Свет
НАТО: Задачата на Алијансата не е да го уапси Гадафи
Задачата на НАТО не е да го уапси либискиот лидер Моамер ел-Гадафи и неговите соработници, но ним треба да им се суди за дела за кои се обвинети, оцени денеска Западната воена Алијанса.
Задачата на НАТО не е да го уапси либискиот лидер Моамер ел-Гадафи и неговите соработници, но ним треба да им се суди за дела за кои се обвинети, оцени денеска Западната воена Алијанса. НАТО, меѓудругото, соопшти дека воената интервенција во Либија ќе продолжи со засилен ритам. Меѓународниот кривичен суд во Хаг, вчера издаде налози за апсење на Гадафи, неговиот син Сеиф ал-Ислам и шефот на разузнавачката служба Абдулах ал- Сануси.„Издавањето на налозите за апсење е уште една порака која меѓународната заедница му ја упати на Гадафи: вашето место е во судницата, а не на власт во Либија“, изјави на прес конференцијата во Брисел, портпаролката на НАТО, Оана Лунгеску. Таа потенцира дека должноста на НАТО не е да го апси Гадафи и неговите соработници, туку да ги заштити цивилите во Либија, додека апсењето на либискиот водач треба да го спроведат надлежните служби. Портпаролката на Алијансата потсети дека целите на НАТО се јасни, а тоа е прекин на насилствата врз цивилното население, враќање на силите на Гадафи во касарните и слободен тек на хуманитарната помош. Лунгеску нагласи дека воениот, во комбинација со политичкиот притисок е она што може да придонесе за воспоставување на демократијата во Либија. крај/б/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

