Свет
Отпуштен од работа убил осум колеги и себе
Вооружен маж отворил оган врз работници на компанија за дистрибуција на пиво и вино во сојузната американска држава Конектикат и уби осум колеги а потоа се самоубил, соопшти локалната полиција
Претходно се шпекулираше дека има три заганитаи и три ранети работници.Компанијата Hartford Distributors од градот Манчестер во североисточната американска држава ја повикала полицијата во времето на смената на работниците во која биле 35 до 40 луѓе, а според други процени, бидејќи било крај на смената во кругот имало дури 70 работници . „Убиени се девет лица, меѓу кои е осомничениот за пукањето. Полицијата се обидува да ги идентификува жртвите и да ги извести роднините“, соопштил претставника на локалната полиција пренесе Assocated press. Напаѓачот е работник на компанијата кој од управата бил повикан за низа дисциплински проблеми, а по пукањето бил најден мртов по четириесет минути од доаѓањето на полицијата. Како што пренесува Foxnews, полициски извори рекле дека напаѓачот бил пронајден со прострелна рана откако тие преку полициски посредувач разговарале со него, но нагласиле дека полицијата не пукала во него. Покрај деветте жртви, уште два работника биле тешко ранети но се наоѓале вон животна опасност. Меѓу застреланите бил и братучедот на сопственикот на компанијата, кој е потпретседател во истата а бил ранет во раката и во лицето. Според информациите на локалниот весник Hartford Courant, станува збор за 34-годишен афроамериканец Омар Тортон, кој работел како возач во компанијата. Според неговите пријатели тој бил жртва на расистички вербални напади на работното мест, а надлежните орани не сториле ништо да го заштитат. Истото за локалните телевизии го изјавила и мајката на неговата девојка,. Меѓутоа, од синдикатот рекле дека од него не примиле такви поплаки, а ниту се пожалил на некоја невладина организација. Дополнителн хаос во кругот на претпријатието предизвикал и пожарот што избил но бил набрзо изгаснат.Тортон во компанијата работел две години и во вторник бил повикан на дисциплинско сослушување. Еден од синдикалците во компанијата рекол дека тој бил фатен во кражба на пиво и дека притоа бил снимен со камера.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Француската агенција за храна: Електронските цигари носат ризици по здравјето
Француската агенција за храна, животна средина и здравје при работа (ANSES) денеска соопшти дека електронските цигари се поврзани со потенцијални среднорочни и долгорочни здравствени ризици, вклучувајќи кардиоваскуларни, респираторни и канцерогени последици, иако го признава нивниот потенцијал како привремена алатка за откажување од пушење.
По анализа на околу 3.000 научни студии и извештаи, ANSES заклучува дека ризиците по здравјето се поврзани со вдишување на токсични супстанции, присутни во течностите за е-цигари или создадени при нивното вдишување.
Според агенцијата, електронските цигари со никотин можат да предизвикаат кардиоваскуларни ефекти, како што е покачен крвен притисок, додека ризикот од респираторни и канцерогени ефекти постои и кај производите без никотин.
ANSES истакнува дека корисниците мора да бидат подобро информирани за здравствените ризици, а истовремено е потребно да се обесхрабрат непушачите и младите лица да почнуваат со употреба на електронски цигари.
Агенцијата заклучува дека овие производи можат да се сметаат за преодна опција во рамки на програми за откажување од пушење, но тој период треба да биде краток.
Според Барометарот за јавно здравје на Франција за 2024 година, околу три милиони луѓе во земјата користат електронски цигари.
Свет
Украина и Русија почнаа втор круг мировни преговори во Абу Даби
Украински и руски преговарачи денеска во Абу Даби почнаа втор круг преговори за завршување на војната, со посредство на САД.
Дводневните трилатерални средби следат по изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој рече дека Русија го искористила минатонеделниот „енергетски“ прекин на огнот — договорен со помош на САД — за да натрупа муниција, при што во вторникот нападнала со рекорден број балистички проектили.
„Во Абу Даби започна уште еден круг преговори. Преговарачкиот процес започна во трилатерален формат — Украина, САД и Русија“, соопшти на Телеграм главниот украински преговарач Рустем Умеров.
Тој додаде дека тимовите ќе се среќаваат и во одвоени групи за да разговараат за специфични теми, по што ќе следи заедничка средба за усогласување на ставовите.
Изминатата година, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги охрабруваше и Киев и Москва да најдат компромис за ставање крај на четиригодишниот конфликт, кој започна со руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година. Но, двете страни остануваат на различни позиции околу клучните точки и покрај неколкуте рунди разговори со американски претставници.
Најчувствителни теми се: Барањето на Москва Киев да се откаже од територии кои сѐ уште ги контролира, судбината на нуклеарната централа Запорожје — најголемата во Европа — која се наоѓа на територија под руска окупација. Русија бара повлекување на украинските сили од целата источна област Доњецк, вклучително и утврдените градови кои претставуваат силни упоришта на украинската одбрана. Украина, пак, предлага конфликтот да се замрзне долж сегашната линија на фронтот и одбива какво било еднострано повлекување.
Свет
Повеќе од една третина од случаите на рак во светот можеле да се спречат, покажува нова анализа
Речиси 40 отсто од случаите на рак во светот во 2022 година биле поврзани со причини кои можеле да се спречат, според глобална анализа објавена во вторникот во списанието Nature Medicine.
Анализата е објавена во пресрет на Меѓународниот ден за борба против ракот, кој се одбележува на 4 февруари.
Истражувањето го водела Изабел Сориоматарам од Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC) во Лион, а утврдено е дека тутунот, алкохолот и инфекциите биле најчестите ризик-фактори.
„Околу 30 отсто од карциномите кај жените и 45 отсто кај мажите можеле да се избегнат“, покажува анализата.
Вкупно, од 18,7 милиони нови случаи на рак регистрирани на глобално ниво во 2022 година, околу седум милиони биле потенцијално спречливи, што претставува приближно 38 отсто од вкупниот број.
Истражувачите користеле глобални податоци за да ги поврзат новите случаи на рак со фактори на ризик за кои постои докажана причинско-последична поврзаност со болеста. Истражувањето ги вклучувало и однесувачките ризици како пушење, како и изложеност на еколошки и професионални ризици.
Во субсахарска Африка, 38 отсто од случаите на рак кај жените биле потенцијално спречливи, во споредба со околу 25 отсто во северна Африка и западна Азија. Во тие региони, инфекциите биле водечки спречливи причини.
Во Европа, САД, Канада и Австралија, тутунот бил најдоминантен ризик-фактор.
Коавторот на истражувањето, Андре Илбави од Светската здравствена организација (СЗО), изјавил дека овие наоди даваат прв глобален увид во уделот на случаите на рак кои може да се припишат на ризици што можат да се спречат. Тој истакнал дека разбирањето на регионалните модели може да им помогне на владите и на поединците да преземат насочени мерки за намалување на ризикот од рак.
Изабел Сориоматарам додала дека справувањето со причините кои можат да се спречат е еден од најефикасните начини за ограничување на растечкиот глобален товар од рак, за кој, според податоците на СЗО, се предвидува дека би можел да порасне за 50% до 2040 година, ако сегашните трендови продолжат.

