Свет
САД и Русија го договорија START 2
„САД и Русија постигнаа најсеопфатен договор за контрола врз вооружувањето во последните две децении“, изјави американскиот претседател
Во изјава од Белата куќа, претседателот Барак Обама соопшти дека со овој договор кој трерба д асе потпише на 8-ми април во Прага, за околу една третина се намалува нуклеарното оружје кои двете супер сили ќе го разместат. Оваа изјава дојде по конечниот договор и прецизирањето ан текстот на договорот со рускиот претседател Дмитриј Медведев.Новиот Договор за ограничување на стратешкото вооружување (START) ќе има важност од десет години а се надоврзува на претходниот ваков договор кој важеше од 1991 до крајот на 2009 г. На него преговарачите работеа од април 2009 г. Разговорите беа тешки, бидејќи имаше големи разлики околу верификацијата, вклучувајќи ги инспекциите на самите арсенали, како и околу проектилите кои ги носат нуклеарните боеви глави. „Со договорот значително ќе се намали бројката проектили и лансери. Со него се воспоставува силен и ефектен верификациски режим. Тој ја одразува флексибилноста која ни е потребна за да ја заштитиме и унапредиме нашата национална безбедност, и ја гарантиран нашата непоколеблива предаденост на безбедноста на нашите сојузници“, изјави Обама, додавајќи дека контролата во вооружувањето е на врвот од приоритетите на неговата администрација. Според податоците за новиот START, кои ги објави Белата куќа, двете земји се обврзале значително да го намалат стратешкото вооружување во рок од седум години од неговото стапување на сила. Тој ќе стапи откако по потписите на претседателите врз него, ќе биде ратификуван и од руската Дума и од американскиот Сенат. START 2 предвидува ограничување на разместувањето на нуклеарните боеви глави на 1.500 за секоја од страните. Тоа е ниво за 74 отсто помало од она од претходниот договор START 1 од 1991 г., и за 30 проценти пониско од она предвидено со Московскиот договор од 2002 г. Комбинираната бројка разместени и неразместени копнени и поморски лансери на интерконтиненталните балистички проектили (ICBM), како и на тешките бомбардери опремени да носат нуклеарно оружје, се ограничува на по 800 за секоја од потписничките на договорот. Со овие ограничувања се преполовени и одредбите за системите за испорачување на нуклеарното оружје. Според податоците што претходно ги објави Федерацијата на американските научници (FAS), САД моментално имаат разместени 2.100 а Русија 2.600 стратешки боеви глави. Двете земји неколку години наназад еднострано ги намалуваа бројките на лансери (ICBM), па така според истите податоци САД имаат сега помалку од 1.200 а Русија околу 800, колку и што се предвидува со новиот договор.Верификацискиот режим за кој зборуваше американскиот претседател предвидува теренски инспекции, размена на податоци и информации.Меѓутоа, потврдено е дека договорот не содржи ограничување за тестирање, развој и разместување на веќе постојните или планирани американски програми за одбрана од проектили или за постојните или планираните капацитети за конвенционални напади од долг дострел, потврди Белата куќа. Според американските медиуми, оваа одредба била една од најспорните точки од преговорите, бидејќи Русија бараше со договорот да се ограничат и системите за одбрана од проектили. Државната секретарка Хилри Клинтон и министерот за одбрана на САД, Роберт Гејтс во петок изјавија дека промените нема да ја загрозат способноста на земјата да се заштити самата и нејзините сојузници. Како што пишуваат американските медиуми, Обама планира да отвори и втор круг од преговорите за натамошно намалување на нуклеарните арсенали, во кои би биле опфатени веќе складираните нуклеарки и тактичките атомски бомби, а на крајот смета во преговорите да бидат вклучени и другите нуклеарни сили, како Кина, Велика Британија, Франција итн. По потпишување на договорот со Медведев, на 12. и 13-ти април, во Вашингтон Обама организира самит на 45 држави посветен на спречувањето на ширењето нуклеарно оружје и материјали. Во мај, пак во Њујорк светските лидери ќе имаат редовна конференција за ревизија на спроведувањето на Договорот за неширење на нуклеарното оружје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Рејтингот на Трамп достигна ново најниско ниво
Поддршката за американскиот претседател Доналд Трамп падна на најниско ниво во неговиот втор мандат, покажува нова анкета.
Според анкета спроведена од The Washington Post, ABC News и Ipsos, 60 проценти од возрасните Американци не го одобруваат работењето на претседателот, додека 39 проценти го поддржуваат.
Истражувачите велат дека рејтингот на неодобрување од 60 проценти е највисок од нападот врз американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година, на крајот од неговиот прв мандат. Како што истакнуваат, ова е најниското ниво на поддршка во тековниот дел од неговиот втор мандат.
Рејтингот на претседателот би можел да игра клучна улога на претстојните среднорочни избори, на кои ќе се изберат претставници и сенатори во клучните федерални држави. Исходот би можел да го промени балансот на моќта во Вашингтон, бидејќи Републиканската партија се стреми да одржи тесно мнозинство во двата дома на Конгресот. Иако Трамп нема да биде директно на гласачкото ливче, изборите се сметаат за еден вид референдум за неговите перформанси.
Анкетата беше спроведена од 12 до 17 февруари меѓу 2.589 возрасни лица, со маргина на грешка од ±2 процентни поени.
Статистичарот и политички аналитичар Нејт Силвер минатата недела објави на својот блог „Силвер билтен“ дека рејтингот на одобрување на Трамп паднал на нето минус 15 поени, со 40,5 проценти одобрување и 55,5 проценти неодобрување, што исто така го означува најниското ниво од неговиот втор мандат. До недела, тој резултат малку се подобри на минус 13,6 поени.
Во исто време, анкетата од 5 до 8 февруари спроведена од Асошиејтед Прес и NORC на Универзитетот во Чикаго покажа дека Трамп има 36 проценти одобрување и 62 проценти неодобрување, нето минус 26 поени, што е изедначување на неговиот најнизок резултат во ноември со истиот анкетар.
фото/Depositphotos
Свет
Поранешен шеф на ДЕА: За фаќањето на Ел Менчо заслужно е Мексико, а не Трамп и Америка
Соединетите Американски Држави се обидуваат да ја преземат заслугата за вчерашната операција предводена од мексиканските сили, изјави поранешниот шеф на Агенцијата за борба против дрога на САД.
Синоќа насилството се прошири низ Мексико откако еден од најбараните мексикански нарко-босови, Ел Менчо, беше убиен во акција.
Во разговор за канадската CBC News, поранешниот висок функционер на Администрацијата за борба против дрога (ДЕА), Мајк Вигил, рече дека операцијата е спроведена со поддршка на американското разузнавање, но дека тоа не е победа што Вашингтон би можел да ја прогласи.
„Администрацијата на Доналд Трамп се обидува да ја преземе заслугата за оваа операција, која е 100 проценти дело на Мексико… и тие ја заслужуваат целата заслуга“, рече Вигил.
Трамп претходно на својата социјална мрежа Truth Social објави дека Мексико мора „да ги зголеми напорите против картелите и дрогата“.
Вигил, исто така, оцени дека ликвидацијата на водачот на картелот Немесио Осегуеро Сервантес, познат како „Ел Менчо“, ќе предизвика психолошки превирања во неговата организација, бидејќи членовите го сметале за „непобедлив“.
фото/ЕПА
Свет
Повеќе од илјада луѓе заробени во зоолошка градина во Мексико, меѓу нив има и деца
Повеќе од 1.000 луѓе, вклучувајќи деца, беа заробени преку ноќ во зоолошка градина во Гвадалахара и беа принудени да ја поминат ноќта во автобуси поради насилството во областа.
За потсетување, насилството се прошири низ Мексико синоќа откако еден од најбараните нарко-босови во Мексико, Ел Менчо, беше убиен.
Повеќе од 50 луѓе беа убиени во последователните судири меѓу картелите и државните сили, а улиците на градовите на западот од земјата се празни.
Директорот на зоолошката градина, Луис Сото Рендон, рече дека некои семејства од држави како Закатекас и Мичоакан биле блокирани речиси 24 часа.
„Одлучивме да им дозволиме на луѓето да останат во зоолошката градина за нивна безбедност“, рече Сото. „Меѓу нив има мали деца и постари лица.“
Сепак, утрово, мајки со мали деца беа видени како излегуваат од автобуси, додека полициски возила ја обезбедуваа областа околу зоолошката градина.
фото/ЕПА

