Свет
Лекување на детските бели дробови со вијагра

Европската комисија одобри лекот за импотенција вијагра да се користи во лекување на децата со ретко заболување на крвните садови – хипертензија на белите дробови, пренесоа европските медиуми.
Европската комисија одобри лекот за импотенција вијагра да се користи во лекување на децата со ретко заболување на крвните садови – хипертензија на белите дробови, пренесоа европските медиуми.
Ваквиот лек во Европа се користи веќе шест години но досега само кај возрасните пациенти.
Белодробната хипертензија е болест која брзо напредува и доведува до срцеви проблеми па и прерана смрт.
Неодамнешните истражувања на европските лекари покажале дека вијаграта го намалува крвниот притисок во белодробните артерии , со што децата полесно дишат.
Според Европската комисија, вијагра-та може да се користи во лекувањето деца од една до 17 години , кои имаат вроден проблем./крај/ем/ми
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Иран: Нуклеарните преговори ќе пропаднат ако САД инсистираат да не збогатуваме ураниум

Нуклеарните преговори меѓу Иран и САД нема да водат никаде ако Вашингтон инсистира Техеран да ја намали својата активност за збогатување ураниум на нула, изјави денес заменик-министерот за надворешни работи, Маџид Тахтраванчи.
Американскиот специјален претставник Стив Виткоф вчера го повтори ставот на Вашингтон дека секој нов договор меѓу САД и Иран мора да вклучува договор за незбогатување ураниум за да се спречи развој на нуклеарни бомби. Техеран тврди дека неговата нуклеарна програма е исклучиво за мирни цели.
„Нашиот став за збогатувањето е јасен и многупати сме изјавиле дека тоа е национално достигнување од кое нема да се откажеме“, рече Тахтраванчи. За време на неговата посета на регионот во Персискиот Залив минатата недела, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека договорот е многу блиску, но дека Иран мора да дејствува бргу.
За време на својот прв претседателски мандат од 2017 до 2021 година Трамп ги повлече САД од договорот од 2015 година меѓу Иран и светските сили, со кој беа поставени строги ограничувања на активностите за збогатување на Техеран во замена за ублажување на меѓународните санкции.
Трамп, кој го нарече договорот од 2015 година едностран во корист на Иран, исто така повторно воведе широки санкции на САД врз Иран. Исламската Република одговори со зголемување на збогатувањето ураниум.
Свет
Зеленски без костум кај папата: „Со својата облека сака да ги потсети луѓето дека Украина сè уште е во војна со Русија“

Украинскиот претседател присуствуваше на официјалната инаугурација на папата Лав XIV во Ватикан во неделата. Тој беше облечен во црни панталони, темна кошула и црна јакна, облека слична на онаа што ја носеше на погребот на папата Франциско.
Неговата сопруга Олена исто така дојде со него. Облеката на претседателот често е предмет на дискусија на социјалните мрежи. Многумина се прашуваат зошто тој не носи костум, особено во пригоди, како погребот на папата Франциско, каде што протоколот го бара тоа.
Уште во февруари Трамп саркастично даде коментар како украинскиот претседател бил облечен за нивниот состанок во Белата куќа. Тој состанок заврши со жестока вербална размена, а тензиите дополнително се зголемија кога еден новинар се придружи на разговорот коментирајќи го лежерниот изглед на Зеленски.
Тој носеше црни панталони, чизми и црн џемпер со извезен украински трозабец, што го наведе новинарот Брајан Глен да го обвини за непочитување на достоинството на Овалната соба. Сепак, Зеленски не се двоумеше да објасни зошто не се занимава со костуми во екот на руската инвазија на Украина.
Истата логика е и зад неговиот избор на облека за погребот на папата Франциска, како и за инаугурацијата на папата Лав – затоа што претседателот сака да испрати порака со својата облека секојпат кога е на светската сцена.
Со носењето облека што личи на воени униформи тој наводно сака да ги потсети луѓето од целиот свет дека неговата земја сè уште е во војна со Русија.
Одговарајќи му на Глен во февруари, Зеленски рече: „Ќе носам костум кога ќе заврши оваа војна. Можеби нешто како твоето, можеби нешто подобро. Ќе видиме, можеби нешто поевтино“.
Креативниот директор на брендот „Дамирли“, кој стои зад некои од најзначајните комбинации на Зеленски, исто така откри како претседателот комуницира преку својата облека.
Дизајнерката Елвира Гасанова изјави за „Политико“: „Кога светските лидери го гледаат Зеленски во воен стил, тоа е сигнал: ‘Украина е во војна и јас сум дел од оваа борба’“.
„За време на војна претседателот не е само политичар, туку и врховен командант на војската и на цивилите под воена состојба“, рече таа.
„Класичниот костум би се перцепирал како дистанца од реалноста на бојното поле. Неговата облека му помага да го задржи вниманието на светот врз војната во Украина“.
Украинската модна историчарка Зоја Звињакивска исто така верува дека лидерот, и покрај неговиот полежерен стил во споредба со другите меѓународни лидери, сепак покажува почит преку својата облека.
„Да, тоа не е костум, но е еден вид средно решение. Ако Зеленски ја соблече воената униформа и облече костум, што значи тоа? Тоа значи дека се согласил оти војната е завршена“, заклучи таа.
Свет
Илјадници луѓе на протест против прекумерниот туризам на шпанските Канарски Острови

Илјадници луѓе протестираа против масовниот туризам на шпанските Канарски Острови барајќи од властите да го ограничат бројот на посетители за да ги заштитат локалните жители од зголемените трошоци за домување, сообраќајните метежи и од преоптоварените услуги.
Марширајќи под знамето „Канарските Острови имаат ограничување“, демонстрантите вчера излегоа на улиците на сите главни острови на архипелагот и во неколку града во континентална Шпанија. Некои скандираа за ефектите од туризмот врз водоснабдувањето.
„Туризмот е многу важен за Канарските Острови, но мора да сфатиме дека колапсот е тотален“, изјави Хуан Франциско Галиндо, менаџер на хотел на Тенерифе, за „Ројтерс“.
Татко му поседува мал островски имот, на кој локалната администрација издаде наредба за експропријација во 2023 година поради одобрување проект за луксузен хотелски комплекс.
„Оние 70 квадратни метри што сакаат да ги експроприраат се сè она што го има мојот татко. Неговата здравствена состојба се влоши откога се случи ова“, рече тој.
Според официјалните податоци, повеќе од 1 милион странски туристи ги посетуваат Канарските Острови секој месец, во споредба со локалното население од 2,2 милиона.
Шпанија, која имаше рекорден број туристички пристигнувања во 2024 година, очекува уште повеќе посетители оваа година.
Шпанија беше сведок на неколку протести против прекумерниот туризам на други популарни дестинации за одмор, вклучувајќи ги Мајорка, Барселона и Малага. Слични демонстрации беа одржани на Канарските Острови минатата година.