Свет
Каде се 17 милијарди долари наменети за обнова на Ирак?
Ирачанците побараа да се дознае што се случило со 17 милијарди долари ирачки пари, кои биле дел од фондот со кој раководеле Американци, а кои биле наменети за обнова на земјата по воените години
Официјални американски преставници кои се обидуваат да влезат во трага на парите, наведуваат дека ирачката влада не соработува и дека досега не им бил овозможен пристап до банкарските досиеја со што би можеле да утврдат дали споменатите пари се проневерени. Парите наменети за реконструкција на земјата е болно прашање за Ирачанците, кои и покрај потрошените милијарди за обнова на земјата, се уште се соочуваат со недостиг на електрична енергија, лошо опремени болници и недоволен број на училишта. САД биле одговорни за управување со Фондот за развој за Ирак, кој е основан по инвазијата врз оваа земја во 2003 година. Во Фондот влегле пари од замрзнатиот имот на Садам Хусеин, од продажбата на нафта и од американската програма „нафта за храна“. Парите од Фондот за развој во најголем дел биле трошени преку агенциите на ирачката влада, што во прашање ја доведува и нивната улога кога станува збор за управувањето со овие пари. САД, сами, дополнително издвоија големи суми на пари за обнова на Ирак. Специјалниот американски инспектор за обнова на Ирак, надлежен за фондовите за обнова, објави два извештаи за користење на парите од Фондот за развој. Извештаите покажале дека не се знае каде завршиле 17 милијарди долари од овој фонд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Авион од Дубаи слета во Белград, евакуирани 200 српски државјани
Авион од Дубаи со 200 српски државјани слета денес во Белград, откако летовите меѓу Обединетите Арапски Емирати и Србија беа суспендирани поради тензиите на Блискиот Исток.
Првиот авион со 200 патници полета од аеродромот во Дубаи синоќа, објави Радио телевизија Србија (РТС).
Аеродромот во Дубаи објави дека првиот лет од Обединетите Арапски Емирати до Србија, по суспензијата на воздушниот сообраќај, полетал околу 23:30 часот по централноевропско време.
Авионот е Боинг 737 MAX 8, со капацитет од 162 до 200 патници, управуван од авиокомпанијата „Флајдубаи“.
Во меѓувреме, авиокомпанијата Емирати објави дека го продолжува сообраќајот со реализација на ограничен број летови.
„Приоритет им се дава на патниците со претходни резервации, а оние кои се прераспределени на овие ограничени летови ќе бидат контактирани директно од компанијата Емирати“, се вели во соопштението.
Компанијата ги повика патниците да не доаѓаат на аеродромот освен ако не бидат однапред известени, додавајќи дека сите други летови остануваат суспендирани до понатамошно известување.
Летовите беа откажани поради американско-израелската воена кампања започната во саботата против Иран, во која загинаа неколку високи ирански функционери, вклучувајќи го и врховниот лидер Али Хамнеи.
Како одговор, Техеран возврати со напади со беспилотни летала и ракети врз Израел, како и врз неколку земји во регионот каде што се наоѓаат американски воени објекти.
Свет
Цените на летовите меѓу Азија и Европа драстично се зголемија по нападот врз Иран
Цените на авионските билети меѓу Азија и Европа скокнаа откако клучните блискоисточни центри беа затворени поради војната на САД и Израел против Иран, при што многу рути беа распродадени неколку дена однапред.
Дубаи и другите големи центри во Заливот останаа затворени четврти ден по ред, намалувајќи го капацитетот на рутите како што се оние меѓу Австралија и Европа.
Патниците се пренасочуваат преку Кина, Сингапур и Северна Америка, додека алтернативните рути ги продолжуваат летовите и ги зголемуваат трошоците за гориво.
Авиокомпаниите надвор од погодениот регион, како што се „Катај Пацифик“, „Сингапур ерлајнс“ и „Туркиш ерлајнс“, бележат пораст на побарувачката.
Летовите до Лондон се претежно распродадени или се нудат по значително повисоки цени со краток рок на известување, а кинеските и азиските превозници следат сличен тренд.
Свет
Виткоф: Иран имал доволно ураниум за 11 нуклеарни бомби
Специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, изјави дека водечките ирански преговарачи на почетокот на годината се фалеле дека контролираат 460 килограми високо збогатен ураниум од 60 проценти, што би било доволно за изградба на 11 нуклеарни бомби.
Во интервју за „Фокс њуз“, Виткоф рече дека иранските претставници се „горди“ што избегнуваат надзор и тврдеа дека имаат „неотуѓиво право“ да збогатуваат нуклеарно гориво.
Сепак, САД тврдат дека ги уништиле нуклеарните постројки на Иран, што треба да го спречи Иран да го претвори ураниумот во оружје.
Тој додаде дека збогатениот ураниум би можел да се претвори во бомба во рок од една недела или 10 дена, со повторна употреба на нуклеарните постројки за кои САД тврдат дека се уништени.
Тој исто така изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп го испратил него и претставникот Џаред Кушнер да преговараат со Иран со цел да се постигне договор со кој Техеран ќе ја елиминира својата ракетна програма, ќе престане да ги поддржува посредниците, ќе ја намали својата морнарица и ќе престане да збогатува ураниум.
Според него, преговорите не биле успешни, а до крајот на втората средба станало јасно дека нема да се постигне договор.
„Отидовме таму и се обидовме да постигнеме фер договор со нив, и беше многу, многу јасно дека тоа ќе биде невозможно – веројатно до крајот на втората средба, но потоа се вративме на третата средба само за да се обидеме повторно. Тие сакаа да известиме за договорот, но таа средба не беше позитивна“, рече Виткоф, според Танјуг.

