Свет
35.000 луѓе излегоа на улиците на Франкфурт: „Да ја одбраниме демократијата“
Десетици илјади луѓе излегоа денеска на улиците на Франкфурт за да протестираат против екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD) и нејзината се поголема поддршка. Набргу по почетокот на протестите одржани во центарот на Франкфурт под слоганот Да ја одбраниме демократијата, полицијата процени дека на нив учествувале околу 35.000 луѓе.
Портпаролот на полицијата рече дека станува збор за мирни протести. На толпата се очекува да се обрати градоначалникот на Франкфурт, Мајк Јозеф. Протестите, кои траат со денови, добија поддршка и од германскиот канцелар Олаф Шолц. Сличен протест се одржа претходно во саботата во Лимбург, град северозападно од Франкфурт. Таму се собраа 2.800 луѓе, значително повеќе од очекуваното.
Протестите ширум земјата беа поттикнати од извештајот на медиумот Correctiv кој откри дека политичарите на АФД одржале состанок со екстремно десничарските екстремисти во Потсдам во ноември за да разговараат за плановите за депортација на милиони мигранти од Германија.
На состанокот во Потсдам, членовите на екстремната десница разговараа за теми како „ремиграција“, термин кој често се користи во крајнодесничарските кругови како еуфемизам за протерување на имигрантите и малцинствата. Во вчерашната изјава, Шолц ја нарече ремиграцијата „напад врз демократијата“ и ја поздрави организацијата и одржувањето на протестите планирани за време на викендот.
„Го кажувам гласно и јасно: десничарските екстремисти ја напаѓаат нашата демократија“, рече тој. Десетици илјади германски жители се очекува да се приклучат на протестите против АфД низ целата земја овој викенд.
Масовната средба одржана во петокот вечерта во Хамбург мораше да биде прекината од безбедносни причини. Имено, таму се собраа повеќе луѓе отколку што очекуваа организаторите. Полицијата проценила дека имало 50.000 луѓе, а организаторите дека имало дури 80.000 демонстранти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп го предупреди Иран да не возвраќа на нападите извршени од САД и Израел
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска го предупреди Иран да не возвраќа на нападите извршени од САД и Израел.
„Иран штотуку изјави дека денеска ќе удри многу силно, посилно отколку што некогаш удриле претходно“, напиша Трамп на Truth Social.
„Подобро да не го прават тоа“, нагласи тој.
Доколку тоа се случи, САД ќе возвратат „со сила што никогаш претходно не е видена!“, додаде американскиот претседател.
Вчерашните напади беа насочени кон клучни локации каде што се состанувало иранското раководство, при што беа убиени највисоки функционери, вклучувајќи го иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, министерот за одбрана и шефот на Корпусот на исламската револуционерна гарда, соопшти израелската војска.
Нападите, во кои загинаа повеќе од 200 луѓе според Црвената полумесечина, предизвика одмазднички удари врз Израел и американските воени сили стационирани на Блискиот Исток.
Свет
Гори Блискиот Исток, експлозии и денеска се слушаат во арапските држави во Заливот
Експлозии денеска повторно се слушнаа во арапските држави во Заливот, по убиството на иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, во американско-израелските напади.
Очевидци во катарскиот главен греад Доха известија дека утрово слушнале неколку силни детонации. Катарскиот информативен канал „Ал-Џезира“ објави за најмалку 11 експлозии во Доха.
Експлозии беа пријавени и во Манама, главниот град на Бахреин. Очевидци известија дека слушнале најмалку четири силни детонации. Во овој контекст, на социјалните мрежи беа споделени слики од погоден и оштетен хотел во Манама. Тие првично не можеа да бидат независно проверени, нагласува ДПА.
Техеран ги нападна американските воени бази во регионот повеќепати по почетокот на вчерашните американско-израелски напади врз Иран.
Во арапските заливски држави има илјадници американски војници.
Свет
Техеран ја потврди смртта на врховниот лидер Али Хамнеи и објави 40 дена жалост
Иранскиот државен радиодифузер ја потврди смртта на врховниот лидер Али Хамнеи, неколку часа откако САД и Израел соопштија дека тој е убиен во вчерашните воздушни напади, објави „Иран интернешнл“.
Кратко по објавата за смртта на лидерот, иранскиот кабинет објави седумдневен државен празник и 40 дена национална жалост.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Фото: ЕПА

