Свет
Околу 40 лица убиени во еден ден во Карачи
Најмалку 37 лица се убиени од непознати напаѓачи минатата ноќ во најголемиот пакистански град Карачи на југот од земјата, јави во петокот телевизискиот канал Aadzh повикувајќи се на полициски извори
Меѓу жртвите во уличните престрелки има и жени и деца. Според локалните медиуми, бројот луѓе убиени последните три дена во Карачи не е помал од 68 жртви.Убиствата се случуваат во разни делови од градот. Неидентификувани вооружени лица, кои припаѓаат, според написите во локалниот печат, на спротиставени етнички и политички групи, отвораат оган врз автомобили, комбиња, па дури и автобуси од градскиот сообраќај. Како што е за телевизијата изјавуваат телефонски очевидци, по големиот број убиства последниот ден, Карачи е парализиран – јавниот сообраќај не функционира, повеќето продавници се затворени, бензинските пумпи не работат, а затворени се и многу компании и образовни институции. Како резултат на тоа, жителите на Карачи во четвртокот речиси ги нападнале неколкуте отворени бензински пумпи да купат гориво. Во петокот, сите бензински пумпи се затворени и никој не знае кога тие ќе бидат повторно отворени.Во градот, според најновите податоци, се ангажирани повеќе од илјада припадници на погранично-ренџерските единици од областите на пакистанската-авганистанската граница. Властите се надеваат дека присуството на војниците ќе помогне за стабилизирање на ситуацијата. Карачи неодамна беше сцена на многу пресметки меѓу криминални групи и спротивставените политички групации и движења. На улиците на 15-милионската метропола најчесто жртви се членовите на завојуваните страни, а особено припадниците на „Авами нејшнл парти“ (Националната народна партија) којашто ги претставува Паштуните, а на спротивната страна од неа е движењето „Мутахида коми мувмент“, која ги обединува припадниците на заедниците кои го говорат урду јазикот, бегалци од Индија и нивните потомци.Чести се судирите меѓу етничките групи, чиј интензитет се зголемува од година во година. Политичките групации инаку веќе подолго време одржуваат во своите редови и вооружени парамилитантни групи. Мухаџирите (преведено од урду јазикот „бегалци“), чиишто семејства се доселиле во Карачи по поделбата на Британска Индија во 1947 година, кои ги обвинуваат Паштуните дека „организираат мафија“ и со гангстерски методи ја држат контролата врз трговијата и градежништвото во градот. Мухаџирите, исто така, се загрижени што во паштунската заедница се сé популарни идеите што ги шири радикалното исламистичко движење – талибаните. Од друга страна, Паштуните тврдат дека се дискриминирани по етничка основа, и тие не можат да добијат добра работа и да имаат нормални животни услови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп ќе го пречека претседателот на Колумбија во Белата куќа на почетокот на февруари
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денеска објави дека во првата недела од февруари ќе го пречека колумбискиот претседател Густаво Петро на разговори во Белата куќа.
„Сигурен сум дека ќе биде многу добро и за Колумбија и за САД, но кокаинот и другите дроги мора да бидат запрени пред да влезат во Соединетите Држави“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social.
Зборовите на Трамп претставуваат промена во тонот по месеците остри критики кон Петро и неговата влада, обвинувајќи го колумбискиот претседател дека управува со „фабрики за кокаин“.
Трамп објави дека тој и Петро разговарале по телефон во средата и се согласиле да се сретнат во Белата куќа, но не го прецизираше точниот датум на средбата.
Во изјавите објавени денеска, Петро рече дека Трамп му рекол во телефонски разговор дека размислува за воени операции во Колумбија, што е поврзано со регионалните тензии по американската воена операција во Венецуела.
„Трамп ми рече во телефонски разговор дека размислува за лоши работи во Колумбија. Пораката беше дека тие веќе се подготвуваат, планираат воена операција“, изјави Петро за шпанскиот весник „Ел Паис“, додавајќи дека верува оти заканата е замрзната по разговорот, но призна: „Можеби грешам“.
Петро рече дека Колумбија нема капацитети за воздушна одбрана, но повика на народен отпор во случај на таква воена операција во неговата земја.
Средбата треба да се одржи во време кога односите меѓу САД и Колумбија се обидуваат да се стабилизираат и да се префрлат кон дијалог, и покрај широко распространетите разлики околу политиката за дрога и регионалната безбедност.
фото/депозитфотос
Свет
Венецуела сака да ги обнови дипломатските односи со САД
Венецуелската влада започна да истражува опции за проширување на дипломатските односи со САД, а се очекува претставници на американскиот Стејт департмент да отпатуваат во Каракас за технички и логистички проценки, соопштија двете земји. Стејт департментот соопшти дека американските претставници го проценуваат „потенцијалното продолжување“ на работењето на амбасадата во јужноамериканската земја.
Вашингтон и Каракас сигнализираа подготвеност за соработка по американската воена операција од минатата недела што резултираше со апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро. Неговата потпретседателка Делси Родригез ја презеде функцијата привремен шеф на државата.
„Венецуелската влада одлучи да започне прелиминарен дипломатски процес со американската влада, со цел повторно воспоставување дипломатски мисии во двете земји“, соопшти венецуелската влада.
Претходно денеска, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ослободувањето на политичките затвореници во Венецуела е знак за „барање мир“ и дека како резултат на тоа го откажал планираниот втор бран напади.
Во среда, Трамп рече дека САД „се сложуваат многу добро“ со венецуелската влада предводена од Родригез, особено кога станува збор за обнова на нафтената и гасната инфраструктура.
фото/епа
Свет
Трамп му посака среќа на Орбан во изборната кампања
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, му посака среќа на унгарскиот премиер Виктор Орбан, долгогодишен сојузник, во неговата изборна кампања, според писмото што Орбан го објави на својата Фејсбук страница.
Во писмото, Трамп наведува дека „смелото лидерство“ на Орбан служи како пример за остатокот од светот. Тој додаде дека со нетрпение очекува „продлабочување на соработката“ во областите на одбраната, енергетиката и нелегалната миграција, пишува агенцијата „Ројтерс“.
„Секогаш цврсто сте стоеле во одбрана на принципите што ја прават Унгарија толку исклучително место – религијата, семејството и суверенитетот“, напиша Трамп во писмото.
Националистот Орбан се соочува можеби со најтешкиот предизвик во неговите 16 години на власт, со комбинација од економска стагнација во Унгарија, зголемување на трошоците за живот и скандал со малолетнички притворен центар што го зајакнува опозицискиот ривал чија партија води во повеќето анкети.
Изборите се очекуваат во април.
Во писмото, Трамп му се заблагодари и на Орбан за поканата да ја посети Унгарија, наведувајќи дека неговиот тим „ќе биде во контакт“ во врска со распоредот. Во понеделник, Орбан рече дека посетата на „високо рангиран“ американски политичар е веројатно да се случи пред изборите.
фото/епа

