Свет
Боливија и Венецуела не можат да направат нуклеарно оружје
Венецуела и Боливија немаат капацитет да произведуваат атомско оружје и покрај најавата дека ќе градат нуклеарни централа.
Ваква оценка синоќа изнесе помошник на американскиот државен секретар за Јужна Америка Френк Мора.
„Не верувам дека такво нешто е можно. Сметам дека тие две земји немаат доволно средства за производство на нуклеарно оружје“, изјави Мора.
Според него, најавата за изградба на нуклеарни централи од страна на Венецуела и Боливија не претставува закана за безбедноста на САД.Венецуела најави дека ќе гради нуклеарна централа со помош на Русија, а Боливија со помош на Иран. /крај/б/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Пожар во дом за стари лица во Србија, осум загинати, неколку повредени
Осум лица загинаа, а неколку се повредени во пожар што утрово околу 4 часот и 30 минути избувна во дом за стари лица во Велики Борак, во белградската општина Бараево, објави РТС. Пожарот е изгаснат, а во гаснењето учествувале голем број пожарникари и противпожарни возила.
Др. Виолета Николиќ од Итната медицинска помош за РТС изјави дека добиле повик од пожарникари за избувнување на пожар во дом за стари лица во Велики Борак.
Таа наведе дека четири повредени лица се пренесени на токсиколошкото одделение на ВМА, додека на две лица им е укажана помош во Ургентниот центар. На интервенција се упатени четири екипи од Итната медицинска помош, уште две дополнителни екипи од Лазаревац и една од Бараево.
Вршителот на должноста помошник министер и раководител на Секторот за вонредни ситуации, Лука Чаушиќ за РТС изјави дека се претпоставува дека во моментот на пожарот во објектот имало 30 корисници. Како што наведе, Брзата помош згрижила седум повредени и ги пренела во ВМА и Ургентниот центар.
Според него, по пријава во 3 часот и 32 минути, единиците на Секторот за вонредни ситуации веднаш биле испратени на местото на настанот, каде што го затекнале огромен пожар. „Во моментов се уште проверуваме дали има преостанати извори на пожар што би можеле да предизвикаат негово ширење, додека причината ќе се утврди во наредните часови“, рече Чаушиќ.
Тој додаде дека домот за стари лица се наоѓа далеку од фреквентни патишта, но противпожарните екипи брзо пристигнале, а на повредените им била укажана помош во рекордно време. „Ова е голема трагедија, но можеше да биде и многу поголема“, заклучи Чаушиќ.
Свет
Околу 70 милиони Американци предупредени за невреме: инаугурацијата на Трамп преместена во Капитол
Околу 70 милиони Американци долж источниот брег на САД се под предупредување за зимско невреме издадено од Националната метеоролошка служба, а прогнозата предвидува до 15 сантиметри снег на повеќето места.
Нова Англија е под предупредување за навлегување на арктичкиот воздух, како и делови од Масачусетс, Њу Хемпшир, Мејн и Конектикат, каде се прогнозира дека снежната покривка ќе достигне 25 сантиметри, пренесе АП.
Марк Ченард, метеоролог од Националната метеоролошка служба рече дека дури 70 милиони жители ќе бидат под некаков вид предупредување за зимско невреме во наредните денови, вклучително и Нова Англија и Средниот Атлантик.
Во Вашингтон се предвидува студено време во понеделник, поради што церемонијата на инаугурација на новоизбраниот претседател Доналд Трамп ќе биде преместена во затворен простор, во американскиот Капитол.
„Во понеделник ќе биде студен ден во Вашингтон, тоа е сигурно“, рече Ченард, кој рече дека градот се прогнозира да има минимална температура од -7 Целзиусови степени, со удари на ветер од 48 километри на час.
Во големите градови како Филаделфија, Њујорк и Бостон може да паднат до 10 сантиметри снег во текот на ноќта, а најобилните врнежи се очекуваат надвор од градовите.
Градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, ги повика жителите на градот да се возат со метро и автобуси доколку мораат да патуваат за време на невремето, за да им олеснат на екипите да ги расчистат улиците.
Свет
Палестинците го слават враќањето на затворениците: „Во затвор беше страшно“
Околу 90 палестински затвореници се ослободени во замена за тројца израелски заложници кои Хамас му ги предаде на Израел како дел од примирјето со цел да се стави крај на 15-месечната војна во Газа.
Затворениците, од кои повеќето беа ослободени во раните утрински часови денеска од затворот Офер во Рамала на окупираниот Западен Брег, беа пречекани со прослави од илјадници луѓе кои вееја палестински знамиња и знамиња на Хамас.
Семејствата и пријателите чекаа со часови на студ за да ги прегрнат своите најблиски, пуштени како што беше договорено.
Меѓу ослободените беше и Шата Џараба (24), која беше уапсена поради објава на социјалните мрежи во која ја критикуваше „бруталноста“ на кампањата на Израел во Газа. „Многу сум среќна! Фала му на Бога, излезена сум. Во затворот ме третираа многу лошо. Беше страшно“, изјави таа за Гардијан.
„Среќен сум, но не целосно. Ќерка ми беше уапсена само затоа што ги искажа своите ставови… Најмногу ме боли тоа што луѓето мислат дека Израелците вака се однесуваат со нас само од 7 октомври, но вистината е дека отсекогаш било вака“, рече таткото на Џараба, Наваф Џараба (63).
Во неделата, три жени заложници од тунел во Газа – Емили Дамари (28), Роми Гонен (24) и Дорон Штајнбрехер (31) – беа ослободени и вратени кај нивните семејства. Снимките покажуваат дека се во добра здравствена состојба, но ќе поминат неколку дена во болница.
Првата фаза од прекинот на огнот вклучува ослободување на 33 заложници од Газа и стотици Палестинци од израелските затвори. Следните фази планираат ослободување на преостанатите заложници, целосно повлекување на Израел од Газа и реконструкција на територијата. Условите за управување во Газа остануваат нејасни.