на станови (ГдВ).
„Ако протокот на работници од Западен Балкан се преполови, тоа би можело да го влоши недостигот на работна сила на градилиштата“, смета Гедашко.
Ниту Јан Даненбринг од Централното здружение на германски занаетчии (ЗДХ) не ја разбира причината за намалувањето на контингентот.
„Федералната влада неодамна ја удвои оваа квота и сега ја враќа назад иако околностите во споредба со минатата година не се променети“, вели Даненбринг, исто така за „Штутгартер цајтунг“ и заклучува: Ако сакаме да промениме нешто во секторот за домување, ќе ни треба секој човек.
Негативни коментари и недоволно разбирање за одлуката на идната влада за правилата за работниците од Западен Балкан доаѓаат и од редот на експертите за пазарот на трудот. Херберт Брикер од Институтот за истражување на пазарот на труд (ИАБ) смета дека потегот на владата испраќа погрешен сигнал. Тој посочува дека вработувањето на Западен Балкан досега се покажало како успешен механизам.
„Од 95 до 98 отсто од оние кои пристигнале во Германија како дел од ова правило се вработени една година по нивното пристигнување во Германија и редовно ги плаќаат своите придонеси“, заклучува Брикер.
Свет
Институт за војна: Лавров и Путин подготвуваат терен за инвазија на земјите на НАТО

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и други високи функционери во Москва се обидуваат да го искористат руското колонијално минато за да ја оправдаат евентуалната идна агресија врз членките на НАТО, се вели во новата анализа на Институтот за проучување на војната (ИСВ). Земјите на НАТО, особено оние кои се граничат со Русија, се’ повеќе предупредуваат дека Москва би можела да ја нападне територијата на Алијансата во наредните години.
Долго време се шпекулира дека Кремљ можеби нема да почне отворена воена инвазија, туку наместо тоа користи тактики за хибридно војување – како што се сајбер напади, ширење на дезинформации и напади врз клучната инфраструктура, како што се подморските кабли. Но, можностите се многубројни. Русија би можела да ја „тестира силата на НАТО“ преку ограничени територијални упади, рече генерал-полковник Јирген-Јоаким фон Сандрарт, поранешен командант на мултинационалниот корпус на НАТО североисточниот дел во Полска, во интервју за „Њусвик“ непосредно пред да ја напушти функцијата во ноември.
НАТО се заснова на принципот на колективна одбрана од член 5 од основачкиот договор, според кој напад врз една членка е напад врз сите.
Сергеј Лавров за рускиот „Комерсант“ изјави дека опасно е кога фашистите владеат со територии кои отсекогаш им припаѓале исклучиво на Руската империја и на Советскиот Сојуз. Ваквите изјави покажуваат дека Кремљ сè уште смета дека независните земји со кои некогаш владеела Руската империја или СССР се дел од модерна Русија, предупредува „ИСВ“ во својата најнова анализа.
Институтот потсетува дека Естонија, Латвија и Литванија – трите балтички држави на источниот раб на НАТО – како и Молдавија, беа дел од поранешниот Советски Сојуз и Руската империја. Денес Молдавија е во преговори за влез во Европската унија. Финска, една од најновите членки на НАТО со која Русија дели долга копнена граница, исто така беше под руска власт во 19 век. Значаен дел од Полска исто така некогаш бил дел од Руската империја.
„Неколку високи руски функционери, вклучително и претседателот Владимир Путин и советникот за национална безбедност Николај Патрушев, ја користат историјата на рускиот колонијализам за да го подготват теренот за идна агресија против државите на НАТО“, предупредува овој институт.
Естонската разузнавачка служба на почетокот на годината предупреди дека доколку Русија успешно ја реформира војската, НАТО повторно би можел да се соочи со советскиот модел на масовна армија во следната деценија.
На крајот на 2022 година, поранешниот руски министер за одбрана Сергеј Шојгу најави длабински реформи на руските вооружени сили. Иако таквата армија би била технолошки послаба од НАТО, освен во областа на електронското војување и ударите со долг дострел, естонските власти нагласуваат дека нејзиниот севкупен воен капацитет би бил „значаен“.
Данската воена разузнавачка служба, исто така, оваа година предупреди дека Русија можеби е поподготвена да употреби сила во регионалните конфликти со една или повеќе европски држави на НАТО, особено ако оцени дека НАТО е ослабен или политички поделен. Според нивните проценки, на Русија и требаат околу пет години да се подготви за голема војна на европско тло без американско воено учество.
Естонскиот министер за одбрана Хано Певкур во ноември изјави за „Њузвик“ дека доколку има прекин на огнот во Украина, а руските трупи кои моментално се распоредени на истокот бидат ослободени од тие обврски, Путин ќе има стотици илјади војници подготвени за нови операции.
„Тоа значи дека руската армија ќе има на располагање големи сили кои најверојатно ќе бидат префрлени во нашето соседство“, предупреди Певкур.
Балтикот и Полска се водечки меѓу членките на НАТО кои брзо ги зголемуваат инвестициите во одбраната. Целта е да ги зајакнат сопствените армии и на тој начин да ја одвратат Москва од можни напади.