Свет
Обама поддржува забрана за јуришно оружје
Американскиот претседател Барак Обама ќе го поддржи предлогот за закон од сенаторка на неговите демократи за забрана на продажба, производство, дистрибуција и увоз на одреден и модели јуришни пушки, соопшти во вторникот Белата куќа.
„Претседателот Обама активно ја поддржува намерата на сенаторката Фејнстајн да предложи повторно воведување на законот за забрана за користење борбено оружје“, изјави портпаролот на Белата куќа, Џим Карни, на редовната прес-конференција.
Тој сојузен закон беше изгласан во 1994 а истече во 2004 година меѓутоа американскиот Конгрес потоа не го обнови.
Според предлогот на сенаторката Диан Фернстајн, на листата забранети оружја би биле полуавтоматските пиштоли и пушки, како и сето оружје со магацини за повеќе од 10 куршуми.
По масакрот во сојузната држава Конектикат од минатиот петок кога 20-годишниот Адам Ланза вооружен со два пиштола „Glock“ и „Sig Sauer“ и полуавтоматската пушка „Bushmaster AR-15“ во основното училиште „Сенду Хук“ во мирното гратче Њутаун уби 27 лица од кои дваесет деца на возраст од шест и седум години, претседателот Барак Обама на комеморацијата во Њутаун најави дека ќе го „употреби секое овластување којашто оваа должност ја дава за да ги ангажира своите сограѓани … за да се обидат да спречат уште вакви трагедии“.
Повеќе од 120 илјади Американци ја потпишаа петицијата до американските власти со барање да започне разгледувањето носење мерки за ограничување на слободната продажба на оружје. Петицијата е достапна на интернет страницата на Белата куќа, а според правилата на американската администрација, мора да ја потпишат најмалку 25 илјади граѓани за да биде разгледувана од страна на администрацијата на претседателот на САД.
„Нашата цел е да ја принудиме администрацијата на Обама да разработи нацрт-закон за ограничување на продажбата на оружје. Важно е да започне национален дијалог, а изготвувањето на таквите закони е единствениот начин да се намали бројот на оние кои се убиени со огнено оружје. Оваа петиција е колективно барање за почеток на двопартиска дискусија која ќе доведе до усвојување пакет закони од областа на набавката на оружје од страна на граѓаните“, пишуваат авторите на петицијата./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Швајцарија ќе гласа за ограничување на бројот на населението на 10 милиони
Швајцарија ова лето ќе гласа за предлогот на крајно десничарската Швајцарска народна партија (SVP) за ограничување на населението на 10 милиони. Овој потег би можел да ги загрози клучните договори со Европската Унија и, според противниците, сериозно да ја оштети економијата, пишува „Гардијан“.
Иницијативата предвидува ограничување на растот на населението, што, според критичарите, би можело да му наштети на швајцарското стопанство и на односите со Европската унија.
Ако населението ја надмине границата од 9.5 милиони (во моментов 9.1 милион), државата би била обврзана да воведе рестрикции за имиграција, вклучително и за барателите на азил и спојување на семејства. Доколку се достигне 10 милиони, мерките би станале уште поригорозни, а Швајцарија би морала да го раскине договорот за слободно движење со ЕУ – нејзиниот најважен трговски партнер.
Партијата SVP тврди дека „експлозијата на население“ ги зголемува трошоците за изнајмување и го оптоварува јавниот систем. Од друга страна, економските асоцијации и компании како Roche, UBS и Nestlé предупредуваат дека иницијативата би можела да доведе до преселба на бизниси, пад на даночните приходи и губење на услуги.
Анкета од декември покажала дека 48% од граѓаните ја поддржуваат иницијативата, што упатува на длабока поделба во јавноста за прашањето на имиграција и демографија.
Свет
ОН: Спречени пет обиди за атентат врз сирискиот претседател и двајца министри
Според извештај на Обединетите нации, во текот на изминатата година биле спречени пет обиди за атентат врз сирискиот претседател Ахмад ал-Шараа и министрите за внатрешни и надворешни работи.
Во извештајот на генералниот секретар Антонио Гутереш, подготвен од Канцеларијата на ОН за борба против тероризмот, се наведува дека нападите биле планирани од група наречена Сараја Ансар ал-Суна, која се смета за параван на Исламска држава. Локации на обидите биле северната провинција Алеп и јужна Дара.
ОН истакнува дека ИД сѐ уште активно се обидува да ја дестабилизира новата сириска власт и го користи безбедносниот вакуум во земјата. Претседателот ал-Шараа, поранешен лидер на Хаџат Тахрир ал-Шам, дојде на власт по соборувањето на Башар ал-Асад во декември 2024.
Во извештајот се наведува и дека ИД продолжува со активности низ Сирија, а во напад од заседа на 13 декември кај Палмира биле убиени двајца американски војници и еден цивил, додека биле ранети уште шестмина.
Свет
САД и Иран покажуваат подготвеност за компромис
Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан изјави дека САД и Иран се подготвени да постигнат нов нуклеарен договор, но предупреди дека вклучувањето на иранската балистичка програма во преговорите би можело да предизвика уште една војна, пренесе Танјуг.
Во интервју за „Фајненшл тајмс“, Фидан рече дека Вашингтон сигнализирал подготвеност да толерира иранско збогатување на ураниум во строго определени граници, додека Техеран „искрено сака вистински договор“ и е подготвен да прифати ограничувања и строги инспекции, слично на договорот од 2015 година.
Според него, инсистирањето на САД да се решат сите прашања истовремено – вклучително и иранскиот арсенал на балистички ракети и поддршката за регионални сојузници – би можело да го блокира напредокот во нуклеарниот дел од преговорите.
Минатата недела во Маскат се одржаа индиректни разговори помеѓу американските претставници Стив Виткоф и Џеред Кушнер (зет на американскиот претседател), и иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи, со посредство на Оман и дипломатски напори на Турција, Катар и Египет.
И Вашингтон и Техеран го оценија состанокот како позитивен прв чекор и најавија нова рунда преговори.

