Свет
САД запреа севернокорејски брод со проектили
Американскиот разурнувач USS McCampbell последните неколку седмици го следел товарниот брод M/S Light, кој на крајот бил би принуден да се врати во неговото матично пристаниште во Северна Кореја
Како што пишува во понеделникот The New York Times, севернокорејскиот брод наводно превезувал товарни делови за проектили за Мјанмар (поранешна Бурма) а операцијата на американската морнарица била извршена со помош на азиските сојузници.Ова е вторпат во последните две години разурнувач на Американската воена морнарица подолго време да следи севернокорејски брод за кој се претпоставува дека носи воен товар и да го принуди да се врати во водите на Северна Кореја. Белата куќа оцени дека станува збор за значаен успех во настојувањата да се наметнат санкциите на Обединетите нации врз Северна Кореја, пишува во понеделникот бостонскиот дневен весник Christian Science Monitor на своето интернет издание.Американски функционери во понеделникот потврдиле дека севернокорејскиот брод кој пловел под знамето на Белизе го сменил курсот откако разурнувачот USS McCampbell го следел од крајот на мај пред југоисточниот брег на Кина. Според Гери Сејмор, советник на Белата куќа за нуклеарни прашања, ова „дефинитивно претставува победа“. Тој додава дека со овој случај се покажува ефективноста на резолуцијата на Советот за безбедност при Обединетите нации, со санкциите за извоз на оружје, донесени по нуклеарните проби извршени од Северна Кореја во октомври 2006 и мај 2009 година. Иако спецификата на товарот што го пренесувал севернокорејскиот брод не е потврдена, се верува дека биле превезувани компоненти за ракети за Мјанмар, кој исто така се соочува со ембарго но на увоз на оружје до страна на многу западни земји. Покрај тоа, западните служби веруваат дека Северна Кореја на Мјанмар му испорачува и конвенционално вооружување, вклучувајќи пушки и автоматско оружје. Според написите во американските медиуми, откако разурнувачот на морнарицата на САД пред Шангај го пресретнал севернокорејскиот товарен брод, четири пати било барано властите во Пјонгјанг да дозволат претрес на товарот, што било одбиено а потоа бродот бил следен 13 илјади наутички милји, додека не сопрел и се вратил назад во водите на Северна Кореја и кон пристаништето од кое испловил.Во ова, според The New York Times, важна улога имал притисокот од страна на Виетнам, Филипини и другите држави на маршрутата на севернокорјскиот брод.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Санчез: Трамп игра „руски рулет“ со животите на милиони луѓе
Шпанскиот премиер Педро Санчез повторно се спротивстави на нападите врз Иран што ги изведуваат САД и Израел, предупредувајќи дека со тие потези се „игра руски рулет со животите на милиони луѓе“.
Санчез се обрати откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани со прекин на трговијата со Шпанија поради ставот на Мадрид за конфликтот.
„Така почнуваат големите катастрофи на човештвото. Не може да се игра руски рулет со судбината на милиони луѓе“, изјави Санчез во телевизиско обраќање.
Тензиите меѓу двата сојузника во НАТО се зголемија откако Санчез го осуди американско-израелското бомбардирање на Иран, нарекувајќи го непромислено и незаконско. Шпанија потоа забрани користење на американски авиони од поморските и воздушните бази во јужниот дел на земјата за напади врз Техеран.
Санчез порача дека светот не може да ги решава проблемите со конфликти и бомби и нагласи дека ставот на шпанската влада може да се сумира со зборовите „не за војна“.
„Нема да бидеме соучесници во нешто што е лошо за светот и спротивно на нашите вредности и интереси само за да избегнеме одмазда“, изјави шпанскиот премиер.
Тој потсети и на последиците од американската инвазија на Ирак во 2003 година, која доведе до пораст на тероризмот и на цените на енергијата, додавајќи дека причините и последиците од нападот врз Иран исто така се нејасни.
Шпанскиот министер за надворешни работи Хосе Мануел Албарес изјави за шпанската телевизија ТВЕ дека нападот врз Иран нема цел да воспостави демократија и нагласи дека Шпанија е суверена држава која одлуките ги носи во согласност со меѓународното право.
Свет
Советник на иранскиот лидер: Нема преговори со САД, ќе војуваме колку што сакаме
Иран нема намера да преговара со Соединетите Американски Држави и нема никакви контакти со Вашингтон, изјави за иранската државна телевизија Мохамад Мохбер, висок советник на покојниот врховен лидер на Иран.
Мохбер, кој претходно беше вршител на должноста претседател на Иран и прв потпретседател на државата, истакна дека Техеран нема доверба во САД.
„Немаме доверба во Американците и немаме никаква основа за преговори со нив“, изјави тој.
Додаде дека Иран е подготвен да ја продолжи војната „колку што долго сака“.
Свет
Европски стравувања: Фокусот на САД кон Иран може да ја намали помошта за Украина, објави „Политико“
Европските официјални лица стравуваат дека американскиот фокус на конфликтот со Иран може да го намали вниманието и воената поддршка за Украина, што би можело да ја отежни нејзината одбрана од руските напади, објави бриселскиот „Политико“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека долготраен конфликт на Блискиот Исток може да го ограничи пристапот на Украина до американските системи за противвоздушна одбрана и други клучни ресурси.
Според официјални лица, САД веќе употребиле големи количини ракети и пресретнувачи во операциите против Иран, што може да влијае врз резервите на оружје во Европа и Украина.
Европските влади, кои немаат доволно резерви, се обидуваат да развијат сопствени воени капацитети и да продолжат да ја поддржуваат Украина, но тој процес може да трае со години. Зеленски изјави дека Украина ќе користи домашни ресурси и финансирање за да го надомести евентуалниот недостиг.
Кризата веќе влијае и врз плановите на Европската унија. Состанок поврзан со украинското членство, кој требало да се одржи на Кипар, бил одложен по напад со ирански дрон врз британска воздухопловна база на островот.
Во меѓувреме, САД и Израел извршија напади врз Иран, меѓу кои и ликвидацијата на врховниот лидер Али Хамнеи, што според проценките го ослабува Иран како снабдувач на руската воена опрема.
Украински официјални лица сметаат дека американските операции против Иран индиректно може да ѝ помогнат на Украина, бидејќи го намалуваат пристапот на Русија до ирански дронови и технологија.
Сепак, украински пратеници предупредуваат дека продолжената кампања на САД и Израел против Иран може да го забави напредокот на мировните преговори со рускиот претседател Владимир Путин.

