Свет
Обама не одлучил колку војници ќе задржи во Авганистан
Американскиот претседател Барак Обама сѐ уште не донесол одлука колку припадници на армијата на САД би можеле да останат во Авганистан по 2014 година, а ниту за динамиката на повлекувањето на единиците пред тоа, соопшти во понеделникот Белата куќа.
Портпаролот на Белата куќа, Џеј Карни изјави дека претседателот Барак Обама идните седмици и месеци ќе ги разгледа предлозите во врска со тие прашања.
„Тој ќе ги процени предлозите на Пентагон и другите за што би можеле да преговараат со авганистанската страна во врска со идното присуство во Авганистан по 2014 година“, изјавил Карни, пренесува Reuters.
„Тоа присуство според задачите ќе биде многу ограничено…. и концентрирано на антитерористичките операции и обуката на авганистанските сили“, додал портпаролот на Белата куќа./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски лут за недостигот од „Патриот“ – претставник на НАТО вели: Не е доцнење, туку логистика“
Недостигот од пресретнувачки ракети од системот „Патриот“ со кој се соочија украинските вооружени сили во јануари – а кој ѝ овозможи на руската армија да нанесе штети на енергетската инфраструктура – не е поврзан со доцнења во плаќањата од европските донатори или со други финансиски проблеми, изјави претставник на НАТО во Брисел, во очи состанокот на министрите за одбрана на Алијансата, пренесува „Европска правда“.
Анонимен функционер од НАТО, вклучен во набавката на американско оружје за Украина, нагласи дека не постоело никакво доцнење или застој во испораките поради финансирање. Според него, ракетите што се испраќаат преку програмата PURL пристигнуваат со најголема можна брзина според капацитетите на американскиот логистички систем.
„Од јули досега, нема дополнителни прекини. Програмата се одвива според планот“, изјави тој.
Нагласи и дека структурата на американските резерви за ПВО значи дека спомнатото „доцнење со плаќање“ во Киев не може да влијае на испораките. „САД не одложува поради финансии“, додаде.
Иако ги негираше финансиските проблеми како причина за доцнењата, НАТО-претставникот призна дека загриженоста на украинскиот претседател е разбирлива.
„Зеленски е сосема во право – Украина критично се соочува со недостиг од муниција, особено од ракети PAC-2 и PAC-3“, рече тој. Дури и механизмот PURL не може целосно да го задоволи бараниот обем кога Русија врши масовни напади и го преоптоварува украинскиот ПВО-систем.
„Логистиката е непредвидлива – не можеме точно да кажеме кој ден ракета ќе ја премине границата“, објасни официјалниот претставник, но повтори дека тоа не зависи од финансирањето, туку од логистичките синџири.
Зеленски, на Светскиот економски форум во Давос претходно годинава, го искажа незадоволството, посочувајќи дека „траншата од PURL не е платена – ракетите не дојдоа“. По таа изјава, НАТО соопшти дека неколку земји-партнери ќе ѝ помогнат на Украина со ракети од сопствени резерви.
Шест земји кои досега најмногу придонеле за набавка на американско оружје за Украина, според украинскиот амбасадор при НАТО, се: Норвешка, Холандија, Германија, Канада, Шведска и Данска.
Свет
ЕУ одобри 90 милијарди евра за Украина
Европскиот парламент денеска го одобри пакетот финансиска помош за Украина во висина од 90 милијарди евра, наменет за поддршка на јавните служби и одбранбените капацитети на земјата.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го поздрави брзото гласање и порача: „Храброста на Украина е непоколеблива. Како и решителноста на Европа да биде на нејзина страна. Денес и утре!“
Средствата ќе се распределуваат преку два главни механизми: 30 милијарди евра: како макроекономска поддршка (макрофинансиска помош или преку инструментот „За Украина“); 60 милијарди евра: за јакнење на украинската одбранбена индустрија и набавка на воена опрема, вклучително и од ЕУ-производители.
Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, го нарече гласањето „витален спас за Украина“, нагласувајќи дека средствата ќе обезбедат континуитет на јавните служби и ќе ја зајакнат одбраната.
Пакетот сè уште треба формално да го одобри Советот на ЕУ, по што Европската комисија ќе може да ја исплати првата транша, очекувано во вториот квартал од 2026.
Претходно, ЕУ-членките се согласија дека во 2026 и 2027 Украина ќе се финансира преку задолжување на пазарите на капитал, бидејќи не беше постигнат консензус за користење на замрзнатиот руски имот.
Свет
Студент на факултет во Русија уби обезбедувач и рани тројца
Едно лице е убиено, а три се повредени во пукање во технички колеџ во рускиот град Анапа, во Краснодарскиот крај, соопштија властите.
Гувернерот на Краснодарскиот крај, Венијамин Кондратјев, на Телеграм наведе дека обезбедувачот бил убиен додека се обидувал да го запре напаѓачот.
„Засега имаме една жртва, обезбедувачот кој прв го примил ударот. Реагирал брзо и ја повикал полицијата. Го спречил напаѓачот да продре понатаму во техничкиот колеџ“, изјави Кондратјев.
Регионалната канцеларија на руското Министерство за внатрешни работи за Краснодарскиот крај соопшти дека студент отворил оган во холот на образовната установа, при што три лица се повредени.
Напаѓачот бил уапсен од полицијата, се додава во соопштението.
Околностите на нападот засега не се познати, а истрагата е во тек.

