Свет
Две третини од Америкаците сметаат дека Клинтон може да биде претседателка на САД

Две третини од Американците се со став дека актуелниот државен секретар Хилари Клинтон е соодветна за функцијата претседател. Тоа се резултати од анкета во САД извршена по порачка на CNN
Шеесет и три отсто од анкетираните сметаат дека Хилари Клинтон е политичар кој има доволно авторитет за да ја води државата. Според тој показател, актуелната државна секретерка има значителна предност пред потпретседателот Џозеф Бајден. Само половината од вкупно 1.814 одговориле дека тој би можел да ги води Соединетите Држави. Понискиот рејтинг на Бајден во споредба со Клинтон одразува пад на довербата кон актуелната администрација на претседателот Барак Обама, коментираше Кијтинг Холанд, шеф на службата за анализа на јавно мислење во CNN. Тој потсети дека исто таква била состојбата со Алберт Ал Гор во администрацијата на Бил Клинтон и со Ричард Дик Чејни во времето кога Џорџ Буш беше претседател. Меѓу останатите личности, CNN ја посочува особено Сара Пејлин, поранешен кандидат за потпретседател во тимот на Џон Меккејн. Таа добила само 28 отсто од гласовите во анкетата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Фото) Аеродромот во Загреб затворен за сообраќај – мал авион слета надвор од пистата

Аеродромот „Фрањо Туѓман“ во Загреб денеска попладне беше затворен за секаков воздушен сообраќај поради инцидент со приватен авион кој се излизгал од пистата, пишува Индекс.
Како што потврдија од аеродромските служби, инцидентот се случил околу 15:21 часот, при слетување на приватен авион од типот Cessna 525. Леталото при слетување проклизнало и завршило на тревната површина покрај пистата.
Според информации од авиокомпанијата, авионот бил празен и во инцидентот нема повредени.
Во моментот се преземаат мерки за отстранување на леталото од пистата, а аеродромот останува затворен до понатамошно известување.
Од Аеродромот „Фрањо Туѓман“ се извинија на патниците за доцнењата на пристигнувачките и поаѓачките летови и најавија дека јавноста ќе биде навремено информирана кога сообраќајот повторно ќе биде воспоставен.
Свет
Масовни протести во Шпанија против корупција

Повеќе од десетици илјади луѓе се собраа денес во Мадрид на демонстрации организирани од главната конзервативна опозициска партија, против владата на социјалистичкиот премиер Педро Санчез, обвинувајќи ја за корупција.
Демонстрантите се собраа на Шпанскиот плоштад во центарот на главниот град, велејќи му на Санчез да „поднесе оставка“.
Народната партија го свика собирот откако протечените аудио снимки наводно покажуваат дека член на Социјалистичката партија води кампања за клевета против полициска единица што истражува обвинувања за корупција, во која наводно се вклучени сопругата, братот и поранешната десна рака на Педро Санчез.
Социјалистичката членка ги негираше обвинувањата, кажувајќи им на новинарите дека спроведувала истражување за книгата и дека не работи во име на партијата или на Педро Санчез, а потоа ја напуштила Социјалистичката партија.
Лидерот на Народната партија, Алберто Нуњез Феихо, ја обвини владата за „мафијашки практики“ во аферата, тврдејќи дека Санчез е во центарот на повеќе корупциски скандали.
Народната партија процени дека повеќе од 100.000 луѓе присуствувале на денешниот митинг под слоганот „Мафија или демократија“.
Владин претставник во Мадрид процени дека на демонстрациите имало помеѓу 45.000 и 50.000 луѓе.
Свет
Тропската бура Барбара се формираше покрај брегот на Мексико

Тропската бура Барбара се формираше покрај југозападниот брег на Мексико, соопшти Националниот центар за урагани во Мајами рано утрово. Не се издадени предупредувања за крајбрежна опасност.
Брзината на ветерот беше околу 75 километри на час со повремени силни налети. Се очекува бурата да прерасне во ураган во понеделник.
Во делови од мексиканските држави Гереро, Мичоакан, Колима и Халиско можни се обилни врнежи од дожд од 5 до 10 сантиметри, а на некои места и до 15 сантиметри. Врнежите од дожд можат да доведат до поплави и лизгање на земјиштето.