Свет
Димов се спаси со ветени вработувања на пратеници
Вчера расправата за интерпелацијата на минстерот за здравство Владо Димов, што ја поднесоа група пратеници од опозицијата, се одложи на барање на пратеничката на СДСМ, Наташа Биковска која побара расправата за работата на Димов да се да се стави посл
ИЗБЕГНАТА ИНТЕРПЕЛАЦИЈА НА МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО
Вчера расправата за интерпелацијата на минстерот за здравство Владо Димов, што ја поднесоа група пратеници од опозицијата, се одложи на барање на пратеничката на СДСМ, Наташа Биковска која побара расправата за работата на Димов да се да се стави посл
Министерот за здравство Владо Димов вчера куртули од жестока собраниска дебата за неговото работење. Расправата за интерпелацијата, што ја поднесоа група пратеници од опозицијата се одложи на барање на пратеничката на СДСМ, Наташа Биковска. Таа побара, наместо, како што беше предвидено, за работата на Димов да се расправа на почетокот на седницата, точката да се стави последна на дневниот ред. Биковска барањето го оправда со ангажираноста на Димов околу 7-ми Април – Денот на здравјето и дека поради активностите врзани за празникот не ќе може цело време да ја следи расправата.
"Не може во денови кога се слави здравството, да расправаме за интерпелација на министерот за здравство", рече Биковска во одбрана на Димов.
Нејзиниот предлог, по инерција беше поддржан од пратениците од парламентарното мнозинство и интерпелацијата на Димов се пресели на крајот на дневниот ред на седницата.
Собраниски извори велат дека тактизирањето со дневниот ред е смислен потег на Министерот за здравство и на дел од пратениците, расправа за работењето на Димов воопшто и да нема. Во тек се неколку собраниски седници, коментираат во Парламентот, на кои треба да се расправа за закони кои се услов за евроинтегрирањето и кои мора што поскоро да се изгласаат. Со вакво темпо, додадаат изворите, интерпелацијата на Димов ќе се заборави и опозицијата никогаш нема да има прилика, јавно од собраниска говорница да го критикува министерот за скандалите во здравството.
Спасот од јавни критики, кажуваат за ВЕСТ извори во Министерството за здравство, Димов почнал да го бара откако премиерот Владо Бучковски му порачал дека нема намера да бара од пратениците на СДСМ да застанат во негова одбрана.
"Спасувај се сам, оти немам намера повторно да те штитам", му рекол Бучковски на Димов.
Доказ за тоа, објаснуваат нашите извори, е податокот дека голем број пратеници на СДСМ вчера воопшто не се појавиле на собраниската седница, со изговор дека "мораат да одат на службен пат".
"Ако останеа, ќе требаа да излезат на говорница и да го бранат, а тоа не сакаа да го прават", велат во пратеничката група на СДСМ.
Откако Бучко го откачил, Димов спасот го побарал меѓу пратеници кои имаат некаква врска со здравството. Така, на пик ја фатил пратеничката Наташа Биковска која подолго време во собраниската комисија за здравство ургирала од Заводот за здравствена заштита во Берово да биде префрлена во Скопје. Таа, шпекулираат нејзините сопартијци, неколку месеци претходно поднела документи за префрлање, но никако не успевала да добие и министерски потпис. Наводно, Димов и ветил на Биковска дека ќе и даде решение за работа во Скопје, по што таа, иако го немала документот во раце почнала да се појавува на работа во Заводот.
"Мене работното место во здравствениот завод во Берово ми мирува. Нема бегање, јас останувам таму", ни изјави вчера Биковска која сепак не ја исклучи можноста во иднина да дојде да работи во Скопје.
"Моите желби и планови за иднината не се предмет на твоето интересирање", додаде таа.
Шпекулациите околу избегнувањето на интерпелацијата на Димов, отишле и дотаму што тој освен Биковска, како предлагач на измените на дневниот ред на седницата, си обезбеди и резервна варијанта. Доколку, тврдат партиски извори, Биковска потфрлела, нејзината улога би ја превзела пратеничката Цветанка Иванова од СДСМ.
Нејзиниот син веќе две години е ангажиран со договор во Проектната единица на Светската банка при Министерството за здравство.
"Нема овде непотизам. Точно е дека син ми работи таму, но не е вработен и нема решение, туку е ангажиран на проектот", вели Иванова.
Опозицијата ја препозна играта на Димов, па по целата лакрдија со дневниот ред го обвини министерот дека со бегање сака да ги сокрие своите неуспеси.
"Тоа е чисто бегање од одговорноста и соочување со криминалот и корупцијата во здравството. Ако е приорет на Владата на Бучковски борбата против корупцијата и криминалот, прашуваме дали тоа е начинот за справување со корупцијата и криминалот", изјави Силвана Бонева, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
(Н.С – А.Ст.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Британската полиција ги истражува летовите на Епстин од аеродромот Стенстед
Полицијата во Есекс ги истражува информациите за приватни летови кои слетувале и полетувале од аеродромот Стенстед, по објавувањето на документи поврзани со Џефри Епстин. Овој потег следи откако поранешниот премиер Гордон Браун минатата недела ја повика британската полиција итно да ги испита тврдењата за криумчарење жени и девојки во земјата со авиони, пренесува Скај њуз.
Браун во текст за „Њу стејтсмен“ навел дека неодамна објавените документи за Џефри Епштајн откриваат дека авионот на осудениот педофил имал 90 летови кон или од британски аеродроми. Тој истакнал дека дури 15 од тие летови се случиле откако Епстин во 2008 година бил осуден за сексуален престап.
Портпаролот на полицијата во Есекс изјавил: Ги проценуваме информациите што се појавија во врска со приватните летови кон и од аеродромот Стенстед, по објавувањето на списите за Епштајн од страна на американското Министерство за правда.
Од аеродромот Стенстед соопштиле дека сите приватни авиони таму оперираат преку независни оператори (Fixed Base Operators), кои се задолжени за сите аспекти на приватното и корпоративното воздухопловство во согласност со прописите. Нагласиле дека сите имиграциски и царински проверки на патниците на приватни летови ги спроведува директно Граничната полиција.
„Тие користат целосно независни терминали со кои не управува Лондон Стенстед и ниту еден патник од приватен авион не влегува во главниот терминал на аеродромот. Аеродромот не управува ниту има увид во патничките аранжмани на приватно оперираните авиони“, се наведува во соопштението.
Свет
Советник во францускиот Сенат тајно фотографирал жени под здолништата
Поранешен советник во францускиот Сенат беше осуден на една година условна казна поради тајно фотографирање жени под здолништата, вклучително и во горниот дом на францускиот парламент.
На педесетгодишниот Себастијен Г. му се судеше откако двајца негови колеги во 2023 година, во заеднички простор на десничарската партија „Ле Републикан“, откриле хард-диск со повеќе од 1.800 фотографии, претежно од сексуална природа, како што навел судијата за време на судењето минатиот месец, пренесува „Ле Монд“.
На дискот имало фотографии од задници и деколтеа на облечени жени, направени на јавни места како улица или во Сенатот, како и фотографии од неговата поранешна девојка, која ја снимал гола во својот дом.
Следната година бил пријавен до управата на Сенатот, по што добил отказ по повеќе од две децении служба.
„Никогаш не сакав никого да повредам“, изјавил на судот во јануари, тврдејќи дека фотографиите никогаш не ги споделил. Навел дека чувствувал „потреба да ја собира убавината на жените“.
Судот му забрани пристап до Сенатот и му наложи психолошко и психијатриско лекување.
Минатиот месец судот го прогласи за виновен и поранешен сенатор кој дрогирал пратеничка со екстази со намера да ја сексуално нападне, и го осуди на 18 месеци затвор.
Свет
Истрага за ранчот на Епстин во Ново Мексико по тврдењата за закопани девојки
Властите на сојузната држава Ново Мексико покренаа истрага за ранчот „Зоро“, кој му припаѓал на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, по обвинувањата дека на тој имот надвор од Санта Фе сексуално злоупотребувал девојки и жени, објави Аксиос.
Според пратеничката Андреа Ромеро, истрагата има за цел откривање на вистината и овозможување преживеаните да добијат правда.
Министерството за правда на Ново Мексико минатата недела му пишало на Министерството за правда на САД барајќи нецензуриран пристап до анонимен мејл од 2019 година во кој се наведува дека две „странски девојки“ биле закопани на ранчот „Зоро“.
Ранчот, кој Епстин го поседувал од 1993 година до неговата смрт во 2019 година, се простира на повеќе од 7.600 хектари и се појавува во повеќе јавно објавени досиеја поврзани со него.
Преживеаните тврделе дека биле злоупотребувани на тој имот, вклучително и сведочењето на Ени Фармер, која за време на судењето на Гислејн Максвел во 2021 година го обвинила Епстин дека ја злоупотребувал на тој ранч.
Двопартискиот одбор на Претставничкиот дом на Ново Мексико ќе собира сведоштва од преживеани и планира јавно именување на осомничените сторители.
Пратениците истакнуваат дека ранчот долго време бил надвор од дометот на правдата и дека истрагата има за цел обновување на довербата на јавноста и заштита на безбедноста на граѓаните.
Сегашните сопственици на ранчот, семејството на поранешниот сенатор од Тексас, Дон Хафинс, вети целосна соработка.
Првиот состанок на одборот е закажан за вторник, а привремениот извештај до Претставничкиот дом мора да биде поднесен до 31 јули, додека конечниот извештај се очекува до 31 декември, вклучувајќи и препораки за понатамошни постапки.

