Свет
Јакимовски: Забелешките на ССМ се глупост
Новиот закон за работни односи го суспендира уставното право на штрајк бидејќи работодавецот може да ги отпушти работниците што ќе ги бранат своите права, велат претставниците на Сојузот на синдикатите на Македонија.
Новиот закон за работни односи го суспендира уставното право на штрајк бидејќи работодавецот може да ги отпушти работниците што ќе ги бранат своите права, велат претставниците на Сојузот на синдикатите на Македонија. Според нив, одредбите на законот се непрецизни, контрадикторни и противуставни. Тие на денешната средба ќе побараат од премиерот Владо Бучковски да ја спречи утрешната постапка во Владата за усвојување на законот се додека не се усогласат ставовите меѓу социјалните партнери. Стевчо Јакимовски, министер за труд и социјална политика, ги оцени забелешките на синдикалците како обични глупости. Синдикалците најавија протести ако Владата ја усвои спорната содржина на предлог-законот за работни односи.
Пеце Груевски, портпарол на ССМ, вели дека повеќе одредби од законот се лошо преведени од законодавствата на Хрватска и некои други земји.
– Законот е изработен нестручно. Се укинува колективниот договор, останува незаконското вработување со договор на дело, не постои задолжителна исплата на плати, а поради лошиот превод има повеќе зборови што се несоодветни за материјата што се регулира во законот – вели Груевски.
Министерот Стевчо Јакимовски смета дека забелешките на синдикалците се неосновани. Тој информира дека на вчерашната седница на Економско- социјалниот совет работодавците позитивно го оцениле новиот закон.
– Советот се согласи со концептот на законот, а работодавците имаа забелешки за правната терминологија. Забелешките на синдикатот дека законот го забранува правото на штрајк, дека се укинува колективното договарање и дека се укинуваат надоместоците се глупости. Законот неоспорно ги регулира овие права – вели Јакимовски.
Синдикалците одбиле да присуствуваат на вчерашната седница на Економско-социјалниот совет бидејќи Јакимовски не го прифатил нивното барање за одложување на состанокот.
– Јакимовски се лаже ако мисли дека една седница од час и половина е доволна за да се усогласат разликите. Неговиот став беше или прифатете го законот каков што е, или текстот и без вашето мислење ќе оди во владина процедура. Владата не смее да му робува на еден министер за толку важно прашање и затоа ќе побараме од премиерот Бучковски да ја спречи постапката пред Владата – вели Пеце Ристески, претседател на синдикатот на металците, енергетичарите и рударите.
Министерот Јакимовски информира дека во законот има околу 40 новини што ги зголемуваат правата на работниците. Тој додаде дека периодот за пробно вработување ќе биде шест месеци, а приправничкиот период ќе биде една година.
Новина во законот е што периодот на платено боледување се намалува од 60 на 21 ден. Со оваа одредба државата го презема товарот од работодавците кога се работи за боледувања подолги од овој период. Со овој предлог не се задоволни ниту Министерството за здравство, ниту работодавците. В. Н.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Макрон: Расте непријателството кон Евреите, сите мораме да се мобилизираме
Францускиот претседател, Емануел Макрон, повика на зајакнати напори во борбата против антисемитизмот во Франција, откако нови владини податоци покажале дека непријателството кон Евреите останува на високо ниво, и покрај падот на регистрираните инциденти во 2025 година.
Франција, која има најголема еврејска заедница во Европа, минатата година евидентирала 1320 антисемитски дела, што претставува 53 отсто од сите инциденти поврзани со религија, според извештајот на Министерството за внатрешни работи објавен денеска.
Иако бројот на инциденти се намалил за 16 проценти во однос на претходната година, Министерството соопшти дека тие остануваат на „историски високо ниво трета година по ред“. Зголемувањето е забележано особено по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година и последователниот конфликт во Газа.
„Училиштата, правосудниот систем, избраните претставници – сите мора да се мобилизираат“, порача Макрон на церемонија по повод 20 години од смртта на Илан Халими, 23-годишен Евреин кој беше киднапиран и држен во заложништво 24 дена, пред да биде убиен. Водачот на бандата беше осуден на доживотен затвор во 2009 година.
Макрон го осуди, како што го нарече, „отровот на омразата на интернет“, и побара од Европската комисија да ги повика големите онлајн платформи на одговорност.
Свет
Мерц: Русија сè уште не е подготвена за сериозни мировни преговори
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека Русија сè уште не е подготвена за сериозни преговори за мир во Украина, иако западните сојузници се подготвени за дијалог кога ќе има смисла.
Говорејќи за време на Минхенската безбедносна конференција, Мерц го почна излагањето со критика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, раскажувајќи за „еден премиер од ЕУ“ кој заминал во Москва без мандат и „не постигнал ништо“. Според него, една недела по таа посета, Украина претрпела некои од најжестоките напади врз цивилната инфраструктура.
„Ако разговорите имаат смисла, ние сме подготвени. Но, како што гледаме и од американска страна – Русија сè уште не е подготвена сериозно да разговара“, рече Мерц.
Тој додаде дека војната ќе заврши дури кога Русија ќе биде барем економски, а можеби и воено, исцрпена:
„Се приближуваме до тој момент, но сè уште не сме таму. Русија мора да се откаже од овој ужасен напад врз Украина, а ние мора да направиме сè што е потребно за да ги доведеме до точка кога повеќе нема да гледаат корист од продолжување на оваа војна“, истакна германскиот канцелар.
Регион
На Мерц му е непријатно оти е закочено членството на Западен Балкан во ЕУ
Германскиот канцелар Мерц во Минхен зборуваше за иднината на проширувањето на Европската унија, откако расправата беше поттикната од прашање на претседателот на Црна Гора.
Тој призна дека чувствува „сè поголема непријатност“ поради тоа што Европската унија не успева да постигне значаен напредок во пристапните процеси со земјите од Западен Балкан и соседството.
„Мораме да осмислиме нова стратегија за да ги доближиме овие земји до ЕУ. Не сакам да ве изгубам“, порача Мерц.
Како главна пречка го наведе принципот на едногласност, со посебен акцент на постојаното блокирање од страна на Унгарија, која ја опиша како „слон во просторијата“. Тој изрази надеж дека ова може да се надмине.
„По изборите што ќе се одржат во април, се надеваме дека ќе можеме да ги отвориме следните поглавја и да ви се приближиме уште повеќе кон Европската унија“, заклучи тој.

