Свет
Советот за безбедност изгласа испраќање 300 набљудувачи во Сирија
Советот за безбедност на Обединтетите нации во саботата попладне изгласа испраќање невооружени воени набљудувачи во Сирија, коишто ќе го надлгедуваат прекинот на огнот меѓу владините и опозициските вооружени сили.
Набљудувачите ќе престојуваат во земјата во почетен период од 90 дена во рамките на напорите на меѓународната заедница да се запрат крвопролевањата коишто траат веќе 13 месеци при што загинаа најмалку 9.000 луѓе.
Според прифатенета во саботата наутро (по локално време во Њујорк) резолуција на Советот за безбедност, мисијата на воените набљудувачи и неопходниот цивилен персонал треба да биде испратена во Сирија „без одлагање“, според процената на генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, за ситуацијата на теренот.
Во резолуцијата се наведува дека „станува од фундаментално значење решавањето на ситуацијата во Сирија“, изјави по гласањето, постојаниот претставник на Русија во ОН Виталиј Чуркин за РИА Новости.
„Неприфатливо е какво и да е проширување на толкувањето на резолуцијата“, дополни Чуркин, според кого „либискиот модел“ во развојот на настаните коишто доведоа до воена интервенција во Либија во 2011 година, треба да остане во минатото.
Советот за безбедност побара, меѓу другото, сириската влада да им обезбеди целосна слобода на движењето на воените набљудувачи и да го реши проблемот со нивниот транспорт.
Во резолуцијата, исто така, се истакнува дека мисијата ќе ја следи ситуацијата со од двете страни прифатениот прекин на огнот и отфрлање на сите форми на насилство, како и целосна имплементација на планот на специјалниот претставник на ОН и на Арапската лига, поранешниот генерален секретар на светската организација Кофи Анан. Според планот на Анан, во Сирија сега на сила е кревкото примирје меѓу ткн Сириската слободна војска, вооруженото крило на опозицијата и безбедносните сили на владата на претседателот Башар ал-Асад.
Според планот за надминување на кризата во Сирија, треба да се исполнат од двете страни, владата и опозицијата, голем број обврски, во прв ред престанување на вооружените насилства под ефективна контрола на специјалниот механизам на ОН, обезбедување хуманитарна помош за населението во областите зафатени со конфликтот и започнување инклузивен политички меѓусириски дијалог. Предлозите на специјалниот пратеник на ОН, беа едногласно поддржани од страна на Советот за безбедност./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ: Следната година е многу важна, ќе ја одреди судбината на Србија
Српскиот претседател Александар Вучиќ ја оцени 2026 година како исклучително важна година поради изборите што ќе „ја одредат судбината на Србија“ и големите инвестиции планирани како дел од подготовките за изложбата ЕКСПО 2027, пишува „n1info.rs“.
Вучиќ изрази надеж дека граѓаните ќе „судат според постапките“ кога гласаат и ќе дадат поддршка на Српската напредна партија.
„Донесете ја одлуката со ладна глава и рационално. Погледнете што е направено, разгледајте ги плановите, програмите и луѓето кои се способни да спроведат нешто или не се способни“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека за него е важно што знае колку народот дал за да ја спаси земјата.
„Знам колку разбравте дека вашата земја е загрозена и колку сакавте да помогнете, и затоа сум ви бескрајно благодарен. Благодарение на вас и вашата сила, успеавме да се бориме, успеавме да ја одбраниме и зачуваме Србија и сега само гледаме како Србија може да продолжи напред. Ви благодарам за вашата поддршка“, рече тој.
Фото: депозитфотос
Свет
(Видео) Тепачка во турскиот парламент
Пратениците на владејачката партија и опозицијата се судрија во турскиот парламент по спорот околу наследството на основачот на Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк, пренесуваат регионалните медиуми.
Физичката пресметка се случи вчера за време на жестока дебата за предлогот за буџетот за 2026 година. Пратениците разменија удари, но и законот за буџетот и законот за финансиски извештај за 2024 година на крајот беа усвоени.
Судирот избувна откако пратеникот на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП), Мустафа Варанк, даде изјави насочени кон лидерот на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП), Озгур Озел, за време на дебатата за буџетот во Големото национално собрание на Турција.
Откако Варанк го прозва Озел, заменик-претседателот на парламентарната група на ЦХП, Гохан Гунајдин, реагираше од говорницата, обвинувајќи ја АКП за намерно разгорување контроверзии за време на дебатата за буџетот.
Дебатата потоа ескалираше во размена на остри обвинувања за наследството на основачот на Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк. По понатамошни провокации, избувна физичка пресметка. Пратениците почнаа да се туркаат, по што следуваа тупаници.
Судирот траеше околу десет минути. Пратениците се туркаа додека обезбедувањето и другите пратеници се обидуваа да ги разделат. И покрај сè, парламентот продолжи да работи. Нацрт-законот за буџетот за следната година беше изгласан со 320 гласа „за“ и 249 „против“, додека конечниот буџет за 2024 година беше усвоен со 316 гласа „за“ и 247 „против“.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го пофали гласањето за буџетот во објава на социјалната мрежа Икс. „Сакам нацрт-законот за буџетот за 2026 година, кој беше усвоен вечерва во Големото национално собрание на Турција, да биде од корист за нашата земја, нашиот народ и нашата економија“, рече Ердоган.
Фото: депозитфотос
Свет
Кошта и Лајен: Безбедноста на Арктикот останува еден од клучните приоритети на Европската Унија
Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен оценија дека безбедноста на Арктикот останува еден од клучните приоритети на Европската Унија и област во која тие се стремат да соработуваат со сојузниците и партнерите.
„Територијалниот интегритет и суверенитет претставуваат основни принципи на меѓународното право. Овие принципи се од суштинско значење не само за Европската Унија, туку и за земјите ширум светот. Ние сме целосно солидарни со Данска и народот на Гренланд“, изјавија Кошта и фон дер Лајен на Икс.
Порано денес, данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен изјави дека неговата земја инсистира дека сите, вклучително и САД, мора да го почитуваат територијалниот интегритет на Кралството Данска.
Тој го изјави ова по објавувањето на назначувањето на гувернерот на американската држава Луизијана за специјален пратеник за Гренланд од страна на американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп вчера објави дека го назначува гувернерот на Луизијана, Џеф Ландри, за специјален пратеник за Гренланд, голема полуавтономна данска територија за која претходно рече дека САД треба да ја преземат. Во објавата за назначувањето, Трамп рече дека Ландри разбира колку е неопходен Гренланд за националната безбедност на САД.
Данскиот министер во кратка изјава испратена по е-пошта од неговото Министерство рече дека „назначувањето го потврдува проширениот американски интерес за Гренланд“.
„Сепак, ние инсистираме дека сите, вклучително и САД, мора да покажат почит кон територијалниот интегритет на Кралството Данска“, додаде данскиот министер.
Трамп претходно рече дека Гренланд е клучен за американската безбедност и не ја исклучи можноста за преземање на островот со воена сила, иако Данска е американски сојузник во рамките на НАТО.
Порано овој месец, данската воена разузнавачка служба напиша во годишен извештај дека САД ја користат својата економска моќ за да „ја наметнат својата волја“ и да им се закануваат и на пријателите и на непријателите со воена сила.
Фото: депозитфотос

