Свет
Тајфунот Болавен уби десетмина во Јужна Кореа
Силниот тајфун Болавен, уби најмалку десетмина во Јужна Кореа, а рано наутро во среда ја погоди и Севрена Кореа.
Паднати дрвја, искинати кабли за струја, прекини во доводот на електрична енергија претставуваат голем проблем во земјата која сé уште се опоравува од поплавите.
Големите дождовни бури претставуваат катастрофи за Северна Кореа каде има слаба дренажа на земјиштето, исечени шуми и слаба инфраструктура.
Во Пјонгјанг, главниот град, кој беше погоден од силни ветришта, сепак, не се забележани поголеми оштетувања.
Автомобилите кои биле однесени од налетите на ветар скршиле хидранти, кои ја распрскуваа водата по улиците, јавува Associated Press.
Тајфунот Болеван стигна во Северна Кореа, доцна во вторникот, на првиот Ден на младоста откако Ким Јонг-Ун стана лидер на државата.
Метеоролозите предупредија дека овој тајфун ќе биде најсилен во последните години, што го погодил тој регион, но се покажа дека во неколку региони не беше толку силен.
Во Јужна Кореа, Болеван остави стотици илјади луѓе без струја, беа откажани летовите и привремено беа прекинати воените игри организирани од САД и Јужна Кореа.
Бурата беше силна и на отворено море, па потопи два рибарски брода удирајќи ги во карпи кај островот Чеџу, при што загинаа петмина, а десет се водат за исчезнати.
Опасните бранови не им дозволија на спасувачките екипи да стигнат до кинеските рибарски бродови, па со посебен пиштол било испукано јаже кон бродовите, по кое офицерите се префрлија на копно.
Крајбрежната стража спаси 12 рибари, а шест други допливале на брегот.
Невремето однесло уште најмалку пет животи низ Јужна Кореа. Голем контејнер паднал врз стан, при што била убиена една жена и уште едно лице.
Осумдесетгодишен маж загинал кога врз него паднала зграда, а друг загинал од паѓање на дрво.
Околу 1,9 милиони домови и бизниси во Јужна Кореа останаа без струја, велат од Националната агенција за итност, но за околу 34 илјади домаќинства во среда утрото електричната енергија била воспоставена.
Околу 100 семејства останале без своите домови кои или биле однесени од водата или биле оштетени.
Околу 200 летови биле откажани во вторникот, а од среда авиосообраќајот е нормализиран.
Околу 860 хектари обработливо земјиште се наоѓа под поплави, а оштетени се 32 бродови./крај/ап/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Украинскиот тим оди во САД за да разговара за безбедносните гаранции
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денес изјави дека украинската делегација е на пат кон Соединетите Американски Држави за да разговара за безбедносните гаранции и пакет мерки за зајакнување на напредокот на земјата.
Во исто време, тој изрази надеж дека документите за овие прашања би можеле да бидат потпишани на маргините на Светскиот економски форум во Давос следната недела, објави Ројтерс.
На прес-конференција во Киев, Зеленски, исто така, рече дека украинската делегација се надева дека ќе добие појаснувања од САД за ставот на Русија кон дипломатските напори поддржани од Америка за завршување на војната.
Во понеделникот, најавувајќи го состанокот, Зеленски рече дека го слушнал деталниот извештај на преговарачкиот тим за контактите со американската страна и наредил документот за безбедносните гаранции за Украина да се финализира.
Според него, украинската делегација дефинирала јасен план за дејствување за следните 14 дена, што вклучува подготовка на документи и подготовка за нивно евентуално потпишување, а текстот „достигнува ниво што ќе обезбеди стратешка одбрана на земјата“, пренесува Танјуг.
Свет
Чешкиот претседател: Киев е подготвен на болни отстапки заради мирот
Украинското раководство е подготвено да направи низа исклучително тешки компромиси со цел да се стави крај на долготрајниот вооружен конфликт, изјави претседателот на Чешката Република, Петр Павел, за време на неговата посета на Киев.
Зборувајќи на заедничка прес-конференција со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, Павел изјави дека украинската страна веќе вложила огромен напор, условите за евентуален мировен договор да бидат прифатливи за сите вклучени актери. Иако не даде конкретни детали, чешкиот претседател нагласи дека станува збор за „болни отстапки“ што подразбираат значителни жртви за Украина.
„Верувам дека постојат неколку болни отстапки што Украина мора да ги направи и е подготвена да ги направи, под услов тоа да води кон мир“, рече Павел.
Тој додаде дека е потребно сите дипломатски напори на европските земји да бидат координирани со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, нагласувајќи дека без унифициран настап на сојузниците, не може да има одржливо решение.
„Украина направи многу за да се осигури дека предложеното решение е прифатливо“, нагласи Павел, додавајќи дека дипломатијата и способноста на Западот да дејствува како обединет фронт остануваат одлучувачки фактори во наредниот период.
Порано на истиот брифинг, Зеленски призна дека постојат сериозни несогласувања со Белата куќа во врска со нацрт-мировниот договор, наведувајќи дека интересите на страните „не се на иста страна“.
Во пресрет на посетата, украинските медиуми истакнаа дека еден од клучните проблеми е тоа што Вашингтон продолжува да инсистира Киев да ги повлече своите трупи од Донбас, како и дека одбива да им даде безбедносни гаранции на европските трупи во случај на нивно евентуално распоредување на територијата на Украина.
Свет
Германскиот министер за одбрана со порака до Трамп: Кој и да го прекрши меѓународното право, не влегува во историјата како миротворец
Присилната анексија на Гренланд би била „стратешки неразумна“, изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус во интервју за NDR, предупредувајќи дека таков потег би предизвикал сериозна штета на безбедносната архитектура на Западот.
Писториус нагласи дека, ако Доналд Трамп е навистина загрижен за безбедноста на Арктикот, порационален пат води преку соработка со сојузниците на НАТО, првенствено со европските партнери.
„Ако Трамп ги убеди Гренланд и Данска да тргнат по мирен пат, тоа е прашање меѓу вклучените земји. Но, ако дојде до насилна анексија, тогаш две работи се јасни: Доналд Трамп дефинитивно нема да влезе во историјата како миротворец“, рече Писториус.
Тој додаде дека од стратешка гледна точка би било „крајно неразумно“ да се остави НАТО на неговата судбина, изразувајќи надеж дека „здравиот разум ќе преовлада“ во американската политика.
На 5 јануари 2026 година, американскиот претседател јавно ги објави плановите за анексија на Гренланд, на што остро се спротивставија данските власти и самата територија. На состанокот на претставниците на САД, Гренланд и Данска, одржан на 14 јануари, не беше постигнат компромис, но беше договорено да се формира работна група за да се разгледа ова прашање.
Во меѓувреме, францускиот претседател Емануел Макрон го објави почетокот на заедничките вежби на НАТО во Гренланд на 15 јануари, потсетуваат медиумите. Писториус истакна дека извидувачката мисија на Алијансата е поврзана со сè поинтензивното користење на Гренланд од страна на Русија за воени цели.

