Свет
ОАС го поддржа Еквадор
Организацијата на американските држави OAS во петокот во Вашингтон изрази „солидарност и поддршка“ на Еквадор кој е во спор со Велика Британија околу давањето политички азил на основачот на WikiLeaks, Џулијан Асанж, кој се засолни во еквадорската амбасада во Лондон.
Повикувајќи ги двете земји „да го продолжат дијалогот“, OAS којашто ја сочинуваат 35 земји од Северна и Јужна Америка и Карибите, побара „отфрлање на секој обид со кој би можело да се доведе во опасност неповредливоста на дипломатските мисии“, а „во тој контекст изрази солидарност и поддршка“ за Еквадор, се наведува во резолуцијата усвоена со консензус и покрај воздржаноста на САД и Канада, коишто како такви се наведени во фуснотата на текстот.
Состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на OAS беше одржан во Вашингтон по барање на Еквадор кој на 16-ти август го одобри барањето за политички азил на Џулијан Асанџ кој настојува да ја избегне екстрадицијата на Шведска каде што е обвинет за силување и сексуално вознемирување. Асанж всушност стравува дека шведските власти би можеле да го предадат на САД каде што би можел да биде обвинет за шпионажа затоа што WikiLeaks, интернет ресурсот што тој го основа последните две години објавуваше стотици илјади тајни документи за војните во Ирак и Авганистан, како и тајната дипломатска преписка на американските дипломати ширум светот и Стејт департментот на САД.
Еквадорскиот министер за надворешни работи Рикардо Патино на состанокот кој се одржа по иницијатива на неговата земја којашто бараше поддршка од OAS, побара „јавно извинување“ од Велика Британија, и да се осудат британските „закани“ за влегување на територијата на еквадорската амбасада во Лондон поради апсење на Асанж.
Велика Британија преку својот постојан набљудувач во OAS, Филип Бартон, ја повика „еквадорската влада што поскоро да му се посвети на конструктивниот дијалог кој Лондон го почитува од почетокот на целата афера“, тврдејќи дека неговата земја „во ниту еден момент не и’ се заканила на еквадорската амбасада./крај/афп/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Не треба повеќе да имаме избори; Белата куќа: Се шегува
Белата куќа соопшти дека американскиот претседател Доналд Трамп не бил сериозен кога пред неколку дена изјавил дека можеби воопшто не треба да има избори за Конгресот. Портпаролката на Трамп, Каролин Ливит, изјави дека претседателот всушност сакал да биде хумористичен со изјавата, а не да го доведе во прашање одржувањето на изборите.
„Претседателот се шегуваше“, рече Ливит, одговарајќи на прашања од новинарите. Таа додаде дека Трамп зборувал во контекст на пофалба на работата на неговата администрација, сугерирајќи дека тие „работат толку добра работа“ што, во таа смисла, треба само да продолжат.
Изјавата на Трамп доаѓа од получасовно интервју што го даде за „Ројтерс“ во Овалната соба на Белата куќа завчера. Зборувајќи за среднорочните избори, Трамп изрази фрустрација од историскиот модел во кој партијата на власт често губи места во Конгресот.
„Кога ќе победите на претседателските избори, не ги добивате среднорочните избори“, рече Трамп, а потоа додаде дека неговата администрација направила толку многу што, рече тој, „кога ќе размислите за тоа, воопшто не треба да имаме избори“.
Изјавата предизвика загриженост и критики бидејќи уставот на САД предвидува одржување избори за Конгресот на секои две години, без можност за претседателска одлука за нивно откажување.
фото/Depositphotos
Свет
Италијански министер ги исмева европските сили во Гренланд: „15 Французи, 15 Германци – звучи како почеток на виц“
Италија одби да се придружи на европската мисија во Гренланд, а министерот за одбрана на земјата, Гвидо Кросето, отворено ја исмеа иницијативата, додека тензиите меѓу Европа и САД растат поради намерата на американскиот претседател Доналд Трамп да го окупира арктичкиот остров.
„Гренланд. Се прашувам зошто. Патување?“, рече тој денес во Рим. „15 Французи, 15 Германци – звучи како почеток на виц“, рече Кросето за европската мисија.
Оваа недела, некои европски земји испратија мал број воени лица во Гренланд, покажувајќи солидарност со Данска, што италијанскиот министер за одбрана рече дека не го разбира.
Трамп сака да го преземе Гренланд затоа што вели дека го смета за клучен за безбедноста на САД поради неговата стратешка локација и големите минерални резерви.
Тој не ја исклучи ниту употребата на сила за негово заземање.
фото/Depositphotos
Свет
Трамп им се закани на сите земји кои нема да го поддржат за Гренланд
Претседателот на САД, Доналд Трамп, се закани дека ќе воведе царини на земјите кои не го поддржуваат неговиот план САД да ја преземат контролата врз Гренланд.
„Можам да ставам царини на земјите ако не се согласат за Гренланд, бидејќи ни е потребен Гренланд за национална безбедност“, рече Трамп на тркалезната маса во Белата куќа за руралното здравје.
Трамп постојано изјавува дека САД апсолутно мора да го преземат Гренланд, со што дополнително ќе го зголемат притисокот врз Данска, на која формално ѝ припаѓа островот.
Неговата изјава доаѓа по состанокот во Белата куќа во средата, на кој присуствуваа данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен и министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивијан Мотцфелд, заедно со американскиот државен секретар Марко Рубио и потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс.
Истиот ден, Врховниот суд на САД објави дека очекува во вторник да донесе долгоочекувана одлука за легалноста на царините на Трамп. Прашањето е дали претседателот може сам да воведе царини или за тоа е потребно одобрение од Конгресот.
Трамп зборуваше на состанок кој формално беше посветен на инвестиции во руралните средини, но за време на говорот, како што е неговиот обичај, тој се осврна и на други политички теми.
фото/Depositphotos

