Свет
Во судар на возови загинаа 21 Индиец

Воз во движење удрил во друг воз што стоел на станица во Индија, вчера, при што 21 патник загинале, повредени се десетици, соопштуваат надлежните
При сударот вагоните се извиткале, а на спасувачите им требало неколку часа за да го пресечат железото и да стигнат до патниците заробени во внатрешноста на возот, пренесува Ројтерс.
Несреќата се случила кога возот Гоа Сампарк Кранти Експрес во движење се удрил во Мевр Експрес додека тој стоел на железничката станица во градот Матура. Двата воза се движеле кон Њу Делхи.
Локалните власти соопштиле дека 21 лице се пронајдени мртви. Повеќе од 20 луѓе кои биле сериозно повредени, пренесени се во неколку болници.
Се уште не е познато како се дозволило двата воза да бидат на исти шини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп му пиша на Кси: Големи поздрави до Путин и Ким, со кои се заговоривте против нас

Додека во Пекинг се одржуваше голема воена парада каде што Кина презентираше ново оружје, американскиот претседател Доналд Трамп објави порака на својата социјална мрежа преку која ги поздрави и ги обвини за заговор, кинескиот претседател Кси Џинпинг, рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, кои беа заедно на парадата.
„Големото прашање е дали претседателот Кси од Кина ќе ја спомене огромната поддршка и „крв“ што Соединетите Американски Држави ѝ ја дадоа на Кина за да помогнат во обезбедувањето на СЛОБОДАТА од многу непријателски странски напаѓач. Многу Американци загинаа во потрагата на Кина по Победа и Слава. Се надевам дека ќе бидат соодветно почитувани и запомнети по нивната храброст и жртва“, напиша Трамп.
„Нека претседателот Кси и прекрасниот народ на Кина имаат голем и траен ден на прослава. Ве молам, пренесете ги моите најтопли поздрави до Владимир Путин и Ким Џонг Ун додека заговарате против Соединетите Американски Држави“, додаде тој.
Коментарите на Трамп дојдоа додека Кси Џинпинг разговараше со 26 светски лидери, вклучувајќи ги Путин и Ким, за „незапирлива“ Кина која „никогаш нема да биде заплашена од насилници“. Парадата беше искористена и за да се претстави нова генерација оружје, вклучувајќи нуклеарни ракети, ласерски системи и поморски беспилотни летала.
фото: принтскрин
Европа
Лавров: Шефовите на делегациите беа во контакт, очекувам преговорите со Украина да продолжат

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денес изјави дека Москва очекува преговорите меѓу Русија и Украина да продолжат, но дека мора да се признаат „нови територијални реалности“ и да се формираат нови системи за безбедносни гаранции.
„За мирот да биде одржлив, новите територијални реалности мора да се признаат и формализираат во меѓународното право“, рече Лавров во интервју за индонезискиот весник „Компас“.
Индиректно реферирајќи на континуираното противење на Москва на приклучувањето на Украина кон НАТО, Лавров рече дека „на Украина треба да ѝ се гарантира неутрален, неврзан и ненуклеарен статус“.
Украина вели дека не е до Русија да одлучува во што Киев може, а што не може да се приклучи, додека НАТО вели дека Русија не може да има вето врз членството во алијансата, која беше основана во 1949 година за да се спротивстави на заканата што ја претставуваше Советскиот Сојуз.
Лавров рече дека шефовите на руската и украинската делегација биле во директен контакт и дека очекува разговорите да продолжат.
фото: принтскрин
Свет
Русија: Индија сака да купи повеќе од нашите ракетни системи С-400

Москва и Њу Делхи преговараат за зголемување на испораките на руски ракетни системи земја-воздух С-400 за Индија, објави новинската агенција ТАСС, повикувајќи се на висок руски службеник за извоз на одбрана.
„Индија веќе го има нашиот систем С-400, но постои потенцијал за проширување на соработката и во оваа област“, го цитираше ТАСС Дмитриј Шугаев, раководител на руската Федерална служба за воено-техничка соработка, додавајќи дека страните „моментално се во фаза на преговори“.
Индија потпиша договор од 5,5 милијарди долари со Русија во 2018 година за пет ракетни системи земја-воздух С-400 Триумф со долг дострел, за кои Њу Делхи вели дека им се потребни за да се спротивстават на заканите од Кина.
Сепак, испораките на системите се одложуваа неколку пати. Се очекува Москва да ги испорача последните два системи С-400 на Индија во 2026 и 2027 година.
Индискиот премиер Нарендра Моди му рече на Владимир Путин во понеделник дека Индија и Русија стојат рамо до рамо дури и во тешки времиња. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Индија не попуштила пред барањата на САД да престане да купува ресурси од Русија и дека Москва „го цени“ тоа.
фото: принтскрин