Свет
Закажан изборот за нов српски патријарх
Изборот на нов српски патријарх е закажан на 22 јануари наредната година, а од новиот поглавар се очекува решение на спорот со МПЦ
Синодот на Српската православна црква соопшти дека четриесетдневниот помен за патријархот Павле ќе се одржи на 24 декември во храмот Свети Сава, а изборот за нов патријарх на СПЦ ќе биде одржан на 22 јануари наредната година.
Изборот за нов српски патријарх будно ќе го следи и Македонската православна црква, која очекува новиот српски духовен лидер да даде решение на спорот со СПЦ.
Српската црква ќе избира поглавар од членовите на Синодот со кој засега заседава митрополитот црногорско-приморски Амфилохије, како чувар на тронот. Членови на синодот на СПЦ се владиката бачки Иринеј, далматинскиот Фотије, захумско-херцеговскиот Григорије како и митрополитот нишки Иринеј. Во Синодот се и жичкиот и бихачко-петровачкиот Хризостом, кои се митрополити во функција на заменици-членови.
Цариград или Белград?
Вселенскиот патријарх Вартоломеј, во својата беседа на погребот на патријархот Павле, рече дека „радоста од решението на расколот со Скопје“ ќе ја доживее следниот српски патријарх. Ваквиот став ветува брзо решавање на спорот за автокефалноста на МПЦ која е спорна за СПЦ.
Архиепископот г.г. Стефан во изјавата на патријархот Вартоломеј гледа охрабрување, бидејќи со ова се покажува дека сите досегашни обиди за решавање на спорот преку основање паралелна ерархија во Македонија, за Цариград се невалидни.
Неодамна МПЦ кон своето име ја додаде и наставката Охридска архиепископија, што всушност е прецизирање на ставот за автокефалност. Охридската архиепископија беше обновена во лицето на МПЦ во 1967 година, точно 200 години по укинувањето од страна на турскиот султан. Тука ќе кажеме дека и Пеќката и Трновската патријаршија, црквите на нашите соседи, биле укинати од страна на турскиот султан, една година порано од укинувањето на Охридската архиепископија.
Македонскиот народ бил последен во постапката за обновување на својата древна црква бидејќи последен од балканските народи ја стекнал својата посебност – државна, јазична, културна, па и црковна.
Сепак, според црковните канони, автокефалноста треба да ја признае Цариград.
Интересен е податокот дека Цариградската патријаршија, дури 20 години по самопрогласувањето на автокефалноста на Грчката православна црква, го признала нејзиниот статус во 1850 г.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп му даде целосна поддршка на Орбан пред изборите во Унгарија: „Тој е силен и моќен лидер“
Американскиот претседател, Доналд Трамп, јавно го поддржа унгарскиот премиер Виктор Орбан пред парламентарните избори што ќе се одржат на 12 април, порачувајќи дека има негова целосна и апсолутна поддршка за нов мандат.
Трамп пред изборите што ќе се одржат во таа земја, рече дека Орбан е навистина силен и моќен лидер.
„Бев горд што го поддржав Виктор за реизбор во 2022 година и чест ми е што тоа го правам повторно. Виктор Орбан е вистински пријател, борец и победник и ја има мојата целосна и апсолутна поддршка за реизбор за премиер на Унгарија – тој никогаш нема да го изневери големиот унгарски народ“, напиша Трамп во објава на социјалната мрежа „Трут соушал“.
Трамп додаде дека Орбан е навистина силен и моќен лидер, со докажан успех во постигнувањето феноменални резултати.
„Тој неуморно се бори за својата голема земја и народ и ги сака, исто како што јас го правам тоа за Соединетите Американски Држави“, истакна Трамп.
Според него, Орбан вредно работи на заштитата на Унгарија, развојот на економијата, создавањето работни места, промоцијата на трговијата, запирањето на нелегалната имиграција и обезбедувањето закон и ред.
„Односите меѓу Унгарија и Соединетите Американски Држави достигнаа нови височини на соработка и спектакуларни достигнувања под мојата администрација, во голема мера благодарение на премиерот Орбан. Со нетрпение очекувам продолжување на блиската соработка со него, за двете наши земји дополнително да го унапредат овој огромен пат кон успех и соработка“, заклучи Трамп.
Регион
Четиричлено семејство од Албанија почина во Тоскана од труење со јаглероден моноксид
Четиричлено семејство – родителите и нивните две деца, настрадало во својот дом во италијанската покраина Тоскана, поради труење со јаглероден моноксид, соопштија локалните власти.
Според првичните информации, жртвите се таткото Арти, мајката Јонида (43), синот Хајдар (22) и ќерката Џесика (15). Петтото лице од домаќинството е префрлено во болницата Чизанело во Пиза во тешка состојба, но според достапните податоци не е животно загрозено, пренесе Раи Уно.
На местото на настанот интервенирале припадници на противпожарната служба, карабинерите и екипи на итната медицинска помош, пренесе Итaлпрес.
При прегледот на објектот, тројца карабинери исто така добиле полесни симптоми на труење и им била укажана медицинска помош.
Прелиминарната истрага е насочена кон проверка на исправноста на котелот за централно греење, со цел да се утврди причината за трагедијата. Италијанските медиуми наведуваат дека семејството е со потекло од Албанија.
Свет
Лавров до Макрон: Ако сакате сериозен разговор, јавете се, Путин ќе одговори
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги коментираше француските обиди за обновување на дијалогот меѓу францускиот претседател Емануел Макрон и рускиот претседател Владимир Путин.
„Францускиот претседател Емануел Макрон пред околу две недели повторно рече дека ќе го повика Путин“, нагласи Лавров во интервју за државната телевизија „РТ“.
„Знаете, тоа не е сериозно. Тоа е патетична дипломатија. Ако сакате да се јавите и да водите сериозен разговор, тогаш јавете се. Путин секогаш ќе се јави на телефон. Секогаш ќе ги сослуша сите предлози, особено сериозните“, наведе Лавров.
Двајца европски дипломати, кои зборуваа под услов на анонимност, потврдија за Политико дека советникот на Макрон, Емануел Бон, во вторникот ја посетил Москва со цел да го подготви теренот за обновување на директната комуникација меѓу Путин и Макрон.
Според наводите на еден од дипломатите, Бон се сретнал со Јуриј Ушаков, близок соработник на Путин и член на руската делегација во тековните мировни преговори со Украина.
Француските претставници не сакаа ниту да го потврдат, ниту да го демантираат посетата на Бон во Москва. Истото го направи и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кој на редовната прес-конференција изјави дека тоа го прави „од солидарност со француската страна“.
Макрон во вторникот изјави дека се во тек „технички разговори“ со цел повторно воспоставување дијалог со Кремљ, додека неговиот кабинет вчера соопшти дека тие разговори се водат транспарентно „и во консултација со претседателот Зеленски и главните европски партнери“.
Макрон во повеќе наврати истакна дека европските држави треба да водат сопствени директни разговори со Москва.

