Свет
Двајца мртви, тројца ранети пред ноќен клуб
Кумановецот Горан Георгиевски-Мујо (36), кој се наоѓа на црната листа на САД, и неговиот пријател Ненад Вељковски-Чавка (24) се убиени, а тројца нивни пријатели се ранети, во вчерашната полноќна престрелка пред клубот “Линка”, во центарот на Куманово.
КРВАВА НОЌ ВО КУМАНОВО
Кумановецот Горан Георгиевски-Мујо (36), кој се наоѓа на црната листа на САД, и неговиот пријател Ненад Вељковски-Чавка (24) се убиени, а тројца нивни пријатели се ранети, во вчерашната полноќна престрелка пред клубот “Линка”, во центарот на Куманово. Убиството го извршил газдата на клубот Горан Стојковски-Линка, а мотив бил физички напад на Мујо врз најстариот син на Стојковски – Марко. По пукањето осомничениот за убиство избегал со својот автомобил.
Според очевидците, Георгиевски и Вељковски пристигнале пред ноќниот бар околу еден часот по полноќ со црн џип и го паркирале среде коловозот.
Тие биле заедно со Роберт И. (33), брачната двојка Марина (32) и Драган Илиќ (34) и со Љ.М. (24) и А.С. (24), сите од Куманово. Расправијата пред ноќниот клуб почнала кога Марко Стојковски (22) не му дозволил на Георгиевски со друштво да влезе во локалот. Георгиевски го фатил за врат младиот Марко и почнал да го дави.
За инцидентот бил известен таткото на Марко, Горан Стојковски. Тој веднаш дотрчал до нив и се обидел да го спаси синот, тегнејќи го Мујо за коса од зад грб. Но тој продолжил да го стега син му за вратот, по што Горан извадил пиштол и испукал осум куршуми во градите на Мујо. Пукањето продолжило, а дел од куршумите завршил во главата на Ненад и во брачната двојка.
Мујо починал на самото место, а Ненад на пат кон Медицинскиот центар во Куманово. Тешкоранетиот Роберт со повреда на главната артерија во левата натколеница итно бил префрлен во Ургентниот центар во Скопје, каде што се бори за живот. Брачниот пар Марина и Драган Илиќ по укажаната медицинска помош, по нивно барање биле пуштени на домашно лекување.
– Пукотницата ја избегнав за “влакно”. Само што излегов од локалот слушнав пукање и кога се свртев видов човек како паѓа – раскажува очевидец.
Началничката на службата за аналитика во кумановската полиција,
Даница Јовановска, информираше дека преземаат мерки за пронаоѓање и приведување на сопственикот на локалот, Горан Стојковски, осомничен за убиствата. Веднаш по пукотницата биле приведени неколку очевидци, кои по информативниот разговор биле ослободени. Полицијата во интерес на истрагата не информираше за други технички детали од крвавиот инцидент.
Кумановската чаршија шпекулира дека газдата Стојковски и Мујо се договориле тој да не влегува во ноќниот клуб “Линка”. Мујо до вчера го почитувал договорот.
Досега во Куманово имало неколку обиди за убиство на Горан Георгиевски-Мујо. Станува збор за инциденти во кафеаната “Црногорац” и во кафулето “Хациенда”, а под неговиот автомобил, паркиран пред неговата куќа, била подметната и експлозивна направа. Тој бил оженет и татко на две малолетни деца. Против Горан Георгиевски полицијата имала поднесено дваесетина кривични пријави, главно за насилства.
Горан Стојковски-Линка е вдовец, татко на три деца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

