Свет
Над 2,2 милиони луѓе останаа без струја во САД
Повеќе од 2,2 милиони луѓе во 11 сојузни држави на истокот и североистокот од САД останаа без снабдување со електрична енергија по налетот на ураганот Сенди, кој според предвидениот термин во понеделник навечер по локално време го погоди американскиот источен брег.
„Во зоната која е под удар на стихијата, без електрична енергија остана повеќе од 2,2 милиони луѓе. Далноводите се уриваат од ветрот и од скршените дрвја“, јавува телевизијата CNN.
Во Њујорк енергокомпанијата „Konedison“ објави дека од безбедносни причини ја исклучила електричната енергија во пониските области на Менхетен во поплавените зони, обрабени со облакодерите на овој финансиски центар. Во долниот дел на Менхетен околу 6,5 илјади луѓе останаа без електрична енергија, јавува телевизијата CBS.
Американскиот Национален центар за урагани ја преквалификуваше Сенди при движењето во насока на Њујорк од ураган во екстратропска бура или постотропски циклон, но оваа терминологија е само од технички карактер, бидејќи фактички Сенди не слабее. Класификацијата значи дека Сенди и натаму ја има силата на ураган, но ги загубила другите карактеристики на тропска бура, во прв ред температурата во нејзиниот центар. Таа е една од најголемите во историјата што ги погодиле САД. На копното пристигна на околу 10 километри југозападно од Атлантик Сити, во брзина на ветровите од 129 километри на час.
Во Њујорк во вторникот е суспендиран јавниот сообраќај, не работат образовните како и другите јавни институции и компании
Покрај, тоа во областа на американската престолнина Вашингтон, без струја се околу 140 илјади луѓе. Според извештајот на компанијата „Pepco“, во дистриктот Колумбија и неколку окрузи во државата Мериленд, без електрична енергија за околу 20 илјади корисници.
Компанијата „ Dominion Power“ од државата Вирџинија извести дека се исклучени 75 илјади нејзини корисници, компанијата „Baltimore Gas and Electric“ од Мериленд исклучила околу 26 илјади корисници, а компанијата NOVEC од Вирџинија не им испорачува електрична енергија на околу 15 илјади свои клиенти, а „Rappahannock“ во Вирџинија на пет илјади домаќинства.
И пред да стигне на копното Сенди без струја остави поради кинење на кабли три милиона луѓе на источниот брег, каде околу милион луѓе во секој момент чекаат наредба за евакуација. Бурата натаму се движи кон Њујорк, Вашингтон, Балтимор и Филаделфија во област во којашто живеат околу 60 милиони луѓе.
Ноќта кон вторникот по македонско време, властите на округот Ферфакс во Вирџинија објавија евакуација на две области поради опасност од поплави. Се планира да се евакуираат околу 125 приватни домови. Ова е прва област во предградието на Вашингтон, која објави делумна евакуација на жителите.
Така масивната бура Сенди во осум часот навечер во понеделникот по локално време стигна до источниот американски брег на јужниот дел од сојузната држава Њи Џерси.
Засега бурата се поврзува со пет смртни случаи, во Мериленд, Пенсилванија, Конектикат и Њујорк. Меѓу нив се две лица врз кои паднале стебла.
На патот кон копното Сенди ќе се спои со студениот фронт од западот и ќе се претвори во супербура, монструозен хибрид од тропска и зимска бура, којашто со себе носи голем врнежи од дожд и од снег.
Досега воздухопловните компании соопштија за 12 илјади откажани летови, јавниот сообраќај на источниот брег е целосно запрен, а штетите од бурите првично се предвидуваат на 10 до 20 милијарди долари. Доколку се покажат точни овие процени, Сенди ќе стане една од „најскапите“ природни катастрофи во американската историја.
Њујоршкиот градоначалник Мајкл Блумберг на прес-конференција во понеделникот навечер по локално време изјави дека градот добро се подготвил за бурата и дека не очекува оти штетите ќе бидат преголеми. Претходно беше сопран јавниот сообраќај, и затворени сите мостови. Од областа на Мехнетен и другое зони покрај реките Хадсон и Ист коишто почнале да се прелеваат преку насипите, евакуирани се 375 илјади жители. Во ноќта кон вторникот во системот на подземната железница почнал да продира водениот бран кој стигнал со бурата и почнал да ги исполнува. Дефинитивно е потврдено дена берзата на Волстрит останува затворена и во вторник. Телевизијата CNN јави дека во историската зграда на берзата, во салта во којашто се одвива тргувањето има најмлаку еден метар вода./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Витакер: Трамп и Зеленски ќе го потпишат мировниот договор кога ќе дојде време
Американскиот амбасадор при НАТО, Метју Витакер, изјави дека мирот во Украина е поблиску од кога било досега, иако сè уште не е утврдено кога украинскиот и американскиот претседател ќе го потпишат мировниот договор за ставање крај на руската агресија.
Витакер рече дека договорот ќе биде потпишан „кога ќе дојде време“ и дека верува оти завојуваните страни се блиску до постигнување мир.
„Постојано го повторувам тоа, не само затоа што верувам во тоа, туку и затоа што внимателно ги следам преговорите. Мислам дека сме поблиску до мир во Украина од кога било“, изјави тој.
Додаде дека документите за мировниот договор ќе ги потпишат Доналд Трамп и Володимир Зеленски „кога тоа ќе биде соодветно и кога ќе дојде време“.
„Сметам дека треба да продолжиме да се молиме за мир, но истовремено да обезбедиме Украина и натаму да има, преку програмата ПУРЛ (програма преку која европските членки на НАТО од САД купуваат оружје за Украина) и други иницијативи, сè што ѝ е потребно за да се брани“, рече Витакер.
САД очекуваат земјите-членки на НАТО во наредните два дена да објават нови обврски за купување американско оружје за Украина.
Витакер посочи дека трите земји кои досега купиле најмногу американско оружје за Украина преку програмата ПУРЛ се Германија, Холандија и Норвешка.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за време на посетата на Украина вети дека ќе обезбеди повеќе од 15 милијарди долари за купување вооружување за украинските вооружени сили во рамки на истиот програм.
Свет
По новите документи, министерот призна: Бев на островот на Епстин со сопругата и децата, не посведочив незаконско однесување
Американскиот министер за трговија Хауард Латник призна за време на сведочење пред Сенатот дека го посетил озлогласениот приватен остров на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин. Признанието доаѓа и покрај неговите претходни тврдења дека ги прекинал сите контакти со Епстин откако првпат се сретнале во 2005 година, објави „The Hill“.
„Ручав со него додека со брод поминувавме низ таа област за време на семеен одмор“, изјавил Латник. Тој нагласил дека сопругата и децата биле со него за време на посетата во декември 2012 година и дека не бил сведок на никакви сексуални злосторства кои, според наводите, се случувале на приватниот остров.
„Бев на островот со семејството“
„Сопругата беше со мене, како и нашите четири деца и дадилки. Таму беше и уште еден пар со своите деца. Ручавме на островот. Тоа е вистина, поминавме околу еден час и си заминавме – сите заедно“, сведочел Латник пред сенаторите, додавајќи: „Не се сеќавам зошто отидовме таму.“
Неколку демократски сенатори ги доведоа во прашање неговите претходни тврдења дека го прекинал контактот со Епстин пред повеќе од 20 години. Тие посочија дека неговото име повеќепати се појавува во документи поврзани со Епстин, кои неодамна ги објави Министерството за правда.
Некои од документите упатуваат дека Латник го посетил островот во 2012 година, откако Епстин се изјаснил за виновен за поттикнување малолетничка на проституција. Електронски пораки покажале дека Латник бил поканет на островот во декември 2012 година, а помошничката на Епстин подоцна напишала: „Ми беше драго што ве видов.“
Сенаторот Крис Ван Холен изјави дека новообјавените документи ја доведуваат во прашање веродостојноста на Латник како сведок пред Конгресот.
„Наслутивте дека сте го прекинале секој контакт со Џефри Епстин по средбата во 2005 година во неговиот стан. Како што знаете, документите покажуваат сосема поинаква слика“, рекол Ван Холен.
Претходно тврдеше дека немал контакт
Латник претходно изјавувал дека бил вознемирен од карактерот на Епстин уште при првото запознавање во Њујорк, кога, како што рекол, Епстин давал сексуални алузии.
„Во следните 14 години, колку што се сеќавам, го сретнав уште двапати. Двапати. Шест години воопшто не го видов. Шест години подоцна повторно се сретнавме, па една и пол година подоцна – и никогаш повеќе“, сведочел Латник. „Од милиони документи, има можеби десет мејлови што ме поврзуваат со него. Во 14 години немав никаква врска со него“, рекол тој.
Но Ван Холен оценил дека новите информации не се совпаѓаат со претходните изјави.
На директното прашање дали навистина го посетил приватниот остров на Епстин, Латник признал дека бил таму.
„Не видов сомнително однесување“
Министерот инсистирал дека не видел никакво сомнително или незаконско однесување.
„Единственото што го видовме – јас, сопругата, децата и другиот пар со нивните деца – беа вработени кои работеа за господинот Епстин на островот“, рекол тој.
Ван Холен истакнал дека посетата се случила откако Епстин веќе бил осуден за поттикнување малолетничка на проституција. Сенаторот прашал и за документ што сугерира дека Латник присуствувал на вечера со Вуди Ален во резиденцијата на Епстин во 2011 година.
„Не“, одговорил Латник, додавајќи дека пронашол документ што наведува средба во мај во 17 часот, „но не вечера или нешто слично“.
Свет
„Фала му на Бога што го запирате“: Запис од ФБИ открива дека Трамп се јавил во полицијата во Палм Бич по истрагата против Епстин
Претседателот на САД, Доналд Трамп се јавил во полицијата во Палм Бич, Флорида, кратко откако во средината на 2000-тите била покрената истрага против Џефри Епстин, за да им изрази благодарност, открива новооткриен документ.
„Фала му на Бога што го запирате“, наводно рекол Трамп, додавајќи: „Сите знаеја дека го прави тоа“, објави Си-Ен-Ен.
Документот претставува писмен запис од разговор на ФБИ со поранешниот началник на полицијата во округот Палм Бич и би можел да отвори дополнителни прашања за тоа што и кога точно Трамп знаел за Епстин и неговите злосторства. Претседателот Трамп и Белата куќа повеќепати тврдеа дека тој ги прекинал сите врски со Епстин во раните 2000-ти затоа што го сметал за „морничав тип“.
Според „Мајами Хералд“, кој прв ја објави приказната, во документот е забележан разговор со Мајкл Рајтер, чие име во списите било редактирано. Рајтер бил началник на полицијата во Палм Бич во времето на повикот.
Во разговорот, Трамп наводно рекол дека луѓето во Њујорк знаеле дека Епстин е „одвратен“. За неговата соработничка Гислеин Максвел рекол дека е „оперативец на Епстин“, додавајќи: „Таа е зла и на неа треба да се фокусираме.“
Во документот се наведува и дека Трамп раскажал како еднаш се нашол во близина на Епстин во присуство на тинејџерки и побегнал. Наводно бил меѓу првите луѓе кои се јавиле во полициската станица во Палм Бич по објавувањето на истрагата против Епстин.
Документот е дел од милиони страници што Министерството за правда ги објави врз основа на нов закон донесен од Конгресот.
Белата куќа барањето за коментар го препратила до Министерството за правда. Од Министерството изјавиле: „Не сме запознаени со какви било поткрепувачки докази дека претседателот контактирал со полицијата пред 20 години.“
Прашањето што Трамп знаел за Епстин и неговите злосторства повторно е во фокусот поради обновениот интерес на јавноста и објавувањето милиони страници документи поврзани со починатиот осуден сексуален престапник.
Трамп претходно изјавувал дека тој и Епстин биле пријатели во 1990-тите и се движеле во истите кругови во Палм Бич, сè додека не се скарале во раните 2000-ти. Според Трамп, конфликтот довел до тоа Епстин да добие забрана за влез во неговиот клуб „Мар-а-Лаго“.
Трамп тврди дека до кавгата дошло затоа што Епстин му „преземал вработени“, но негира дека знаел нешто за неговите злосторства. „Не ми се допаѓа концептот луѓе да ми земаат персонал“, изјавил Трамп во јули. „Луѓе беа одведени од спа-центарот, тој ги вработи, со други зборови, си заминаа.“
„Кога слушнав за тоа, му реков дека не сакаме да ни зема луѓе – од спа-центарот или од каде било. Тој се согласи, но набрзо повторно го направи тоа и му реков: Бегај одовде’“, раскажал Трамп.
Во еден момент тој навестил дека една од тие лица можеби била Вирџинија Џуфре, една од најпознатите жртви на Епстин, но подоцна изјавил дека не знае зошто тие жени го напуштиле неговиот клуб.
Наводниот опис на Максвел како „зла“ е во спротивност со реакцијата на Трамп по нејзиното апсење во 2020 година, кога изјави: „И посакувам сè најдобро.“ Максвел во моментов издржува долга затворска казна за трговија со луѓе за сексуална експлоатација.
Нејзиниот адвокат изјавил дека би била подготвена „целосно и искрено да зборува ако претседателот Трамп ѝ додели помилување“. Во разговор со заменик-државниот обвинител Тод Бланш, Максвел изјавила дека „апсолутно никогаш“ не слушнала ниту од Епстин ниту од некој друг дека Трамп направил нешто непримерно.
Во јули, Трамп за Си-Ен-Ен изјавил дека не размислувал за помилување или намалување на казната на Максвел, иако не ја исклучил можноста. „Тоа е нешто за што не сум размислувал“, рекол. „Имам право да го направам тоа, но не сум размислувал за тоа.“

