Свет
Египет: Започнаа најмасовните протести против Мубарак
На плоштадот Тахири во Каиро започна најмасовниот протест, со кој демонстрантите го подготвуваат „Денот за заминување“ на претседателот Хосни Мубарак, кој веќе три децении се наоѓа на оваа функција. Организаторите на протестите повикуваат десетици илјади луѓе да им се придружат на местото каде во изминатите денови загинаа најмалку 300 лица, а околу илјада беа повредени. Демонстрантите пејат патриотски песни, ги виорат државните знамиња и извикуваат пароли против претседателот Мубарак. На плоштадот Тахири забележително е присуството на припадниците на армијата, кои вчера застанаа зад народот и судрија со приврзаниците на Мубарак. По вчерашните судири помеѓу приврзаниците на двете спротиставени страни, меѓународната заедница врши интензивен притисок врз Мубарак да поднесе оставка и да се повлече од функцијата. Тој одбива да го стори тоа со образложение дека таквата негова одлука ќе произведе хаос во земјата. Покрај во Каиро протести има и во други египетски градови, а светските агенции пренесуваат дека тензична е ситуацијата во Александрија. Водечкиот лидер на опозицијата Мохамед Ел Барадеј денеска изјави дека Мубарак го загубил легитимитетот и затоа мора да си замине од функцијата. крај/блиц/н.ц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Швајцарија ќе гласа за ограничување на бројот на населението на 10 милиони
Швајцарија ова лето ќе гласа за предлогот на крајно десничарската Швајцарска народна партија (SVP) за ограничување на населението на 10 милиони. Овој потег би можел да ги загрози клучните договори со Европската Унија и, според противниците, сериозно да ја оштети економијата, пишува „Гардијан“.
Иницијативата предвидува ограничување на растот на населението, што, според критичарите, би можело да му наштети на швајцарското стопанство и на односите со Европската унија.
Ако населението ја надмине границата од 9.5 милиони (во моментов 9.1 милион), државата би била обврзана да воведе рестрикции за имиграција, вклучително и за барателите на азил и спојување на семејства. Доколку се достигне 10 милиони, мерките би станале уште поригорозни, а Швајцарија би морала да го раскине договорот за слободно движење со ЕУ – нејзиниот најважен трговски партнер.
Партијата SVP тврди дека „експлозијата на население“ ги зголемува трошоците за изнајмување и го оптоварува јавниот систем. Од друга страна, економските асоцијации и компании како Roche, UBS и Nestlé предупредуваат дека иницијативата би можела да доведе до преселба на бизниси, пад на даночните приходи и губење на услуги.
Анкета од декември покажала дека 48% од граѓаните ја поддржуваат иницијативата, што упатува на длабока поделба во јавноста за прашањето на имиграција и демографија.
Свет
ОН: Спречени пет обиди за атентат врз сирискиот претседател и двајца министри
Според извештај на Обединетите нации, во текот на изминатата година биле спречени пет обиди за атентат врз сирискиот претседател Ахмад ал-Шараа и министрите за внатрешни и надворешни работи.
Во извештајот на генералниот секретар Антонио Гутереш, подготвен од Канцеларијата на ОН за борба против тероризмот, се наведува дека нападите биле планирани од група наречена Сараја Ансар ал-Суна, која се смета за параван на Исламска држава. Локации на обидите биле северната провинција Алеп и јужна Дара.
ОН истакнува дека ИД сѐ уште активно се обидува да ја дестабилизира новата сириска власт и го користи безбедносниот вакуум во земјата. Претседателот ал-Шараа, поранешен лидер на Хаџат Тахрир ал-Шам, дојде на власт по соборувањето на Башар ал-Асад во декември 2024.
Во извештајот се наведува и дека ИД продолжува со активности низ Сирија, а во напад од заседа на 13 декември кај Палмира биле убиени двајца американски војници и еден цивил, додека биле ранети уште шестмина.
Свет
САД и Иран покажуваат подготвеност за компромис
Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан изјави дека САД и Иран се подготвени да постигнат нов нуклеарен договор, но предупреди дека вклучувањето на иранската балистичка програма во преговорите би можело да предизвика уште една војна, пренесе Танјуг.
Во интервју за „Фајненшл тајмс“, Фидан рече дека Вашингтон сигнализирал подготвеност да толерира иранско збогатување на ураниум во строго определени граници, додека Техеран „искрено сака вистински договор“ и е подготвен да прифати ограничувања и строги инспекции, слично на договорот од 2015 година.
Според него, инсистирањето на САД да се решат сите прашања истовремено – вклучително и иранскиот арсенал на балистички ракети и поддршката за регионални сојузници – би можело да го блокира напредокот во нуклеарниот дел од преговорите.
Минатата недела во Маскат се одржаа индиректни разговори помеѓу американските претставници Стив Виткоф и Џеред Кушнер (зет на американскиот претседател), и иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи, со посредство на Оман и дипломатски напори на Турција, Катар и Египет.
И Вашингтон и Техеран го оценија состанокот како позитивен прв чекор и најавија нова рунда преговори.

