Свет
Јужен Судан избра независност

Јужниот дел на Судан ќе стане независна држава, откако повеќе од 98 отсто од гласачите на референдумот за самоопределување на регионот гласаа за негово одделување од унитарниот Судан, објави во четвртокот претседателот на Комисијата за спроведување на референдумот, Мохамед Ибрахим Халил. „Излезноста на гласачите беше повеќе од 97,5 отсто од запишаните избирачи (повеќе од 3,8 милиони луѓе) Од овие, 98,83 отсто (повеќе од 3.792.000) гласаа за отцепување на Југот и 1,17 отсто (44.888) избирачи за единство (држава со престолнина во Картум)“, изјавил Мухамед Ибрахим Калил. Според него, Комисијата му ги претставила во понеделникот резултатите од гласањето на претседател, и тој ги признал. Претседателот на досегашната унитарна Република Судан, Омар ал-Башир и неговиот заменик премиерот Салва Киир ќе присуствуваат на церемонијата на соопштувањето на резултатите од референдумот. Официјалното прогласување на новата, 53-та држава во Африка, ќе се одржи на 9-ти јули 2011 г., по истекот на преодниот период предвиден од страна на Сеопфатниот мировен договор и на уставот кој важи за преодниот период./крај/ро/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Америка внимателно ja следи ситуацијата во Турција: се огласи Марко Рубио

Американскиот државен секретар Марко Рубио во разговор со турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан изрази загриженост за протестите и приведувањата на граѓани во Турција по апсењето на градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу.
„Ја следиме ситуацијата и изразивме загриженост. Не сакаме да гледаме нестабилност во управувањето на која било земја што е наш близок сојузник. Секако дека сме загрижени поради овие протести и некои од извештаите што доаѓаат од Турција“, изјави Рубио за новинарите, пренесе Ројтерс.
Рубио и Фидан се сретнаа во Вашингтон во вторникот додека Анкара се обидува да ги подобри односите со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Рубио истакна дека САД нема да коментираат за „секој поединечен“ внатрешно политички случај во Турција.
„Трамп имаше многу добри работни односи со Ердоган во првата администрација. Тие сакаат повторно да ја започнат таа соработка. Ние сакаме да работиме со нив за Сирија и за други прашања“, додаде Рубио.
Апсењето на главниот политички ривал на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган предизвика огромни протести, што доведе до масовни апсења низ целата земја.
Ердоган, кој е зад Имамоглу во некои анкети, ги отфрли протестите, нарекувајќи ги „шоу“ и предупредувајќи на правни последици за демонстрантите.
Регион
Авионот на Додик полетал од Израел и среде ноќ слетал во Белград

Авионот на Владата на Република Српска полетал синоќа во 21 часот и 32 минути од аеродромот Бен Гурион во Тел Авив и слетал во Белград околу 01:20 часот. Набрзо повторно полетал и слетал во Бања Лука околу 2 часот.
Порталот „Кликс“ пишува дека се претпоставува дека Додик излегол од авионот во Белград.
За потсетување, Судот на БиХ му одреди притвор и издаде налог за апсење на Додик бидејќи не одговорил на поканата за распит што му ја испрати Обвинителството на БиХ како дел од истрагата поради сомневање дека сторил кривично дело загрозување на уставниот поредок на БиХ.
Сепак, Додик некако успеа непречено да ја напушти БиХ во понеделникот и да се појави во Белград, каде застана покрај Александар Вучиќ на митинг организиран од неговата влада по повод годишнината од почетокот на воздушните напади на НАТО врз тогашната Сојузна Република Југославија во 1999 година.
Во вторникот, тој продолжи во Израел за да учествува на конференцијата за борба против антисемитизмот организирана од Министерството за прашања на дијаспората на израелската влада.
Во написот „Ерусалим пост“ се наведува дека Додик ненадејно ја напуштил конференцијата во Ерусалим за антисемитизам по само еден час, наводно откако израелските власти го информирале дека неговото присуство е дипломатски проблематично откако Судот на Босна и Херцеговина нареди распишување меѓународна потерница против него.
Свет
Белата куќа му одговори на Путин: Украинците одредуваат кој управува со Украина

Управувањето на Украина го одредува нејзиниот Устав и народот на таа земја, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, запрашан за неговата реакција на изјавите на рускиот претседател Владимир Путин, кој предлага формирање привремена администрација во Украина.
Засега нема коментар од Украина во врска со изјавата на Путин.
Да потсетиме, рускиот претседател предложи Украина да биде ставена под некаква форма на привремена администрација за да се овозможат нови избори во земјата и потпишување на клучни договори насочени кон постигнување решение, пренесоа руските новински агенции.
„Во принцип, се разбира, може да се воспостави привремена администрација во Украина под покровителство на ОН, САД, европските земји и нашите партнери. Тоа би било за да се одржат демократски избори и да се донесе на власт способна влада која ја ужива довербата на народот, а потоа би се започнале разговори со нив за мировен договор“, рече Путин во разговор со морнарите на пристаништето.