Свет
Капетанот на „Коста Конкордија“:Несреќата беше банална
Капетанот на насуканиот крузер „Коста Конкордија“ Франческо Скетино, во интервју за италијанската тв станица „Канале 5“, проговори за несреќата во која загинаа 32 лица, оценувајќи ја како „банална“ во која „судбината одиграла голема улога“.
Скетино, кого италијанскиот суд минатата недела го пушти од домашен притвор, вели дека не направил никакво злосторство и дека се чувствува виновен единствено што бил попречен од телефонски повик.
Имено, во моментот кога се случи несреќата, вели Скетино, разговарав со пензионираниот поморски капетан од островот Гиглио во Тиренското море, покрај кој поминувале и каде што дојде до насукувањето.
Скетино додава дека командите не биле во неговите раце и ја префрла вината на пониските структури.
„Пред несреќата појдов на командниот мост и наредив рачно навигирање. Командите не беа во мои раце, туку во рацете на помладиот офицер“, рече Скетино.
Тој додаде дека станува збор за „банална несреќа во која се вплеткала судбината“, при тоа нагласувајќи дека не жали за загубениот брод, туку за загубените животи.
Убеден е дека многу животи на крузерот спасил со тоа што не наредил евакуација веднаш по ударот во гребенот, туку бродот допловил до плитките води.
Говорејќи за наводното интимно дружење со атрактивната Молдавка во моментот на несреќата, Скетино рече дека таа не му е љубовница, туку пријателка. /крај/ин/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Данскиот министер: Изненадени сме од најавата на Трамп за царини
Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, ја нарече изненадување најавата на Доналд Трамп за воведување царини и нагласи дека Данска е во тесна комуникација со Европската унија по ова прашање.
„Најавата на претседателот доаѓа како изненадување“, наведе Расмусен во писмена изјава. Тој во средата се сретнал со американскиот државен секретар, со кого, меѓу другото, разговарале и за несогласувањата меѓу Данска и САД во врска со Гренланд.
Трамп како оправдување за заканата со царини ја наведе испратената воена помош на неколку европски земји на Гренланд. Меѓутоа, Расмусен го отфрли тоа објаснување.
„Целта на зголеменото воено присуство на Гренланд, на кое се повикува претседателот, е токму зголемување на безбедноста на Арктикот. Во постојан контакт сме со Европската комисија и со нашите други партнери по тоа прашање“, се наведува во изјавата на данскиот министер.
Свет
Зеленски: Русија подготвува удари врз нашите нуклеарни постројки
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија се подготвува за понатамошни напади врз украинската енергетика и инфраструктура, вклучително и објекти што ги опслужуваат нуклеарните електроцентрали, пренесе „Би-Би-Си“.
„Извештај од началникот на Главната разузнавачка управа Олег Ивашченко. Пред сè, во врска со конкретните задачи за руската армија. Не сме регистрирале подготвеност од страна на агресорот да почитува какви било договори или да ја прекине војната. Но, има доволно информации за подготовка на понатамошни руски удари врз нашиот енергетски сектор и инфраструктура, вклучително и објекти и мрежи што ги опслужуваат нашите нуклеарни електроцентрали“, изјави украинскиот претседател по средбата со началникот на Главната разузнавачка управа Олег Ивашченко.
„Украина е исклучително конструктивна во дипломатијата, додека Русија е фокусирана единствено на напади и вознемирување на луѓето. Нашите партнери треба да ги извлечат соодветните заклучоци од тоа“, додаде Володимир Зеленски.
Свет
Дански генерал: Денес не гледаме закана од Русија или Кина
Највисокиот дански воен заповедник за Арктикот ги отфрли тврдењата дека Гренланд се соочува со непосредна безбедносна закана од Русија или Кина, со што го оспори наративот што повеќепати го изнесуваше американскиот претседател Доналд Трамп. Генерал-мајор Сорен Андерсен, командант на Данската здружена арктичка команда, ги опиша сојузничките вежби во регионот како превентивна мерка, пренесе Политико.
„Не. Денес не гледаме закана од Кина или Русија“, изјави Андерсен, кој е на чело на командата од 2023 година.
„Но ги истражуваме потенцијалните закани и се подготвуваме за нив.“ Тој нагласи дека засилените воени активности на Данска и нејзините сојузници околу Гренланд претставуваат подготовка за идни непредвидени ситуации.
Според неговите зборови, кога ќе заврши војната во Украина, Москва би можела да ги пренасочи своите воени ресурси кон други региони. „Всушност очекувам да видиме руски ресурси кои се префрлаат од боиштата околу Украина на други боишта“, рече тој, укажувајќи на Балтичкото Море и арктичкиот регион.
Во рамки на данската вежба „Операција Арктичка Издржливост“, која опфаќа воздушни, поморски и копнени компоненти, веќе се распоредени единици од неколку европски земји.
Изјавите на Андерсен се во спротивност со тврдењата на Доналд Трамп дека Гренланд е под активен притисок од Русија и Кина и дека островот е клучен за националната безбедност на САД. „Имате руски разурнувачи и подморници, како и кинески разурнувачи и подморници насекаде“, им рече Трамп на новинарите, коментирајќи ја својата намера Гренланд да стане дел од Соединетите Американски Држави. „Нема да дозволиме тоа да се случи.“
Трамп исто така изјави дека Вашингтон не може да ја исклучи употребата на сила за да ги обезбеди своите интереси, што предизвика загриженост кај данските и гренландските лидери.

