Свет
Кина : Дваесет и осум рудари заробени во јама

Дваесет и осум рудари останаа заробени во јама откако поради поплави дошло до одрон при што останал затрупан влезот во рудникот во кинеската провинција Сечуан, пренесе Синхуа.
Во моментот на несреќата во рудникот се наоѓале 41 рудар од кои 13 успеале да се спасат.
Спасувачите трагаат по останатите 28 рудари за кои не е познато во каква здравствена состојба се наоѓаат, а во рудникот се поставени пумпи за црпење на водата, чие количество во рудникот се проценува на 4.000 кубни метри.
Во рудниците во Кина само во 2009 година настрадаа повеќе од 2.600 рудари, а пред неколку месеци кинескиот премиер Вен Џијабао им нареди на сите шефови на рудниците во јамите да влегуваат заедно со рударите или во спротивно ќе следат ригорозни казни./крај/си/ми
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Хамас го ослободи последниот американски заложник од Газа

Палестинската милитантна група Хамас објави дека го ослободила израелско-американскиот заложник Едан Александар и го предала на Меѓународниот комитет на Црвениот крст.
Израел потврди дека 21-годишниот Александар е ослободен.
Александар бил член на воена единица стационирана на границата со Газа кога бил заробен од милитантите на Хамас за време на нападот врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година.
Хамас изјави дека ослободувањето на Александар е „гест на добра волја“ насочен кон оживување на разговорите за ставање крај на 19-месечната војна меѓу Израел и Хамас.
Објавувањето доаѓа пред посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на Блискиот Исток, која започнува утре.
Свет
„Имате рок до крајот на денот“: Европа ѝ постави ултиматум на Русија, пристигна експресен одговор од Москва

Европските земји се подготвуваат да воведат нови санкции кон Русија доколку Москва не почне да го почитува предложеното 30 дневно примирје во војната против Украина до крајот на денешниот ден, објави денес германската влада.
Портпаролот на германската влада на прес-конференција во Берлин изјави дека „часовникот отчукува“ за Русија и дека е време да се покаже сериозност во врска со мирот.
Заканата со санкции доаѓа во време на интензивирање на дипломатскиот притисок од Брисел, Берлин и Париз, а се очекува дека меѓу мерките би можело да биде и прекинувањето на гасоводот „Северен тек 2“, што го објави претходно денес претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во разговор со германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Сепак, од Москва брзо дојде остар одговор. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека „јазикот на ултиматумот е неприфатлив за Русија“ и дека „не е можно да се разговара со Русија на тој начин“. Песков потсети дека ова е второ предупредување од Европа за само неколку дена, нарекувајќи го тонот на пораката „ултимативен и недипломатски“.
Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин предложи одржување директни преговори меѓу Русија и Украина во Истанбул на 15 мај, без претходни услови. Портпаролот Песков го опиша предлогот како „сериозен сигнал за мировна намера“, нагласувајќи дека целта на Москва останува да постигне траен мир и да ги реши „коренските причини за конфликтот“, а воедно да ги зачува интересите на Руската Федерација.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски одговори позитивно на предлогот на Путин, изразувајќи подготвеност лично да се сретне со рускиот лидер. Доколку средбата се одржи, тоа би бил нивниот прв состанок од декември 2019 година. Сепак, Кремљ сè уште официјално не одговорил на согласноста на Украина.
За време на нивната посета на Киев во саботата, лидерите на Франција, Германија, Велика Британија и Полска упатија заеднички повик до Русија за безусловно примирје, нагласувајќи дека мирот во Украина е од суштинско значење за стабилноста на Европа.
Сепак, на терен насилството не стивнува. Украинската војска соопшти дека во текот на претходниот ден, Русија извршила десетици напади по должината на источниот фронт, вклучувајќи повеќе од 100 напади со беспилотни летала преку ноќ.
И покрај предлогот за преговори, фактот дека Русија не се согласи на моментален прекин на огнот ги наведува европските лидери сè посериозно да разгледуваат дополнителни мерки за притисок. Брисел вели дека подготвеноста на Русија за компромис е клучна за избегнување на нов пакет санкции, што би можело дополнително да влијае на рускиот енергетски и финансиски сектор.
Свет
Зеленски: Ќе бидам во Турција, се надевам дека ќе дојдат и Путин и Трамп

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека ќе отпатува во Истанбул на мировни преговори и дека е подготвен да се сретне директно со рускиот претседател Владимир Путин – доколку се појави. Во објава на социјалната мрежа, X му се заблагодари и на американскиот претседател Доналд Трамп за неговата поддршка на иницијативата за прекин на огнот и го покани лично да се придружи на состанокот.
„Тукушто ја слушнав изјавата на претседателот Трамп. Многу важни зборови“, напиша Зеленски, реагирајќи на денешната изјава на Трамп дека постои можност тој лично да отпатува во Истанбул, каде што треба да се одржи состанок меѓу украинската и руската страна.
„Го поддржав предлогот за целосен и безусловен прекин на огнот – доволно долго за да се создаде основа за дипломатија. Ние сме подготвени, од наша страна, да го одржиме прекинот на огнот“, објави Зеленски.
„Исто така, го поддржав претседателот Трамп во идејата за директни преговори со Путин. Отворено реков дека сум подготвен за средба. Ќе бидам во Турција. Се надевам дека Русите нема да се извлечат“, додаде украинскиот претседател.
Зеленски нагласи дека би им значело многу на Украинците доколку Трамп лично се придружи на разговорите: „Тоа е вистинската идеја. Можеме многу да промениме. Претседателот Ердоган навистина може да биде домаќин на состанок на највисоко ниво. Благодарам на сите што помагаат.“
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно денес изјави дека тој инсистирал состанокот да се одржи во Турција.
„Мислам дека од таа средба можат да произлезат добри работи“, рече Трамп, додавајќи: „Размислував да одлетам. Не знам каде ќе бидам во четврток, но постои можност ако мислам дека нешто може да се случи“.
Досега само Зеленски официјално го потврди своето учество. Рускиот претседател Владимир Путин сè уште јавно не изјавил дали ќе се појави. Кремљ претходно изјави дека не прифаќа ултиматуми, но не ја исклучи можноста за разговори во Истанбул.
Според неофицијални извори, Москва би можела да го испрати министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, со што ќе се создаде впечаток за подготвеност за дијалог без директно присуство на Путин.