Свет
Најмалку 25 убиени во етнички судири во Карачи
Најмалку 25 лица, меѓу кои и политички активисти, се убиени последните два дена, а многу други се повредени во етнички судири во различни делови на Карачи.
Најмалку 25 лица, меѓу кои и политички активисти, се убиени последните два дена, а многу други се повредени во етнички судири во различни делови на Карачи.Осум лица беа убиени во понеделникот, а 17 загинаа во неделата, соопштија во денеска пакистанските безбедносни служби. Меѓу жртвите повеќето се активисти на движењето Мутахида Кауми (Muttahida Qaumi Movement – MQM) и Пакистанската народна партија (Pakistan People’s Party – PPP).Во меѓувреме, вооружени лица заплениле десетина возила и заземаа неколку хотели во различни делови на градот, додека 80 мотоцикли се запалени во Сохраб Гот, индустриската зона на најнаселената пакистанска метропола.Денеска во квартот Солџер Базар биле запалени камион на електричната компанија од Карачи и возила на „Карачи метрополитен“ корпорацијата, како и повеќе приватни автомобили.Во јули во Карачи се убиени околу 200 лица, што е најсмртоносниот месец последните две децении, цитира Reuters извори од локалната полиција. Според локалните власти, засега не е јасно што директно го предизвика последниот бран насилство, кој започна во западниот дел на градот.Убиствата се случуваат во разни делови од градот. Неидентификувани вооружени лица, кои припаѓаат, според написите во локалниот печат, на спротиставени етнички и политички групи, отвораат оган врз автомобили, комбиња, па дури и автобуси од градскиот сообраќај. Во градот се ангажирани повеќе од илјада припадници на погранично-ренџерските единици од областите на пакистанскo-авганистанската граница. Властите се надеваат дека присуството на војниците ќе помогне за стабилизирање на ситуацијата.Карачи неодамна беше сцена на многу пресметки меѓу криминални групи и спротивставените политички групации и движења. На улиците на 15-милионската метропола најчесто жртви се членовите на завојуваните страни, а особено припадниците на „Авами нејшнл парти“ (Националната народна партија) којашто ги претставува Паштуните, а на спротивната страна од неа е движењето „Мутахида коми мувмент“, која ги обединува припадниците на заедниците кои го говорат урду јазикот, бегалци од Индија и нивните потомци.Чести се судирите меѓу етничките групи, чиј интензитет се зголемува од година во година. Политичките групации инаку веќе подолго време одржуваат во своите редови и вооружени парамилитантни групи.Мухаџирите (преведено од урду јазикот „бегалци“), чиишто семејства се доселиле во Карачи по поделбата на Британска Индија во 1947 година, кои ги обвинуваат Паштуните дека „организираат мафија“ и со гангстерски методи ја држат контролата врз трговијата и градежништвото во градот. Мухаџирите, исто така, се загрижени што во паштунската заедница се сé популарни идеите што ги шири радикалното исламистичко движење – талибаните. Од друга страна, Паштуните тврдат дека се дискриминирани по етничка основа, и тие не можат да добијат добра работа и да имаат нормални животни услови./крај/ро/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

