Свет
Во Индонезија 529 загинати од земјотресот
Вториот силен земјотрес што ја потресе западна Индонезија во четвртокот ги попречува спасувачките екипи да дојдат до илјадниците луѓе останати под урнатините, а бројката на загинати веќе се искачи на повеќе од 529
Бројот на жртвите од средата по земјотресот со јачина 7,6 степени на островот Суматра се очекува да се зголеми бидејќи се’ уште трае спасувањето од под урнатините во густо населените делови од градот. Вториот земјотрес од утринава со јачина 6,8 степени предизвика дополнителни штети врз стотици објекти, а некои области се отсечени. „Не смее да се потценува катастрофата. Треба да се подготвиме за најлошото. Ние ќе сториме се’ што можеме за да им помогнеме на жртвите”, изјави претседателот Сусило Бамбанг Јудхојоно од Џакарта пред да полета за погодениот град Паданг. Вкупно 529 лица се загинати и 440 се во критична состојба, потврдиле од кризниот центар при индонезиското министерство за социјала. Тие додадоа дека во Паданг 376 од овие случаи се во градот кој има 900 илјади жители, а другите случаи се во други четири области. Претседателот Бамбанг нареди на војската да се распореди во кризните региони во Џакарта, во провинциите во Западна и Северна Суматра, и да почнат да ја употребуваат механизацијата за расчистување на урнатините. Сите сили на спасувачките екипи се насочени кон Паданг каде што според првичните информации најмалку 500 објекти се урнаа или беа сериозно оштетени во средата навечер, а притоа избувнаа и три големи пожара. Американскиот геолошки центар соопшти дека епицентарот на земјотресот бил на 240 километри јужно од Паданг. Сиромашната Индонезија лежи на многу нестабилна геолошка зона и често е погодена од земјотреси. Последните земјотреси на истата раседлина се случија и во 2004 г. кога беше предизвикано големо азиско цунами во кое загинаа 230 илјади луѓе во десетина земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во руски напад на Павлоград загинаа 12 лица
Во нападот на руски дронови што утрово беше извршен врз градот Павлоград загинаа 12 лица, а ранети се седуммина, соопшти шефот на воената управа на Дњепропетровската област, Александар Ганжа.
– Непријателско беспилотно летало експлодираше покрај службен автобус на едно од претпријатијата во Павлоградскиот округ. Според прелиминарните информации, 12 лица загинаа, а седуммина се повредени, се наведува во објавата на Ганжа.
Во исто време во руско бомбардирање на градот Славјанск во Доњецката област утрово загина 43-годишна жена, а уште една е ранета.
– Загина 43-годишна жена, жителка на Краматорск. Мое искрено сочувство до нејзиното семејство и пријателите. Една мештанка е повредена, информира началникот на воената управа на Славјанск, Вадим Љах.
Тој потврди дека во нападот се оштетени 14 повеќекатници, три автомобили, филијала на Нова пошта и деловен центар.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Свет
Две лица загинаа во најновите руски напади со дронови врз Украина
Маж и жена загинаа во украинскиот град Днипро откако Русија изврши нов бран напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска официјални лица.
Во нападот избувнал пожар, а една куќа е целосно уништена, изјави воената гувернерка Олександр Ханжа во објава на Телеграм.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила вкупно 90 напади со дронови низ целата земја, од кои околу десетина завршиле со директни погодоци.
Нападите се случуваат во време кога руски и украински претставници денеска треба да се сретнат во Абу Даби на нови разговори за можен крај на војната.
Разговорите следуваат по слична средба одржана минатата недела, прва по подолга пауза, но овојпат без присуство на американски посредници.
Со цел создавање позитивна основа за разговорите, Русија го прифати барањето на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура, откако претходните напади врз електраните оставија илјадници луѓе без струја, греење и вода, при температури под нулата.
Според Кремљ, ограничениот прекин на огнот треба да трае до денеска.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат работите за обновување на снабдувањето со електрична енергија по вчерашниот прекин, предизвикан од дефект на далноводите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 1.000 домаќинства и натаму се без греење, откако тешкото руско бомбардирање ја оштети електроенергетската и топлинската инфраструктура на главниот град.

