Свет
Асад предупредува дека Сирија нема да попушти
Сирискиот претседател Башар ал-Асад вели дека неговата земја „нема да ја наведне главата“ пред меѓународна воена интервенција којашто му се заканува поради насилното задушување на опозициските демонстрации, во разговорoт што во недела го објави британскиот весник The Sunday Times.
Сирискиот претседател Башар ал-Асад вели дека неговата земја „нема да ја наведне главата“ пред меѓународна воена интервенција којашто му се заканува поради насилното задушување на опозициските демонстрации, во разговорoт што во недела го објави британскиот весник The Sunday Times.
Велејќи дека е целосно подготвен да се бори и да го положи животот во борбата со странските сили, претседателот на Сирија, Башар ал-Асад, за кого тоа „самото посебе е разбирливо и воопшто не доаѓа во прашање“, тврди дека го боли секоја капка пролиена крв во неговата татковина, но дека неговиот режим мора да го обезбеди почитувањето на законот пред „вооружените банди“.
„Мојата претседателска функција бара да се дејствува, а не да се зборува и да се жали. Мојата улога е да се размислува за одлуките коишто морам да ги донесам за да го спречам уште поголемото пролевање крв“, додава Асад.
„Единственото решение е да се пронајдат вооружените лица, да се протераат вооружените банди, да се спречи внесување оружје и муниција од соседните земји, да се спречи саботажата и да се обезбеди почитувањето на законот и редот“, потенцира сирискиот претседател.
„Судирот ќе продолжи, а ќе продолжи и притисокот за да се покори Сирија“, вели Асад додавајќи дека „Сирија нема да ја наведне главата“. Притоа тој ја обвини Арапската лига дека бара причина за да се оправда западната воена интервенција којашто, како што повторно предупредува, ќе предизвика „земјотрес“ во регионот.
„Воената интервенција ќе го дестабилизира целиот регион и сите земји ќе страдаат“, предупреди првиот човек на Сирија.
Насилствата во Сирија продолжуваат, а според најновите информации во петокот и саботата забележани се нови десетици жртви, од кои најголем број се цивили, и тоа само неколку часа пред истекот на ултиматумот што на официјален Дамаск му го даде Арапската лига, кој истече на полноќ во саботата.
Ултиматумот е „даден за да се покаже дека меѓу Арапите постои прболем“ и за да на „западните сили им се даде „причина за воено вмешување во Сирија“, оценува сирискиот претседател Асад.
Дамаск нема официјален одговор на повиците од Арапската лига којашто во средата одреди три дена да ја прекине репресијата над цивилите под закана за економски санкции, отако претходно ја исклучи Сирија од работата на организацијата. /крај/афп/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пилотите и кабинскиот персонал на „Луфтханза“ најавија целодневен штрајк
Пилотите и кабинскиот персонал на германскиот авиопревозник „Луфтханза“ во четврток ќе почнат целодневен штрајк поради спор околу платите и условите за работа.
Синдикатот „Vereinigung Cockpit“ бара повисоки пензии за пилотите, додека синдикатот на кабинскиот персонал „UFO“ сака да го принуди работодавачот на преговори за различни колективни договори.
На патниците им е порачано да се подготват за откажувања и доцнења на летовите, а се очекува штрајкот да ги погоди сите поаѓања од Германија. Ќе бидат засегнати и товарните летови.
Засега не е познато колку летови ќе бидат откажани. Портпаролот на компанијата изјави дека очекуваат подетални информации од синдикатите.
Пилотите минатата година со мнозинство гласови одлучиле да преземат индустриска акција поради барањата за повисоки придонеси од страна на работодавачот за пензии.
Синдикатот „UFO“ со штрајкот, кој е свикан без гласање, сака да го натера работодавачот на преговори за колективните договори во матичната компанија Луфтханза и во регионалната подружница „CityLine“. Само во „CityLine“, наводно, околу 800 работни места се загрозени поради овој потег.
Според билтенот на синдикатот, управата одбива преговори. Во матичната компанија досега безуспешно се чекало отворање на разговори за колективен договор.
Свет
ЕУ воведува апликација за пријавување сајбер-насилство кај младите
Младите во Европската Унија наскоро ќе можат преку посебна апликација да пријавуваат сајбер-насилство, најави еврокомесарката за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен, во Стразбур.
Апликацијата е дел од Акцискиот план за борба против кибернетичкото злоставување, претставен на Меѓународниот ден за побезбеден интернет. Виркунен изјави дека „сите жртви и сведоци на злоставување мора да знаат каде можат да се обратат за помош“, поради што ќе се воведе алатка на ниво на ЕУ.
Таа повика земјите-членки да изработат национални планови и да воспостават заедничка дефиниција за сајбер-насилство, со цел подобра споредба на податоци и поефикасна заштита на младите.
Европската комисија потсети дека со Актот за дигитални услуги од платформите се бара повисоко ниво на приватност и заштита на малолетниците, додека со Актот за вештачка интелигенција се забранува манипулација и измама на корисниците.
Европратениците повикаа на поголема одговорност на социјалните мрежи.
Свет
Витакер: Трамп и Зеленски ќе го потпишат мировниот договор кога ќе дојде време
Американскиот амбасадор при НАТО, Метју Витакер, изјави дека мирот во Украина е поблиску од кога било досега, иако сè уште не е утврдено кога украинскиот и американскиот претседател ќе го потпишат мировниот договор за ставање крај на руската агресија.
Витакер рече дека договорот ќе биде потпишан „кога ќе дојде време“ и дека верува оти завојуваните страни се блиску до постигнување мир.
„Постојано го повторувам тоа, не само затоа што верувам во тоа, туку и затоа што внимателно ги следам преговорите. Мислам дека сме поблиску до мир во Украина од кога било“, изјави тој.
Додаде дека документите за мировниот договор ќе ги потпишат Доналд Трамп и Володимир Зеленски „кога тоа ќе биде соодветно и кога ќе дојде време“.
„Сметам дека треба да продолжиме да се молиме за мир, но истовремено да обезбедиме Украина и натаму да има, преку програмата ПУРЛ (програма преку која европските членки на НАТО од САД купуваат оружје за Украина) и други иницијативи, сè што ѝ е потребно за да се брани“, рече Витакер.
САД очекуваат земјите-членки на НАТО во наредните два дена да објават нови обврски за купување американско оружје за Украина.
Витакер посочи дека трите земји кои досега купиле најмногу американско оружје за Украина преку програмата ПУРЛ се Германија, Холандија и Норвешка.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за време на посетата на Украина вети дека ќе обезбеди повеќе од 15 милијарди долари за купување вооружување за украинските вооружени сили во рамки на истиот програм.

