Свет
За исчезнувањето на францускиот „Ербас“ не се знае ништо
Потрагата по остатоците од авионот „Ербас А 330-200“, како и истрагата за тоа што точно се случило нема никакви резултати досега. Air France најави дека за околностите во кои можела да се случи несреќата помош ќе побара и од германската авиокомпанија Lufthansа
И покрај информациите за наоѓање дамки во океанот од керозин и делови од авионот на местото на претпоставениот пад на авионот од летот AF-447 од Рио де Жанеиро до Париз, се’ уште изостануваат официјални информации, а сите претпоставки што се случило со воздухопловот се можни, велат француските медиуми повикувајќи се на соопштенија од компанијата и од француската влада.„Ниедна хипотеза засега не надвладува. Единствено во што сме сигурни е дека од авионот немало повици за помош, туку само три минути редовни автоматски предупредувања за престанување на работата на сите системи. Освен трите авиони за потрага на море кои се активни, ќе биде вклучен и извидувачки авион ’Авакс’ кој носи радари“, рекол францускиот премиер Франсоа Филон во Националното собрание.Покрај авионите, Франција во водите каде исчезна авионот на Air France со 228 патници и членови на екипажот го испрати и истражувачкиот брод „Pourquoi paс“ („Зошто да не“), опремен со два робота специјално дизајнирани за истражување на големи длабочини од шест илјади метри. Најголемата длабочина на водите во кои се претпоставува дека авионот исчезна изнесува 4.700 метри. Податоците за временската ситуација кога во неделата исчезна „Ербас“-от, Air France ќе ги добие и од германската Lufthansа, чии два авиона во тоа време летале во истото подрачје. Светската метеоролошка организација (WMO) во вторникот соопшти дека има прелиминарни податоци од два авиона за температурата и ветровите, но не и за турбуленции, бидејќи за тоа немаат соодветна опрема. Нејзиниот директор Херберт Пеумпел изјавил дека е малку веројатно дека гром или невремето би можеле да бидат причина за несреќата, но дека можеле да придонесат. „Два авиона на Lufthansа биле во близина на авионот на Air France, но не знаеме кое е точното место на несреќата, па е проблематично колку биле блиску. Тешко е да се процени колкава ќе биде точноста на податоците, но се’ ќе биде искористено во истрагата“, рекол Пуемпел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Странски турист испадна од кабина на жичницата на планината Дурмитор во Црна Гора
Еден странски турист загина, а тројца се спасени во несреќа на жичницата на планината Дурмитор во Црна Гора. Тамошните медиуми објавија дека двајца германски државјани испаднале од својата кабина, од кои еден починал, додека неговата сопруга е тешко повредена.
По неколкучасовниот прекин на работата на жичницата поради несреќата, спасени се тројца странски туристи кои беа заглавени на стрмниот и непристапен дел на скијалиштето на Дурмитор. Тие беа заглавени во горниот дел на жичницата, каде што температурите се пониски.
Црногорските медиуми објавија дека несреќата се случила откако жичницата поради дефект тргнала наназад, при што двајцата Германци испаднале од кабината.
Свет
Поради зимата во Газа умираат бебиња и деца, повик до Израел да дозволи помош
Организацијата „Лекари без граници“ (Médecins Sans Frontières – MSF) вчера предупреди дека бебиња и деца во Појасот Газа умираат од студ поради тешките зимски услови и го повика Израел да ја ублажи блокадата на хуманитарната помош, додека, како што наведуваат, воените дејствија продолжуваат и покрај примирјето.
МСФ соопшти дека во јужниот дел на Газа, во Кан Јунис, од тешка хипотермија починало прерано родено бебе на 29 дена, истакнувајќи дека зимата во комбинација со исклучително лошите животни услови значително ги зголемува здравствените ризици, пренесе Ал Џезира.
Според податоците на Министерството за здравство на Газа, бројот на смртни случаи поради екстремните временски услови достигнал 13, додека претходно оваа недела од студ починало и двонеделно бебе поради недостаиг на соодветно засолниште и облека.
Шефот на педијатриско-акушерското одделение во Медицинскиот комплекс „Насер“ Ахмед ал-Фара предупреди дека хипотермијата е исклучително опасна за новороденчињата и дека доколку на семејствата во шаторите не им се обезбедат средства за греење и соодветно сместување, бројот на смртни случаи ќе расте.
МСФ наведува дека бележи висок пораст на респираторни инфекции, кои во текот на зимата би можеле дополнително да се шират, особено загрозувајќи ги децата под пет години.
Во последните недели Газа се соочува со обилни врнежи, силни ветрови и ниски температури, при што повеќе од 53.000 шатори, кои служат како привремено сместување за раселените лица, се оштетени или уништени.
Поради уништената инфраструктура, улиците брзо се поплавуваат, а канализацијата се излева, додека семејствата се принудени да се засолнат во делумно урнати објекти.
Обединетите нации наведуваат дека Израел и натаму спречува испорака на шатори, ќебиња и други основни потреби, додека околу 55.000 семејства претрпеле штета за време на невреме, а оштетени се и просторите наменети за деца, што погодило околу 30.000 деца.
Организацијата „Refugees International“ оцени дека хуманитарната помош во Газа пристигнува во минимални количини, делумно поради списокот на „контролирани предмети“, кој, според наводите, вклучува и основни потреби како пелени, завои и шатори.
Свет
Брз патнички воз уби седум слонови на пруга во Индија
Седум диви азиски слонови загинаа, а еден мал е повреден кога брз патнички воз се судрил со крдо кое ја преминувало пругата во североисточната индиска сојузна држава Асам, соопштија локалните власти.
Машиновозачот забележал крдо од околу 100 слонови и ги употребил сопирачките за итни случаи, но возот сепак удрил во дел од животните, изјави портпаролот на Индиските железници, Капинџал Кишор Шарма.
Пет вагони и локомотивата излетале од шините по сударот, но немало човечки жртви.
Ветеринари извршиле обдукција на угинатите слонови, кои дополнително треба да бидат погребани.
Местото на несреќата е шумско подрачје на околу 125 километри југоисточно од главниот град на Асам, Гвахати.
Возот „Раџдани експрес“, кој сообраќал од Саиранг во државата Мизорам која се граничи со Мјанмар, бил на пат кон главниот град Њу Делхи со 650 патници кога удрил во слоновите.
Сударите на возови и диви слонови не се ретки во Асам, каде што живеат околу 7.000 диви азиски слонови, што претставува една од најголемите концентрации во Индија. Од 2020 година, најмалку десетина слонови биле убиени на овој начин.

