Свет
Сомалиските исламисти истерани од последното упориште

Исламистичката бунтовничка група ал-Шабаб го напушти стратешкото пристаниште Кисмаи, нејзиниот последен бастион во Сомалија, 24 часа по почетокот на нападите на силите на Африканската унија, изјави во саботата претставник на исламистичкото герилско движење.
Ова повлекување е уште едно во серијата воени неуспеси коишто последната година ги претрпе исламистичката група ал-Шабаб којашто е поврзана со глобалната терористичка организација Ал Каеда што се обиде да ги надомести со постојани напади врз главниот град на Сомалија, Могадишу или на територијата на соседна Кенија.
„Воената команда на муџахедините на ал-Шабаб нареди тактичко повлекување од Кисмаи“, изјави за AFP портпаролот на движењето, Али Мохамуд Раџ.
Повлекувањето го потврдиле и неколку жители на големото пристаниште во јужниот дел на Сомалија.
„Не знаме во кој правец заминаа, меѓутоа рано наутро последното воено возило на ал-Шабаб го напушти градот…, дури ниту нивното локално радио веќе не емитува програма“, изјави локален жител на Кисмаи, кој се претставил како Хасан Али.
Борците на ал-Шабаб во петокот започнаа борби со припадниците на кенискиот контигент кој истовари ноќта во четвртокот кон петокот на најмалку две плаќи во близина на градот, а потоа градот го нападнаа и силите на сомалиската влада.
Ал-Шабаб беше потиснат од главниот град Могадишу во август минатата година. Ова движење се бори против силите на Африканската унија и во другите делови на Сомалија./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Итна седница поради планот на Израел за окупирање на градот Газа

Советот за безбедност на Обединетите нации денеска ќе одржи итна седница во врска со планот на Израел за заземање и трајно окупирање на градот Газа, соопштено е од седиштето на ОН во Њујорк.
Седницата, чие одржување го побараа пет земји – Данска, Франција, Грција, Велика Британија и Словенија, ќе почне во 10 часот наутро по локално време, односно во 15 часот по централноевропско време.
Според извори од Советот за безбедност, сите држави-членки, освен Соединетите Американски Држави, го поддржаа барањето за одржување на седницата.
Свет
Речиси 1.900 камиони со хуманитарна помош пристигнаа во Газа

Израелската воена агенција која ја координира хуманитарната помош денеска соопшти дека во текот на изминатата недела, од палестинската страна на премините Керем Шалом и Зиким се собрани и дистрибуирани речиси 1.900 камиони со хуманитарна помош.
Како што се наведува, повеќе од 1.310 камиони што влегоа во Газа во текот на неделата превезуваа главно прехранбени производи, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Агенцијата, која работи во рамките на израелското Министерство за одбрана, наведува дека ќе продолжи да го олеснува доставувањето на хуманитарна помош до цивилното население во Газа, „но не и до Хамас“.
Свет
Конструктивен беше состанокот на советниците за безбедност од Украина и нејзините партнери, вели Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека состанокот на советниците за безбедност од Украина и нејзините партнери, што се одржа во Велика Британија, бил конструктивен.
Аргументите на Киев беа слушнати и опасностите беа земени предвид, додаде тој во своето вечерно обраќање до Украинците.
Зеленски истакна дека на средбата учествувале претставници на Велика Британија, САД, Франција, Германија, Италија, Финска и Полска, со цел консолидирање на позициите за постигнување примирје.
„Патот кон мирот за Украина треба да биде определен заедно и само заедно со Украина, тоа е клучен принцип“, нагласи украинскиот претседател.