Свет
Пораст на убиствата поврзани со организираниот криминал во Мексико
Повеќе од седум илајди убиства поврзани со организираниот криминал се регистрирани во првата половина на 2012 година во Мексико, што зборува за зголемување на ваквите убиства за 10 отсто отколку во истиот период од минатата година, соопшти институтот Lantia Consultores (LCI).
Институтот така ги демантираше тврдењата на претседателот во заминување Фелипе Калдерон за падот на бројот на убиствата поврзани со организираниот криминал за 15 проценти.
Откако во 2006 година на власт дојде претседателот Фелипе Калдерон, тој им објави војна на организираниот криминал и нарко мафијата. Меѓутоа, имајќи ја предвид раширената корупција меѓу владините и полициските службеници, тој беше принуден да ја ангажира и војската, која во борбата против картелите учествтва со 50 илјади свои припадници од разни родови.
Во војната од 2006-та досега во пресметките во Мексико се убиени повеќе од 50 илјади лица. Мексико е главната транзитна точка за шверцување кокаин од Јужна Америка во САД и истовремено е еден од најголемите светски производители на хероин и марихуана.
Според оцените на експертите, секоја година преку Мексико во САД, Европа и Азија се пренесуваат наркотици во вредност од повеќе од 40 милијарди долари. Големата заработка и близината на богатиот американски пазар се причината за крвавите судири меѓу нарко картелите кои сакаат да имаат превласт врз шверцерските канали.
Според истражувањето на институтот Lantia Consultores (LCI), повеќето од овие убиства се поврзани со трговијата со дрога, поточно со судирите меѓу двата нарко картела Синалоа и Зетас. Судирите на двата најголеми мексикански картела особено го потресуваат северот на земјата. Токму во тој дел на Мексико во четвртокот полицијата во напуштено возило во местот Сан Луис Потоси пронајде тела на 14 егзекуирани мажи.
„Според првите показатели, станува збор за жртви на организираниот криминал“, изјави портпаролката на државното обвинителство Габриела Гонзалес. Во ова место е многу активен картелот Зетас.
Во северните сојузни мексикански држави за превласт на нарко пазарот и шверцерските канали се борат наркокартелите Зетас кој е составен од отпадници од специјалните полицискии воени сили, и Пацифичкиот картел, најмоќната групација во земјата којашто ја предводи познатиот Жоакин Гузман Лохер наречен „Шорти“.
Своевреметно за информации коишто ќе доведат до апсење на Лохер, кој го предводи Пацифичкиот или „Картелот од Синелоа“, САД објавија награда од 5 милиони долари. Тоа беше една од најголемите награди во историјата на меѓународната борба против трговијата со дрога. Според рејтингот на милијардерите што го прави магазинот Forbes, „Шорти“ е еден од највлијателните луѓе во светот, кој речиси сам ги контролира сите американски пазари на кокаин. Годишниот приход на „Шорти“од илегалното пренесување на дроги во САД, според магазинот, изнесува 323 милиони долари./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бабиш ја повика Европа да почне преговори со Путин
Чешкиот премиер Андреј Бабиш повика Европа да започне преговори со рускиот претседател Владимир Путин за решавање на конфликтот во Украина, пренесоа денеска чешките медиуми.
„Европските лидери сега почнаа да зборуваат дека треба да се преговара со Путин. Порано, кога унгарскиот премиер Виктор Орбан беше кај Зеленски и кај Путин, сите го осудуваа тоа“, потсети Бабиш, пренесува порталот TN.
Тој ги повика европските земји да воспостават директен дијалог со Москва, оценувајќи дека тоа е неопходен предуслов за примирје.
Бабиш додаде дека Европа не е во состојба самостојно да го запре конфликтот, нагласувајќи дека „клучниот играч во преговорите е американскиот претседател Доналд Трамп“.
Тој потсети дека мир бил близу уште во април 2022 година, но дека тогашниот британски премиер Борис Џонсон го спречил договорот.
„Луѓе умираат во Украина. Мора да има дипломатско решение“, рече Бабиш, додавајќи дека излезот треба да се бара во тековните преговори.
Втората рунда на трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржа на 4 и 5 февруари во Абу Даби.
Свет
„Само Трамп може да ја запре војната“ – украинскиoт министер повика на лидерска средба со Русија
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, изјави дека само американскиот претседател Доналд Трамп може да ја запре војната и повика на директна средба меѓу украинскиот и рускиот лидер за да се решат најтешките прашања во мировните преговори. Според него, од мировниот план од 20 точки останале нерешени само неколку, но тие се „најосетливите и најтешки“ и бараат лидерска интервенција.
Сибиха изрази надеж дека напредокот во разговорите посредувани од САД ќе се искористи пред американските конгресни избори на есен, кои би можеле да го променат фокусот на Вашингтон.
Претходно, претседателот Зеленски откри дека САД предложиле војната да се заврши пред летото. Сè уште не е постигнат договор за прашањето на териториите и нуклеарната централа Запорожје, а бил предложен и план за „енергетско примирје“.
Регион
„Александар стигна до Индија, но се врати – време е да ветувањето да се оствари“, порача грчкиот министер говорејќи за сојузништво со Њу Делхи
Министерот за одбрана на Грција, Никос Дендијас, изјави дека Индија станала незаменлив партнер за Европа, потенцирајќи го нејзиното растечко стратешко и економско значење за Европската Унија, а особено за Грција. Говорејќи на Форумот Индија–ЕУ 2026, Дендијас нагласи дека перцепцијата за Индија во Европа со текот на времето значително се променила.
„Во минатото Индија можеби беше сојузник кој беше убаво да се има, но не и неопходен. Денес Индија е неопходна“, оцени грчкиот министер.
Дендијас зборуваше и за Александар Велики. За Грците, како што рече, Индија на некој начин е дел од „грчката митологија“.
„Александар Велики стигнал до границите на Индија. Таму неговите трупи се побуниле и морал да се врати во Македонија. Затоа, на некој начин, односот со Индија претставува ветување што никогаш не било исполнето“, изјави Дендијас, додавајќи дека сегашниот момент го гледа како можност тоа ветување конечно да се оствари, пренесе хрватски „Индекс“.
Осврнувајќи се на демографската слика во Европа, каде што растот на населението е речиси негативен, тој рече дека „се потребни млади луѓе за да се пополни празнината“, и дека индискиот потконтинент, со оглед на неговата демографија, може да биде еден од најдобрите извори за легални миграции.
Грчкиот министер во својот говор остро ја критикуваше Европа за, како што рече, „разградување на сопствената одбрана“. „Ние, Грција, сме земја со средна, можеби дури и мала големина. Па сепак, имаме повеќе тенкови од Обединетото Кралство, Франција, Германија, Луксембург, Белгија и Холандија заедно“, истакна тој.
Дендијас предупреди и на проблемите со постоечките механизми на ЕУ, како програмата SAFE, која условува сите проекти да бидат завршени и испорачани до 2030 година. Според него, невозможно е за толку кратко време да се воспостават нови производствени линии и да се стартуваат погони.
Тој нагласи дека одбраната не е само прашање на производствени линии, вооружување или број на војници. „Постои нешто многу поважно, за што ќе треба време – а тоа е културата. Помладата генерација Европјани сè уште не ја сфаќа потребата од служење на татковината, служење на идеалот, служење за одбраната на она што Европската Унија го создала – простор на демократија, човекови права, владеење на правото и права на жените“, рече министерот.
На крајот, Дендијас изјави дека „во целост ја поддржува“ воспоставата на заеднички одбранбени структури, вклучително и таканаречената Европска војска.

