Свет
Пасторот Џонс се откажа од спалувањето на Куранот
Контроверзниот пастор кој предизвика реакции од целиот свет и од сите конфесии со најавата дека ќе ги спали Куранот одбележувајќи ги деветте години од нападот на 11. септември 2001 г., објави дека ќе откаже од намерата во замена за преселување изградбата на спорна црква во Њујорк
Големиот исламски центар и џамија треба да почнат набрзо да се градат во близината на ткн. Ground Zero (Нулта точка) во непосредна близина на местото каде на 11-ти септември 2001 г. беа урнати кулите близначки од Светскиот трговски центар, при што загинаа околу три илјади луѓе. Овој план на муслиманската заедница во САД, исто така предизвика жестоки реакции кај њујорчани.„Ние сметаме дека тоа би бил знак од Господ“, рекол пасторот Тери Џонс водач на малата пентакостална протестантска заедница Dove World Outreach centеr во Џејнсвил на Флорида. Тој саботата 11-ти септември претходно го прогласи за Ден за спалување на Куранот. И се подготвуваше со уште триесетина свои следбеници да изгорат стотина примероци од светата муслиманска книга. Пренесувајќи ја оваа информација, американските медиуми напоменуваат дека не е познато дали американската муслиманска заедница донела за делокација на палниранито исламски културен центар на само два блока од поранешниот Светски трговски центар. Џонс на новинарските екипи кои неколку денови дежураат пред неговата црква им рекол дека разговарал со имамот Фејсал Абдул Рауф, кој е водач на проектот за контроверзната њујоршка џамија.„Добив збор дека ќе ја преместат џамијата на друго место. Имамот се согласи да ја преселат џамијата, а ние се согласивме да го откажеме она што го закажавме за сабота“, изјавил Џонс, притоа жалејќи се дека му е укинат интернетот.Тој додал дека во сабота ќе отпатува во Њујорк каде ќе се состане со имамот Рауф и со другите лица вклучени во проектот за изградба на џамијата. Претходно претседателот на САД, Барак Обама го повика пасторот Џонс да се откаже од спалувањето на Куранот, што го нарече опасна егзибиција предупредувајќи дека тоа ќе ги загрози животите на американските војници и цивили во странство, и дека ќе ја засили Ал Каеда.Американските агенции пренесуваат дека во четврток пасторот Џонс имал телефонски разговор со министерот за одбрана Робет Гејтс. Исто така, Џонс во четврток бил посетен од агенти на FBI и не сакале да им кажат на новинарите за што зборувале половина час со пасторот, но претходно имаше информации дека „федералците“ го посетиле пасторот заради заканите што ги примил по пошта. Портпаролот на верската заедница што ја води пасторот, Вејн Сап, исто така не сакал да го комeнтира разговорот со агентите на FBI.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Студент на факултет во Русија уби обезбедувач и рани тројца
Едно лице е убиено, а три се повредени во пукање во технички колеџ во рускиот град Анапа, во Краснодарскиот крај, соопштија властите.
Гувернерот на Краснодарскиот крај, Венијамин Кондратјев, на Телеграм наведе дека обезбедувачот бил убиен додека се обидувал да го запре напаѓачот.
„Засега имаме една жртва, обезбедувачот кој прв го примил ударот. Реагирал брзо и ја повикал полицијата. Го спречил напаѓачот да продре понатаму во техничкиот колеџ“, изјави Кондратјев.
Регионалната канцеларија на руското Министерство за внатрешни работи за Краснодарскиот крај соопшти дека студент отворил оган во холот на образовната установа, при што три лица се повредени.
Напаѓачот бил уапсен од полицијата, се додава во соопштението.
Околностите на нападот засега не се познати, а истрагата е во тек.
Свет
„Човек никогаш не мисли дека вакво нешто може да се случи“ – шок во малата канадска заедница по масовното пукање во училиштето
Алармот во средното училиште „Тамблер Риџ“ се огласил кратко откако Дариан Квист пристигнал на настава. Кога станало јасно дека не станува збор за вежба, матурантот и неговите соученици брзо реагирале.
„Ги зедовме масите и ги забарикадиравме вратите“, изјавил тој за „Си-би-си Радио Вест“, пишува „Си-ен-ен“.
Квист опишал дека тој и останатите ученици поминале околу два часа забарикадирани во училницата. Атмосферата станала уште понапрегната кога некои почнале да споделуваат „вознемирувачки“ фотографии кои, според неговите зборови, прикажувале „што навистина се случува“ во останатиот дел од училиштето, вклучувајќи сцени со крв. Ситуацијата се смирила дури по пристигнувањето на полицијата, која на крајот безбедно ги извела учениците од зградата.
Во меѓувреме, на паркингот пред училиштето чекала мајката на Дариан, Шели Квист. За инцидентот дознала од колега од блиска лабораторија кој ја прашал „дали знае што се случува во средното училиште“. Како што пристигнувале сè повеќе информации, станувала посвесна за сериозноста на ситуацијата.
„Човек никогаш не мисли дека вакво нешто може да се случи“, изјавила таа. Признала дека ја фатила паника која не попуштила сè додека не го видела својот син безбеден, меѓу учениците што биле изведувани од зградата.
Шок во малата канадска заедница по масовното пукање
Во пукањето што го потресе Тамблер Риџ во Британска Колумбија, животот го загубиле девет лица, а 25 биле повредени. Последиците од нападот во оваа мала, рурална заедница во западната канадска провинција длабоко ги погодиле нејзините тесно поврзани жители.
Шест лица биле убиени во средното училиште „Тамблер Риџ“.
„Тешко е со зборови да се опише стравот и ужасот што го чувствувате знаејќи дека сакана личност е во опасност“, изјавил Крис Норбери, локален советник чија сопруга работи во училиштето. Тој истакнал дека Тамблер Риџ досега бил исклучително безбедно место.
„Ние тука не ги заклучуваме вратите. Ова е неверојатно безбедна заедница“, рекол тој.
Градоначалникот Дарил Краковка, кој жителите на градот ги смета за свое „семејство“, изјавил дека лично ја познава секоја жртва.
„Тука сум 19 години, ние сме мала заедница“, изјавил тој.
Локалниот новинар Трент Ернст, кој известувал од терен по нападот, го сумирал општиот шок.
„Секогаш постои чувство дека ваквите работи се случуваат некаде на друго место, не тука. Сега тоа е разбиено“, рекол тој.
Родителите чекаат информации за своите деца
Родителите на децата кои го посетуваат училиштето во кое се случил масакрот се собрале во локална сала каде што чекаат вести, пишува „Би-би-си“.
„Родителите се одведени во месната сала каде што чекаат вести дали ова ги погодило нивните деца. Во толку тесно поврзана заедница, ова е многу тешко за луѓето што живеат таму“, пишува „Би-би-си“.
Свет
Пукање во училиште во Тајланд: Директорот ранет, ученици заробени во зградата
Во напад што се случил во училиштето „Патонг Пратан Кири Вит“ во тајландската провинција Сонгкла, во близина на границата со Малезија, напаѓач повредил повеќе наставници и ученици. Вооружена полиција пристигнала на местото на настанот кратко по завршувањето на наставата, додека стотици ученици бегале од училишниот двор кон околните улици, пишува „Сан“.
Според првичните информации, неколку наставници и ученици останале заробени во училишната зграда. Полицијата од округот Хат Јаи потврдила дека се обидува да воспостави контакт и да преговара со напаѓачот. Обезбедувач кој успеал да избега од напаѓачот изјавил за медиумите дека напаѓачот пукал и го ранил директорот на училиштето.
„Успеав да избегам. Директорот е застрелан. Во училиштето има уште деца кои ги држи како заложници“, изјавил тој.
Полицијата верува дека напаѓачот има 18 години. Пред самиот напад, полициската станица во округот Тунг Лунг примила пријави дека младиот човек се однесувал непредвидливо и се заканувал дека ќе ја повреди сопствената мајка во семејната куќа, која се наоѓа во близина на училиштето.
Силни полициски сили и единици за специјални операции го опколиле училиштето за да ја стават ситуацијата под контрола. Граѓаните биле предупредени, за сопствена безбедност, да го избегнуваат тоа подрачје. Во тек е евакуација на лицата кои се засолниле на безбедни места во рамките на училишниот комплекс.
Фондацијата „Мае Таптим Јала“ на својата Фејсбук-страница објавила дека еден наставник бил застрелан и итно пренесен во болница. Фотографии од местото на настанот покажуваат голем број возила на итната помош и полицијата, додека собрани сведоци го следат развојот на ситуацијата.

