Свет
Хејг исклучи можност за воена интервенција во Сирија
Велика Британија сака да се засили меѓународниот притисок врз Сирија, во кој би учествувале и арапските држави, поради насилството врз демонстрантите но ја исклучува можноста за воена интервенција, во понеделникот изјави британскиот министер за надворешни работи, Вилијам Хејг во разговор за BBC
„Ние сакаме дополнителни санкции. Сакаме да се засили меѓународниот притисок. Секако, за да биде ефикасен, тоа не може да биде притисок само од западните земји, туку тој треба да ги вклучува и арапските земји и Турција“, изјави шефот на британската дипломатија Вилијам Хејг за британскиот државен радиодифузер. Хејг притоа нагласи дека воена интервенција против Сирија, па дури и со одобрување на Обединетите нации, „не се разгледува како опција“. Во нападот на сириските тенкови на градот Хама, кој е во рацете на бунтовниците , во неделата биле убиени сто лица, а десетици биле ранети, пренесуваат западните медиуми.Забележливо е менувањето во именувањето на противниците на сирискиот режим кои досега беа именувани како демонстрантите или опозиционери, од страна на западните медиуми. Овој термин почна да се употребува од неделата, кога агенциите јавија дека градот Хама е под контрола на противниците на претседателот Башар ал-Асад. Градот Хама е историски симбол од 1982 година, кога 20 илјади луѓе загинаа по бруталното задушување на протестите на „Муслиманското братство“ за време на владеењето на Хафез Асад, татко на сегашниот претседател Башар ал-Асад.Сириските власти и натаму тврдат дека бунтот од 15-ти март го почнале „вооружени терористички банди кои се надвор од земјата“ и дека во судирите со нив досега се убиени повеќе од 340 припадници на сириската полиција и на војската. Опозицијата во Сирија тврди дека од почетокот на протестите во Сирија се убиени 1.600 луѓе, а повеќе илјади луѓе ја напуштија Сирија, покажуваат податоците на невладините организации.Бунтот во Сирија започна во средината на март, откако во пограничниот град со Јордан, Дера’a беше уапсена група ученици кои испишувале анти-владини слогани по ѕидовите. Жителите на градот масовно излегоа на улиците барајќи ослободување на момчињата. Подоцна протести се одржаа и во неколку други региони на земјата, особено во градовите Латакија, Баниас, Хомс, Хама и во некои предградија од главниот град Дамаск.Асад се обиде да ги смири демонстрантите, укинувајќи ја 50-годишната вонредна состојба, но апсењата без налог продолжија и покрај укинувањето на таквиот закон. Протестите во Сирија продолжуват и покрај тоа што сириските власти објавија план за реформи, меѓу кои беше и укинувањето на воената состојба од страна на претседателот Башар ел-Асад од кого се бара итна оставка, воведена во 1963 г.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

