Свет
Избори во Шпанија: најголема победа на десницата по 30 години
Шпанската Народна партија на Мариан Рахој го освои апсолутното мнозинство на вчерашните парламентарни избори и ја оствари најголемата победа на шпанските конзервативци во изминативе 30 години.
Шпанската Народна партија на Мариан Рахој го освои апсолутното мнозинство на вчерашните парламентарни избори и ја оствари најголемата победа на шпанските конзервативци во изминативе 30 години.
Познавачите овој незапамтен пораз на социјалистите го припишуваат на лошата економска политика на владата во заминување.
Според официјалните резултати по 99,5 проценти избројани гласови, социјалистите по седум години владеење, на овие избори освоиле 110 парламентарни мандати или 29 проценти од гласовите, додека победничката Народна партија освоила 186 места (45 проценти) од долниот дом на парламентот со 350 седишта.
Се работи за најдобар резултат на десниот центар и најлош на социјалистите од враќањето на демократијата во Шпанија во средината не 70-те години, по смртта на диктаторот Франко.
Новиот премиер Рахој сега се соочува со спроведување на драстични мерки во обид да спречи Шпанија да западне во подлабока депресија, која и се заканува на целата еврозона. Со пет милиони невработени, што е најголема стапка на невработеност во Европската унија, Шпанија навлегува во втора рецесија во последниве четири години. Со овие избори, Шпанија стана петта европска држава која ја смени власта заради растечката криза во еврозоната, по Грција, Италија, Португалија, и Ирска.
Во обраќањето до гласачите по најголемата изборна победа на десницата, Рахој изјави дека Шпанија нема да направи чудо за да се извлече од сериозната економска криза, но дека мора да си ја врати почитта на Европската унија.
„Шпанскиот глас повторно мора да биде почитуван во Бросел и во Франкфурт. Ќе престанеме да бидеме дел од проблемот и ќе станеме дел од решението“, рече Рахој и додаде дека е свесен оти на власт доаѓа во најчувствителните околности во последниве 30 години. Тој најави дека за начините со кои ќе се бори против кризата ќе се консултира со сите региони.
Убедливата победа на десниот центар се очекуваше веќе според предизборните анкети, а социјалистичкиот премиер Луис Родригез Запатеро уште тогаш најави дека нема да кандидира за трет мандат.
Социјалистите на власт во Шпанија беа од 2004 година, а од 2008 година имаа релативно мнозинство во конфресот, со 169 пратеници, наспроти 154-те на десницата. /крај/хина/сс/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пилотите и кабинскиот персонал на „Луфтханза“ најавија целодневен штрајк
Пилотите и кабинскиот персонал на германскиот авиопревозник „Луфтханза“ во четврток ќе почнат целодневен штрајк поради спор околу платите и условите за работа.
Синдикатот „Vereinigung Cockpit“ бара повисоки пензии за пилотите, додека синдикатот на кабинскиот персонал „UFO“ сака да го принуди работодавачот на преговори за различни колективни договори.
На патниците им е порачано да се подготват за откажувања и доцнења на летовите, а се очекува штрајкот да ги погоди сите поаѓања од Германија. Ќе бидат засегнати и товарните летови.
Засега не е познато колку летови ќе бидат откажани. Портпаролот на компанијата изјави дека очекуваат подетални информации од синдикатите.
Пилотите минатата година со мнозинство гласови одлучиле да преземат индустриска акција поради барањата за повисоки придонеси од страна на работодавачот за пензии.
Синдикатот „UFO“ со штрајкот, кој е свикан без гласање, сака да го натера работодавачот на преговори за колективните договори во матичната компанија Луфтханза и во регионалната подружница „CityLine“. Само во „CityLine“, наводно, околу 800 работни места се загрозени поради овој потег.
Според билтенот на синдикатот, управата одбива преговори. Во матичната компанија досега безуспешно се чекало отворање на разговори за колективен договор.
Свет
ЕУ воведува апликација за пријавување сајбер-насилство кај младите
Младите во Европската Унија наскоро ќе можат преку посебна апликација да пријавуваат сајбер-насилство, најави еврокомесарката за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен, во Стразбур.
Апликацијата е дел од Акцискиот план за борба против кибернетичкото злоставување, претставен на Меѓународниот ден за побезбеден интернет. Виркунен изјави дека „сите жртви и сведоци на злоставување мора да знаат каде можат да се обратат за помош“, поради што ќе се воведе алатка на ниво на ЕУ.
Таа повика земјите-членки да изработат национални планови и да воспостават заедничка дефиниција за сајбер-насилство, со цел подобра споредба на податоци и поефикасна заштита на младите.
Европската комисија потсети дека со Актот за дигитални услуги од платформите се бара повисоко ниво на приватност и заштита на малолетниците, додека со Актот за вештачка интелигенција се забранува манипулација и измама на корисниците.
Европратениците повикаа на поголема одговорност на социјалните мрежи.
Свет
Витакер: Трамп и Зеленски ќе го потпишат мировниот договор кога ќе дојде време
Американскиот амбасадор при НАТО, Метју Витакер, изјави дека мирот во Украина е поблиску од кога било досега, иако сè уште не е утврдено кога украинскиот и американскиот претседател ќе го потпишат мировниот договор за ставање крај на руската агресија.
Витакер рече дека договорот ќе биде потпишан „кога ќе дојде време“ и дека верува оти завојуваните страни се блиску до постигнување мир.
„Постојано го повторувам тоа, не само затоа што верувам во тоа, туку и затоа што внимателно ги следам преговорите. Мислам дека сме поблиску до мир во Украина од кога било“, изјави тој.
Додаде дека документите за мировниот договор ќе ги потпишат Доналд Трамп и Володимир Зеленски „кога тоа ќе биде соодветно и кога ќе дојде време“.
„Сметам дека треба да продолжиме да се молиме за мир, но истовремено да обезбедиме Украина и натаму да има, преку програмата ПУРЛ (програма преку која европските членки на НАТО од САД купуваат оружје за Украина) и други иницијативи, сè што ѝ е потребно за да се брани“, рече Витакер.
САД очекуваат земјите-членки на НАТО во наредните два дена да објават нови обврски за купување американско оружје за Украина.
Витакер посочи дека трите земји кои досега купиле најмногу американско оружје за Украина преку програмата ПУРЛ се Германија, Холандија и Норвешка.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за време на посетата на Украина вети дека ќе обезбеди повеќе од 15 милијарди долари за купување вооружување за украинските вооружени сили во рамки на истиот програм.

