Свет
Христијаните во Ерусалим го слават католички Велигден
Илјадници римокатолички христијани и припадници на разни протестантски цркви се собраа во неделата во Ерусалим на прослава на Христовото Воскресение, а агенциите јавуваат дека во една од најважните цркви на христијанството во Светата земја одекнуваат песни и молитви.
Католиците и протестантите наизменично одржуваат миси во базиликата на Светиот гроб, подигната на местото на коешто според верувањето на христијаните бил распнат на крстот Исус Христос и погребан.
Свештениците во бели и во златести одежди држат миси, воздухот во црквата е тежок од силниот мирис на темјанот, а верниците ја исполниле црквата којашто всушност е низа од споени простории коишто наликуваат на спили, но богато украсени, со скалила коишто водата до галеријата и исчезнуваат од видикот во темнината.
Различните и често раскарани меѓусебно христијански групи го имаат под свој надзор различните делови од црквата на Светиот гроб.
Италијанскиот премиер Марио Монти кој во Ерусалим допатува во приватна посета, во неделата им се придружил на масите христијански верници. Тој се ракувал со аџиите и во Стариот град во Ерусалим се задржал во кус разговор со монасите и свештенството, пренесува агенцијата Ansa.
Илјадниците палестински католици се чукаат со бојосани јајца, со што го симболизираат Исусовото станување од гробот и јадат печиво во облик на венец, што го симболизира Христовата круна од трње.
„Исус ни го вети спасот и се надеваме дека ќе го заслужиме тоа, бидејќи тоа своето ветување ќе го одржи“, изјави локалниот свештеник Марван Деидис.
Десетици илјадници христијански аџии надвор од регионот, исто така, на Велигден се слеаја во Ерусалим и Света земја.
Група руски бизнисмени три дена минаа аџилак пеш низ пустината и во петокот попладне пристигнаа во Храмот во Ерусалим, како што соопшти претседателот на Рускиот еврејски конгрес, Јуриј Каннер, за да се почувствуваат како евреите пред илјадници години. Дванаесетте Руси претежно со еврејско потекло, ноќите ги минувале во шатори а преку ден минувале по околу 20 километри. Аџилакот низ израелската пустина Арава го започна близу градот Цофар.
Како и секоја година, Израел издаде пропусници за 500 христијани од Појасот Газа за може да влезат во Израел и на Западниот брег. Повеќе од 20 илјади христијани од целиот свет, и од сите конфесии, добија специјални дозволи за посета на Ерусалим до крајот на идната седмица, кога православните верници ќе го одбележа Велигден.
Во Светата земја има околу 110 илјади арапски христијани, и илјадници странски христијански работници, баратели на азил и русофони имигранти. Христијаните претставувале повеќе од 18 отсто од населението што живее во Светата земја во 1948 година која е востановена државата Израел, а денес ги има помалку од 2 отсто.
Во Базиликата на Светиот Гроб од рано наутро во петокот се собраа многу верници коишто присуствуваа на централната прослава, а израелските безбедносни сили ги надгледуваа сите приоди кон црквата. Израелските власти низ целата земја го прогласија вториот највисок степен на готовност за армијата. Причина за тоа е што годинава се поклопуваат католичките Пасхални тримери и големиот еврејски празник Пасха.
Најголемиот празник на еврејската заедница се слави во спомен на егзодусот на еврејскиот народ од Египет по 400-годишното ропство. Трае седум дена, а тече од заоѓањето на сонцето во петок, годинава на 6-ти април.
Римокатолиците, пак, но и сите протестантски цркви во светот, во Светата земја, од петок го славеа Вазменото тридневље (хрватски – з.р.), во спомен на тајната на маките, смртта и воскреснувањето на Исус Христос.
Според Евангелието, Исус кој бил Евреин по потекло, е предаден неколку часа откако го споделил традиционалниот оброк Пасха со своите ученици. Осуден на смрт од римјанинот Понтиј Пилат, на плеќите го носел крстот до брдото Голгота надвор од ерусалимските ѕидини, цело време камшикуван, каде што бил распнат на крст.
Стариот град и Виа Долороса се наоѓаат во источниот дел од Ерусалим, кој е населен претежно со арапско население, а државата Израел го зазема во 1967 година.
Пред почнувањето на празниците, Израел ги затвори контролните пунктови преку кои може да се влезе на негова територија од окупираниот Западен брег, така што пристапот е ограничен само за хуманитарни и итни случаи./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

