Свет
Саркози се залага за двојазична Франција?
Инвазијата на англиски зборови е поголема закана за францускиот национален идентитет од нацистичката окупација, сметаат група самопрогласени бранители на францускиот јазик, пренесуваат европските медиуми
Avenir de la langue française (Иднината на францускиот јазик) и уште осум други групи ја повикаа владата на Франција да стави крај на англиското влијание во Франција, објавувајќи го повикот во два дневни весници во Франција.Цитирајќи го Мишел Серес, водечки француски филозоф, тие предупредуваат: „Има повеќе англиски зборови на ѕидовите низ Париз отколку германски зборови во времето на нацистичката окупација“.Бранителите на јазикот излегоа со податок дека 80 отсто од францускиот идентитет се темели врз употребата на францускиот јазик.Според нив, најголемата окупација со англиски јазик ја прават големите мешани компании, кои своите логоа, како и пораки во рекламите ги прават на англиски јазик. Дури и најбрзиот железнички превозник, СНЦФ има нов билет наречен TGV Family.Унијата на работотдавци има англиски слоган Ready for the future (Подготвени за иднината).Претседателот Николас Саркози, чиј англиски јазик е рудиментиран, како што пишуваат весниците, наместо да го чува и негува францускиот јазик, според бранителите на францускиот јазик, бил опседнат со идејата да ја направи Франција двојазична земја.
Тој воопшто не се залагал за зачуување на употребата на францускиот јазик во институциите на Европската Унија, тврдат тие.
Имено, дури 40 отсто од документите на Европската комисија во 1997 година биле на француски јазик, а на англиски 45 отсто. Во 2008, процентот на француски јазик паднал на 14, наспроти 72 отсто за англискиот, а лани на француски јазик биле напишани 11 отсто од документите. Групите бранители на францускиот јазик бараат голема национална дебата по тоа прашање, затоа што сметаат дела „планираното самоубиство не смее да продолжи во тишина“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Украина го осуди притисокот од Унгарија и Словачка
Министерството за надворешни работи на Украина го осуди и отфрли, како што наведува, притисокот и ултиматумите од владите на Унгарија и Словачка поврзани со снабдувањето со енергија. Од Киев велат дека ваквите потези се провокативни и неодговорни, особено во момент кога Русија извршува масовни напади врз украинската енергетска инфраструктура.
Во соопштението се наведува дека заканите од Будимпешта и Братислава ја загрозуваат енергетската безбедност на целиот регион.
„Во услови кога Москва се обидува да им ги скрати струјата, греењето и гасот на Украинците оваа реторика му помага на агресорот и истовремено им штети на енергетските компании од Унгарија и Словачка“, се вели во соопштението.
Алтернативни начини на снабдување
Украина соопшти дека е во постојан контакт со Европската комисија за последиците од руските напади и дека им доставила информации на Унгарија и Словачка за оштетувањата на нафтоводот Дружба. Работите за стабилизирање на инфраструктурата продолжуваат и покрај постојаната закана од нови ракетни удари.
Киев, исто така, понудил алтернативни начини за снабдување со неруска нафта за Унгарија и Словачка.
„Украина секогаш била, е и ќе остане доверлив енергетски партнер на Европската унија и транзитна земја за енергенси“, се вели во соопштението.
Украина најави дека може да активира Механизам за рано предупредување предвиден со Договорот за асоцијација со ЕУ, поради како што велат, неоснованите закани.
Киев ги повика владите на Унгарија и Словачка на конструктивна соработка, истакнувајќи дека ултиматумите треба да се испраќаат до Кремљ, а не до Украина.
Закани од Словачка и Унгарија
Словачкиот премиер, Роберт Фицо, порача дека ќе ја прекине итната испорака на електрична енергија за Украина ако Киев во рок од два дена не продолжи со испорака на руска нафта кон Словачка. Словачка, заедно со Унгарија, е една од ретките земји на ЕУ што сè уште зависи од руска нафта преку нафтоводот Дружба.
И унгарскиот премиер, Виктор Орбан, се закани дека Унгарија може да ја запре испораката на електрична енергија за Украина ако не се обнови транзитот на нафтата. „Ако тоа го запреме, може да се случат сериозни последици“, рече Орбан.
Прекин на испораката на нафта
Испораката на руска нафта преку нафтоводот Дружба е прекината од 27 јануари, откако според Украина, руски дрон нападнал опрема во западна Украина. Словачка и Унгарија во последните денови ја заострија својата реторика за продолжување на снабдувањето.
Од октомври минатата година, Русија го засилила нападите врз украинскиот енергетски систем, уништувајќи снабдување со струја и топлина. И покрај војната, Украина продолжува да дозволува користење на својот територија за извоз на руска енергија во Европа, иако таа е значително намалена.
Свет
Американски професор по право: Трамп ризикува нови тужби за најновите царини
Американскиот професор по право, Алан Б. Морисон, изјави дека би бил „шокиран“ ако не следуваат нови тужби против Доналд Трамп поради најновите глобални царини што американскиот претседател ги воведе за увоз во САД.
Морисон, професор на Правниот факултет на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“, за Sky News изјави дека Трамп „се обидува да направи многу работи што според законот не може“.
„Вчера рече дека ќе воведе давачка од 10 отсто, денес е 15 отсто, утре може да биде 25 отсто“, истакна професорот.
Претходно Трамп порача дека новата глобална царина од 15 отсто за увоз стапува на сила веднаш и дека станува збор за максималната стапка што може да ја наметне според постојното законодавство.
Морисон предупреди дека претседателот има „страшна буџетска нерамнотежа“ и дека би можел да мора да врати околу 150 милијарди долари на увозниците, што би претставувало „голем проблем за него“. Парите се од претходно воведените царини кои Врховниот суд ги прогласил за незаконски, но Трамп инсистира дека нема да бидат вратени.
Професорот објасни дека Трамп можел да воведе нови царини преку други закони кои во одредени околности тоа дозволуваат, со цел да се обиде да надомести дел од загубите од претходните царини.
Свет
Трамп ги зголемува новите царини од 10 на 15%
Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека ќе воведе глобални царини од 15%, продолжувајќи да се спротивставува на одлуката на Врховниот суд со која се укинати неговите претходни царини за увоз.
Трамп во петокот изјави дека ќе ги замени царините што ги укина судот со данок од 10% на сите стоки што влегуваат во САД.
Но, сега на „Truth Social“ тој објави дека ова ќе се зголеми на 15%.
Новите царини ќе стапат на сила во вторник, 24 февруари, и можат да останат на сила само околу пет месеци пред администрацијата да мора да побара одобрение од Конгресот.

