Свет
ЕСМ купува струја од фирма осомничена за корупција
„Електростопанство на Македонија“ (ЕСМ) купува струја од британската компанија „Енерџи фајненсинг тим“ (ЕФТ), против која британската влада води истрага за проневера и корупција, пренесува угледниот британски весник „Гардијан“.
Никола Стојанов
„Електростопанство на Македонија“ (ЕСМ) купува струја од британската компанија „Енерџи фајненсинг тим“ (ЕФТ), против која британската влада води истрага за проневера и корупција, пренесува угледниот британски весник „Гардијан“. Освен ова, ЕФТ е еден од најсериозните кандидати на тендерот за увоз на струја во земјава вреден 80 милиони евра, што ќе го плати ЕСМ за набавка на струја до април 2006 година. „Време“ неколкупати безуспешно се обидуваше да стапи во контакт со менаџерите на ЕСМ за да праша дали знаат за мерките што британската влада ги презема против ЕФТ и дали тоа ќе влијае врз изборот на најдобрата понуда на новиот тендер. Британската државна служба за откривање проневери (СФО) испитува дали имало корупција при соработката на енергетската компанија „Енерџи фајненсинг тим“ (ЕФТ), со седиште во Лондон, со политичари и со претставници на фирми за производство и дистрибуција на струја во Босна и Херцеговина и во Република Српска, тврди британскиот дневен весник „Гардијан“.
Истрагата ја почнал лордот Педи Ешдаун, висок претставник на Обединетите нации во Босна, кој се посомневал дека корумпираните политичари финансиски ги помагаат воените злосторници од тој дел на Балканот што се во бегство. Лордот се посомневал во раководство на ЕФТ и во босанските политичари и директори на електросистемот откако УСАИД, американската државна агенција за развој, во 1999 година за време на бомбардирањето на Србија склучил договор со кој на ЕФТ му платил 11 милиони долари. Со тие пари ЕФТ требало од босанскиот електроенергетски систем да купи и да испорача струја за потребите на Црна Гора. Струјата никогаш не била испорачана. Поради тоа Ешдаун се посомневал во поврзаноста на ЕФТ, која има банкарски сметки во банки на островот Џерси, кој е фришоп-зона и каде што банкарите на клиентите не им бараат потекло на пари. Ешдаун наредил низа специјални ревизии со цел да се докаже дали имало злоупотреба на позициите на претставниците на босанската државна електродистрибуција при потпишување договори во корист на приватни фирми. Поради тоа Ешдаун разрешил високи раководители на босанската државна компанија за производство и пренос на струја. Претставници на ЕФТ за „Гардијан“ изјавиле дека не го кршат законот и дека се жртви на политичката борба. Компанијата нагласува дека е оштетена од обвиненијата против неа што се наведени во еден специјален ревизорски извештај.
Ревизорите го обвинуваат ЕФТ дека е поврзан со воените злосторници од просторите на Балканот и повикуваат да се испитаат договорите меѓу лондонската компанија и „Електродистрибуција на Република Српска“. „Гардијан“, повикувајќи се на извори во босанското јавно обвинителство, наведува дека ЕФТ вршела исплати преку оф шор-компании на британскиот остров Џерси. Босанското обвинителство веќе контактирало со СФО, кое има овластување да ги побара книгите на работење на ЕФТ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Данската премиерка: Европа мора да се вооружа со сила и одлучност
Европа мора да се вооружа со сила и одлучност за да се соочи со новиот глобален „неред“, порача данската премиерка Мете Фредериксен на почетокот на дипломатската иницијатива на Минхенската безбедносна конференција.
Голем дел од вниманието на овој важен собир е насочен токму кон Данска и нејзината делегација, а значењето на присуството на Фредериксен беше потврдено и од германскиот политичар Фридрих Мерц, кој во својот говор експлицитно ја спомена Фредериксен и поддршката што ѝ ја дава Европа.
Премиерката пристигна во Минхен во придружба на министрите за надворешни работи и одбрана, а конференцијата претставува прва значајна можност за директни разговори со претставници на САД и други партнери по дипломатската криза предизвикана од спорот околу Гренланд.
Во рамки на дипломатските активности, најавен е и состанок меѓу Фредериксен и американскиот државен секретар Марко Рубио, а една од клучните теми ќе биде токму прашањето за Гренланд.
Свет
Фински политичар до малите држави: Приклучете се кон ЕУ, тоа ви носи заштита
Во рамки на дискусијата за глобалната трговија и иднината на државите во новиот светски поредок, финскиот политичар Александар Стуб даде јасен совет за обезбедување стабилност. Според него, најдобриот рецепт за помалите држави е членство во Европската унија, додека директорката на Светската трговска организација (СТО), Нгози Окоњо-Ивеала, истакна дека и покрај критиките, постоечкиот систем покажува отпорност.
На прашањето како другите земји би требало да постапат за да си ја обезбедат иднината, Стуб полушеговито одговорил: „Приклучете се кон Европската унија – тоа ви носи заштита“, изјавил тој.
Како што посочил дека важноста на ваквите сојузи станала уште поочигледна по заканите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп за Гренланд.
Стуб објасни дека царини не може да се воведат само за некои членки, бидејќи „тогаш царина од 25% би важела за целата Европска унија“. На малите и средни сили кои не се членки на ЕУ им препорача активно да се вклучат и да ги поддржат мултилатералните трговски организации, за да обезбедат одредено ниво на заштита.
Претходно, на иста тема се осврна и директорката на СТО, Нгози Окоњо-Ивеала, која изјави дека иако не се согласува со едностраните потези на САД, се согласува со многу од нивните критики кон трговскиот систем.
„Системот не се развиваше, не се менуваше брзо и не реагираше соодветно на светските промени. Некои од критиките дека не функционира добро се основани“, призна таа.
Сепак, таа нагласи дека:
„И покрај огромните пореметувања и најголемото поткопување на глобалните трговски правила во последните 80 години, системот покажува отпорност.“
Свет
Макрон: Расте непријателството кон Евреите, сите мораме да се мобилизираме
Францускиот претседател, Емануел Макрон, повика на зајакнати напори во борбата против антисемитизмот во Франција, откако нови владини податоци покажале дека непријателството кон Евреите останува на високо ниво, и покрај падот на регистрираните инциденти во 2025 година.
Франција, која има најголема еврејска заедница во Европа, минатата година евидентирала 1320 антисемитски дела, што претставува 53 отсто од сите инциденти поврзани со религија, според извештајот на Министерството за внатрешни работи објавен денеска.
Иако бројот на инциденти се намалил за 16 проценти во однос на претходната година, Министерството соопшти дека тие остануваат на „историски високо ниво трета година по ред“. Зголемувањето е забележано особено по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година и последователниот конфликт во Газа.
„Училиштата, правосудниот систем, избраните претставници – сите мора да се мобилизираат“, порача Макрон на церемонија по повод 20 години од смртта на Илан Халими, 23-годишен Евреин кој беше киднапиран и држен во заложништво 24 дена, пред да биде убиен. Водачот на бандата беше осуден на доживотен затвор во 2009 година.
Макрон го осуди, како што го нарече, „отровот на омразата на интернет“, и побара од Европската комисија да ги повика големите онлајн платформи на одговорност.

