Свет
Медиуми:“Ровер“ пред банкрот
Последниот британски произведувач на автомобили “Ровер“ се наоѓа на работ на пропаст, јавуваат денеска британските медиуми.
Последниот британски произведувач на автомобили “Ровер“ се наоѓа на работ на пропаст, јавуваат денеска британските медиуми. Според “Гардијан“, кооперантите на компанијата, поради неисплатената работа, ја прекинале испораката на делови, британската влада се двоуми дали на “Ровер“ да му додели спасувачки заем од 100 милиони фунти, додека една шангајска автомобилска корпорација размислува дали да создаде заедничка компанија, иако од тоа зависи судбината на “Ровер“. “Фајненшл Тајмс“ и “Индепендент“ прецизираат дека кинеската страна нема намера да влезе во бизнис со “Ровер“, се додека компанијата не биде финансиски стабилна и не остане таква во следните две години. Медиумите нагласуваат дека ако дојде до затварање на “Ровер“, без работа ќе останат околу 6.500 луѓе, што би влијаело и врз индустријата во тој дел на Англија, но извесни влијанија би имало и врз парламентарните избори во Британија што треба да се одржат следниот месец. “Дејли телеграф“ пишува дека компанијата “Форд“, која од “Ровер“ купува мотори, веќе почнала да создава залихи, во случај да дојде до банкрот на британската компанија. /крај/фо/ст/б
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во петок повторно бојкот на маркети во Хрватска, се очекува да има и во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Косово
Потрошувачката платформа „Ало, инспекторе“ најави обновен генерален бојкот на продавниците и услугите поради рекордни цени за петок, 7 февруари и седумдневен бојкот на еден малопродажен синџир од сабота.
Јосип Келемен, советник на платформата „Ало, инспекторе“, рече дека Србија, Босна и Херцеговина, Македонија повторно ќе бојкотираат, а ќе се приклучи и Косово.
„Потрошувачите побараа од нас да не се откажуваме и да продолжиме понатаму. Почнуваме сè повторно: од трговски синџири, пекари, услуги, производи“, изјави Келемен за новинарите во Загреб.
Тој најави дека овој петок ќе се бојкотира секоја форма на купување производи и услуги, а од сабота ќе се одржи и бојкот на еден малопродажен синџир. Граѓаните ќе одлучат за кој ланец ќе биде тоа во анкета објавена на Фејсбук страниците на платформата.
Келемен додаде дека анкетата отворена денеска побудила голем интерес кај граѓаните поради што двапати „падна серверот“.
Според него, трговците не ја разбрале пораката од претходните два генерални бојкоти.
Во Хрватска денеска завршува седумдневниот бојкот на три трговски синџири: Лидл, Еуроспин и ДМ и три производи – флаширана вода, газирани пијалоци и детергенти.
Бојкотите беа поддржани од синдикатите, опозицијата и владата.
Како мерка за помош на граѓаните во борбата против високите цени, Владата одлучи да ја прошири листата на производи со ограничени цени на 70 производи, наместо досегашните 30.
Премиерот Андреј Пленковиќ рече дека државата реагирала, но дека сега мора да се вклучат и други, оценувајќи дека „никој немаше да банкротира ако цените беа малку поумерени“.
Хрватските медиуми пишуваат дека многу хрватски граѓани кои живеат во пограничните области на земјата се повеќе избираат да купуваат во Словенија и Италија, каде што цените на разни стоки се пониски.
Свет
Трамп ќе им забрани на трансродовите лица да учествуваат во училишни спортови
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп денеска ќе преземе мерки против учеството на трансродовите жени во училишните спортски натпревари, изјави извор од Белата куќа за Ројтерс.
Трамп ќе потпише извршна наредба со која ќе се упатат федералните агенции, вклучително и Министерството за правда и Министерството за образование, да го толкуваат законот со кој се забранува полова дискриминација во образовните програми финансирани од федерално ниво како забрана на трансродовите девојки и жени да учествуваат во женски спортови, рече претставникот.
Тој додаде дека Белата куќа ќе го упати Стејт департментот да ги разгледа барањата за виза за трансродовите лица за „измама“, а Вашингтон, исто така, се очекува да го покрене ова прашање во Обединетите нации.
Со мнозинство од 53 „за“ и 47 „за“, републиканците би можеле да го изнесат предлог-законот на гласање, но постои можност предлогот сепак да не биде усвоен, со оглед на правилото на комората според кое 60 членови треба да се согласат за повеќето закони, пренесува Ројтерс.
Само три проценти од американските студенти се идентификуваат како трансродови, но 25 држави воведоа мерки кои им забрануваат да се натпреваруваат против нивниот избран пол.
Предлогот се обидува да го измени Законот за родова дискриминација од 1972 година и ќе бара од училиштата да се придржуваат до дефиницијата за полот „заснована исклучиво на репродуктивната биологија и генетиката на личноста при раѓање“.
Свет
Зеленски ги потпиша законите за продолжување на вонредната состојба и општа мобилизација
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска потпиша закони за продолжување на вонредната состојба и општа мобилизација во Украина, објавено е на веб-страницата на украинскиот парламент.
Вонредната состојба и општа мобилизација во Украина се продолжени за 90 дена, од 8 февруари до 9 мај, пренесува Укринформ.
На 24 февруари 2022 година, Русија започна целосен напад врз Украина.
После тоа, Парламентот 13 пати ја продолжи вонредната состојба и општата мобилизација, потсетува украинската агенција.