Свет
170 Палестинци помлади од 18 години загинаа на Западниот Брег од 7 октомври 2023 година
Најмалку 170 Палестинци помлади од 18 години се убиени во израелските напади на окупираниот Западен Брег, а повеќе од 1.400 се повредени од 7 октомври минатата година, соопшти хуманитарната организација „Спасете ги децата“.
Организацијата наведува дека бројот на палестински деца убиени во израелските напади на окупираниот Западен Брег е двојно зголемен од 7 октомври минатата година, објави „Скај њуз“.
Од 170 загинати деца, 70 биле на возраст под 15, а четири на возраст под девет години, се прецизира во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маск за помилувањетo на Хантер Бајден: Законот очигледно не е ист за сите и постојат и такви што се над него
Американскиот милијардер и сопственик на социјалната мрежа „Х“, но и идниот шеф на Одделот за владина ефикасност во новата администрација на новоизбраниот претседател Доналд Трамп, Илон Маск реагираше на веста дека актуелниот претседател Џо Бајден сепак одлучил да го помилува неговиот син Хантер во случаите што против него беа поднесени пред американското правосудство.
Имено, додека се уште беше во трка за втор мандат, претседателот Бајден на социјалната мрежа на Маск, во времето кога се водеа постапки против неговиот син, а подоцна и новоизбран претседател Трамп, тврдеше дека „никој не е над законот“, јасно алудирајќи дека законот исто важи и за неговиот син како и за претседателот Трамп.
Сепак, нешто повеќе од еден месец пред официјално да му ја предаде функцијата на новоизбраниот претседател Трамп, Бајден одлучи да го помилува својот син во постапката за затајување данок и нелегално поседување оружје, анализираат медиумите.
Маск објави скриншот од твитот на Бајден од мај оваа година, со коментар дека „белешките на заедницата кинат“, повикувајќи се на белешка од членовите на мрежата „Х“, кои го поврзаа твитот на претседателот Бајден со веста на „AP News“ за помилувањето на Хантер Бајден, со опис:
„Простувајќи му на својот син Хантер, не само за едно злосторство, туку и за сите реални и потенцијални злосторства што можеби или не ги направил во изминатите 11 години, Џо Бајден јасно стави до знаење дека некои луѓе се, всушност, над закон“.
Твитот на Маск досега собра повеќе од 5,7 милиони прегледи на интернет.
Свет
Осум лица побегнаа од притворниот центар во Ница
Осум лица побегнале од притворниот центар во францускиот град Ница, а деветтиот бегалец е уапсен, соопштија денеска полициски и судски извори.
Притворниот центар во Ница може да прими 40 луѓе, а се наоѓа во поранешна касарна, која е претворена во полициска станица.
Како што соопштија од полицијата, во центарот се сместени голем број мигранти, кои по излегувањето од затвор треба да бидат вратени на граница.
За безбедносните мерки во центарот и околу центарот задолжени се 70 припадници на граничната полиција, кои се менуваат, јавува „Танјуг“.
Свет
Тринаесетгодишно девојче исчезна во Франција пред 7 дена: не дошла на училиште
Случајот со исчезнувањето на 13-годишната Морган Ривоал ја потресе Франција. Девојчето исчезнало на 25 ноември откога тргнала на училиште до кое никогаш не стигнала. Морган излегла од својата куќа минатиот понеделник во 7.15 часот и оттогаш се води за исчезната. И покрај многуте напори на полицијата, членовите на семејството, пријателите и доброволците, девојчето сè уште не е пронајдено.
Морган исчезна во областа Армор Коуст. Нејзиното исчезнување го пријавила мајка ѝ во полициската станица во Гингамп минатиот понеделник околу 11.40 часот кога дознала дека ќерка ѝ не се појавила на училиште, според локалните медиуми.
Наставниците ѝ се јавиле на мајката околу 9.30 и ѝ рекле дека Морган не се појавил на час. Инаку, училиштето е на околу пет километри од нејзината куќа.
Според написите, на мистериозното исчезнување на девојчето му претходела расправија со родителите. Претходниот викенд Морган се расправала со татко ѝ и со мајка ѝ за користењето на социјалните мрежи.
По повишен тон, таткото ѝ го одзел телефонот на Морган, ја извадил СИМ-картичката и наводно ѝ го скршил мобилниот. Според сведочењето на пријател на исчезнатото девојче, Морган некако успеала на мрежите да објави дека в понеделник нема да дојде на училиште.
Во неделата Морган била дома со своите браќа и сестри, а нејзиниот татко цел ден бил на работа. Следното утро, околу 7.15 часот, Морган ја напуштила куќата и се упатила кон автобуската станица за да оди на училиште.
„Родителите не виделе кога таа излегла од дома, но се јавила од вратата, како и секогаш“, рекла обвинителката.
Кога неколку часа подоцна била пријавена за исчезната во полиција, сите првично поверувале дека тинејџерката побегнала затоа што им била лута на родителите иако тоа никогаш претходно не го направила. Меѓутоа, како што минувале часовите, а неа ја немало, сите почнале да се грижат.
Жандармеријата на 25 ноември во вечерните часови, т.е. во 19.42 часот, го објави првиот апел на социјалните мрежи, со кој ја информира јавноста дека девојчето го нема.
„Во моментот ја бараме Морган Ривоал (13), која утрово излегла од дома, но не стигнала на училиште. Висока е 154 сантиметри, има нормална градба, долга брановидна кафеава коса и зелено-сини очи и розов ранец со неа“, се наведува во соопштението.
Граѓаните загрижени се вклучија во опсежна потрага. Во петокот, на 29 ноември, повеќе од 800 луѓе ја бараа Морган. Полицијата изнајмила и чамци, кои ги проверувале водните патишта во близина на нејзината куќа во градот Пабу.
Полицијата го пребарала теренот пеш, со велосипеди и со автомобил, а во потрагата бил вклучен и хеликоптер, кој неколкупати го прелетал подрачјето. Сепак, тие не успеале да ја најдат.
Во исто време, сите членови на нејзиното семејство неуморно ја бараат. За време на викендот 50 жандарми континуирано го пребаруваа теренот, но сè уште нема трага од Морган.
Аурора и Џоан Ривоал, родителите на исчезнатото девојче, на социјалните мрежи ги повикуваат граѓаните да им помогнат во потрагата по неа. Но, бидејќи сè уште ја нема, од Обвинителството најавија дека денеска ќе ѝ се обратат на јавноста, пренесуваат медиумите во регионот.