Свет
Американски иследници ја испитуваат вдовицата на бин Ладен

Американски инспектори во Пакистан веќе ја сослушале вдовицата на „терористот број еден“ Осама бин Ладен, кој беше ликвидиран минатата седмица, пренесе телевизијата CNN, повикувајќи се на свои извори
Лидерот на Ал Каеда, Осама бин Ладен беше убиен во ноќта кон 2-ри мај, во операција на американските специјални сили во утврдена куќа во градот Аботабад, 50-ина километри оддалечен Исламабад, главниот град на Пакистан. Телото на водачот на глобалната терористичка мрежа Ал Каеда беше погребано во морето. Како што пренесе американската телевизија во четвртокот доцна навечер, американските власти побарале и добиле дозвола од Пакистан да ја испрашуваат преживеаната сопруга на бин Ладен. „Три жени на Осама бин Ладен биле испрашувани од американските разузнавачи под надзор на пакистанската разузнавачка служба“, рекле извори во двете влади. Распитот бил спроведен оваа седмица и бил извршен со сите три жени, коишто според изворите „непријателски“ , биле расположени кон Американците.. Во име на сите три, зборувала најстарата од жените, рекол изворот на CNN.Американските иследници инсистирале сослушувањето да се одржи со секоја од жените посебно, но пакистанските власти не го дозволиле тоа.Сите извори на телевизијата биле согласни дека нема нови информации добиени од вдовицата на бин Ладен.Бин Ладен имаше вкупно пет жени (две живееја одвоено од него) и најмалку 20 деца. Најмладата 29-годишната вдовица на бин Ладен, беше застрелана во ногата за време на акцијата на американските специјалци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Човекот на Трамп за Блискиот Исток: Очекуваме војната во Газа да заврши до крајот на годината

Американскиот претседател Доналд Трамп денес ќе претседава со состанок за Газа во Белата куќа, објави специјалниот претставник на САД за Блискиот Исток, Стив Виткоф, додавајќи дека Вашингтон очекува војната на Израел на палестинските територии да биде решена до крајот на годината.
Американскиот Стејт департмент одделно објави дека државниот секретар Марко Рубио денес ќе се сретне со израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар, во Вашингтон.
Трамп вети брз крај на војната во Газа за време на изборната кампања во САД во 2024 година, но речиси седум месеци по почетокот на неговиот мандат, таа наведена цел останува недостижна.
Мандатот на Трамп започна со двомесечно примирје кое заврши кога израелските сили убија околу 400 Палестинци во нападите на 18 март.
Во последните недели, сликите од гладни Палестинци во Газа, вклучувајќи и деца, го шокираа светот и предизвикаа критики кон Израел за влошување на веќе ужасните услови во кои живеат цивилите.
Меѓународната осуда уследи и по најновиот напад врз болницата Насер во јужниот дел на Појасот Газа во понеделник, во кој израелските сили убија најмалку 20 лица, вклучувајќи пет новинари, медицински персонал и тешко болни пациенти.
„Нивото на насилство врз Палестинците е неверојатно, а она што се случи во болницата беше масакр во живо“, изјави Франческа Албанезе, специјална известувачка на ОН за палестинските територии, по нападот врз болницата.
фото: принтскрин
Свет
Јужна Кореја ги забранува мобилните телефони во училиштата

Јужна Кореја донесе закон со кој се забранува употребата на мобилни телефони и паметни уреди за време на часовите во сите училишта низ целата земја, приклучувајќи се кон растечкиот број земји кои сакаат да го ограничат времето што децата и тинејџерите го поминуваат пред екраните, објавува Би-Би-Си.
Законот, кој ќе стапи на сила на почетокот на новата учебна година во март 2026 година, е резултат на двопартиски напор за ограничување на зависноста од паметни телефони, поттикнат од растечките истражувања за нивните штетни ефекти. Предлог-законот беше усвоен со убедливо мнозинство пратеници.
Иако повеќето јужнокорејски училишта веќе имаат некаков вид ограничување, овој потег ја прави Јужна Кореја една од ретките земји што донеле таква забрана на законодавно ниво. Слични мерки, иако во различен степен, веќе се воведени во Финска, Франција, Италија, Холандија и Кина.
Политичарите, родителите и наставниците се согласуваат дека паметните телефони негативно влијаат врз академските перформанси на учениците и им одземаат драгоцено време за учење. „Децата денес едноставно не можат да ги остават своите паметни телефони“, вели Чои Еун-јанг, мајка на 14-годишно дете во Сеул.
Нејзините загрижености се поткрепуваат со официјални податоци. Според владино истражување од 2024 година, речиси една четвртина од 51 милион жители на земјата се премногу зависни од своите телефони. Сепак, тој процент се зголемува на алармантни 43% за оние на возраст од 10 до 19 години.
Повеќе од една третина од тинејџерите признаваат дека се борат да го контролираат времето што го поминуваат на социјалните медиуми, а родителите стравуваат дека тоа се меша во сите други аспекти од нивниот живот.
„Кога одат на училиште, треба да учат, но исто така треба да градат пријателства и да учествуваат во разни активности. Но, тие не можат да се фокусираат на тие работи“, додава Чои.
Пратеникот Чо Јунг-хун, кој го предложи законот, рече дека е мотивиран од „значајни научни и медицински докази“ за штетните ефекти од зависноста од паметни телефони врз развојот на мозокот. Иако забраната важи само за време на училишните часови, законот им дава овластување на наставниците да спречат употреба на телефони на училишен терен. Исклучоци се прават за ученици со попреченост и за образовни или итни цели.
Фото: принтскрин
Свет
Германски „еврофајтери“ пресретнаа руски авион над Балтичкото Море

Германски борбени авиони беа испратени вчера за да пресретнат руски извидувачки авион „ил-20“ над Балтичкото Море, објави „Дојче веле“ (DW). Двата авиона „еврофајтер“ полетаа од воздухопловната база Росток-Лаге во Германија откога рускиот авион беше забележан со исклучени транспондери и без поднесен план за лет.
Не беа дадени детали за точната локација на средбата или колку долго траела. Ова е десетти ваков инцидент со германски авиони од почетокот на 2025 година. Во претходните инциденти руски авиони полетаа од Калининград упатувајќи се кон запад во меѓународен воздушен простор во близина на Полска, Германија, Шведска и Данска.
Руските авиони често летаат без да користат транспондери, не поднесуваат планови за лет и не воспоставуваат контакт со регионалната контрола на воздушниот сообраќај, модел што претставниците на НАТО долго време го опишуваат како однесување со висок ризик, според медиумот.
Истиот медиум анализира дека европските сојузници постојано предупредуваат дека континуираните воздушни провокации на Русија би можеле да доведат до опасна ескалација доколку не се реагира.
Фото: принтскрин