Свет
Груевски нема обврска да го пријави имотот на неговата мајка
Антикорупционерите немале надлежности да ги утврдуваат ниту околностите на кој начин и од кои средства мајката на Груевски стекнала три стана: членови на антикорупциската комисија
Заклучок на Државната комисија за спречување на корупцијата
Антикорупционерите немале надлежности да ги утврдуваат ниту околностите на кој начин и од кои средства мајката на Груевски стекнала три стана: членови на антикорупциската комисија
Пратеникот Никола Груевски нема обврска во анкетниот лист, доставен до Антикорупциската комисија и до Управата за јавни приходи, да го пријави и недвижниот имот на неговата мајка. Причина за тоа е што Груевски не живеел во семејна заедница со својата мајка во декември 2002 година, еден месец пред да го поднесе анкетниот лист. Вака заклучила Државната комисија за спречување на корупцијата на вчерашната седница, разгледувајќи ја имотната состојба на пратеникот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
Антикорупционерите наведуваат дека немале надлежности да ги утврдуваат ниту околностите на кој начин и од кои средства мајката на Груевски во текот на 2000 и 2001 стекнала три стана, бидејќи при поднесувањето на формуларот за имот тие не живееле заедно. Поради тоа, антикорупционерите го проследиле случајот до Управата за јавни приходи.
Според член 34 од Законот за спречување на корупцијата, избраниот или именуван функционер е должен во рок од 30 дена од денот на неговиот избор или именување до Антикорупциска и до УЈП да достави анкетен лист со детален опис на недвижниот имот и подвижни предмети во поголема вредност што е во негова сопственост или сопственост на неговото семејно домаќинство. Во посебна законска одредба се објаснува дека терминот семејно домаќинство подразбира брачен другар, деца, родители, браќа и сестри, посвоител или посвоеник со кој избраниот или именуван функционер живее во семејна заедница. Од добиените податоци од СВР-Скопје, Државната комисија за спречување на корупцијата констатирала дека Никола Груевски живеел во семејна заедница со својата мајка до 29.11.2002 година. На денот на поднесувањето на анкетниот лист, 12.12.2002, тие биле со различни адреси на живеење.
(К.Ч.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италијанската полиција конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 луѓе
Во голема операција против илегалната трговија со дрога италијанската полиција откри и конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 лица.
Во операцијата 655 лица се ставени под истрага, од кои 39 малолетни, а конфискувани се 35 килограми кокаин и повеќе од 40 парчиња огнено оружје.
Полицијата изврши контроли и во 312 продавници за канабис, при што привремено се затворени пет продавници во три града откако биле извршени 312 контроли. Конфискувани се 296 килограми производи од канабис.
Италија во јуни одобри безбедносен декрет со кој се забранува така наречениот „легален“ канабис и трговијата со „лесен канабис“ или коноп се прогласува за нелегална трговијата, кој, за разлика од марихуаната, нема психоактивни ефекти.
Свет
Во САД заврши првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација, соопшти Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во САД веќе е завршена првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација и оти очекува извештај од шефот на украинската делегација Рустем Умеров пред следната рунда преговори.
Зеленски го изјави тоа за време на заедничкото обраќање до медиумите со премиерот на Португалија Луис Монтенегро.
– Нашиот тим ќе ме контактира, така се договоривме, и ќе ми ги изнесе резултатите од првиот блок на дијалогот, по што ќе одлучиме како да продолжиме, рече Зеленски.
Тој додаде дека во САД се наоѓаат и претставници на Русија и Европа, истакнувајќи дека ќе може да зборува за деталите од разговорите откако ќе го добие извештајот од Умеров.
Свет
Американски напад врз Сирија, загинаа припадници на Исламска држава
Најмалку пет припадници на Исламска држава загинаа во синоќешните американски напади врз цели на ИД во Сирија, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права, со седиште во Лондон.
– Помеѓу загинатите е и „водачот на ќелија“, задолжен за беспилотни летала. Тие се убиени во покраината Деир ез Зор, изјави претставникот на Сирискиот центар, Рами Абдел Рахман.
САД синоќа соопштија дека погодиле повеќе од 70 цели во неколку области на Сирија. Според неименуван безбедносен извор нападите биле насочени кон ќелиите на ИД во покраините Хомс, Деир ез Зор и Рака.
Претседателот на САД, Доналд Трап на сопствената платформа „Трут соушл“ (Truth Social), откако Пентагон соопшти за операцијата против Исламска држава, објави – „Напаѓаме многу силно против бастионите на ИД“.
Американската армија изврши „масовен напад“ врз цели поврзани со ИД во Сирија, како одговор на смртоносниот напад врз американските сили. На 13 декември во пустинска област во централната сириска покраина Хомс загинаа двајца американски војници и еден цивилен преведувач. Вашингтон за нападот ја обвини џихадистичката група, но ИД не презеде одговорноста за нападот.
Целта на операцијата, според Вашингтон, е да се ослабат капацитетите на ИД за понатамошно дејствување и да се спречат напади врз американскиот персонал во Сирија. Во Сирија распоредени се околу 1.000 американски војници.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека операцијата „Хајкај страјк“ (Hawkeye Strike) е насочена кон елиминација на „борци, инфраструктура и локации со оружје“ на ИД. Тој посочи дека метите се избрани за да се погодат клучните ресурси на ИД, вклучително и оперативните капацитети и логистичка поддршка.
– Ова не е почеток на војна – ова е декларација за одмазда. Денеска ги гоневме и убивме нашите непријатели. Многу од нив. И ќе продолжиме да го правиме тоа, наведе Хегсет на социјалните мрежи.
Изминатите месеци Коалицијата предводена од САД против ИД изврши неколку воздушни напади и копнени операции во Сирија, насочени кон осомничени членови на терористичката организација. Во операциите беа вклучени и припадници на сириските безбедносни сили.

