Свет
Власта национализира во корист на „Веро“
Наместо да ни го денационализираат плацот, добивме известување дека не може да ни се врати бидејќи станал сопственост на „Веропулос"
Наместо да ни го денационализираат плацот, добивме известување дека не може да ни се врати бидејќи станал сопственост на „Веропулос"
Наместо да не’ обесштети со по 510 евра за квадратен метар, државата сака да не’ поткраде давајќи ни само по 32 евра за нашите плацови, кои се дел од локацијата што му е продадена на „Веропулос“, обвинија вчера сопствениците на земјиштето. Тие се револтирани и од тоа што плацовите не им се и формално вратени со денационализацијата, туку пред тоа и’ се продадени на грчката фирма.
– Неодамна добивме известување дека земјиштето не може да ни се врати бидејќи станало сопственост на „Веропулос“. Ова е кршење на законот кој забранува продажба на имотот за кој постои барање за денационализација. Благовремено сме побарале да ни се врати плацот. Најскандалозно е тоа што во истото известување ни пишуваат дека ќе ни се исплатат по 2.000 денари за секој квадратен метар, бидејќи земјиштето веќе има друг сопственик – изјави вчера Зорица Велкова, една од наследниците на плацот.
Според неа, државата треба да им го врати земјиштето или да им исплати обесштетување во висина на продажната цена.
– Неприфатливо е за плацот од 177 квадратни метри да ни определат надомест од 353.000 денари, односно околу 6.000 евра, иако реално би требало да добиеме повеќе од 90.000 евра – истакнува Велкова.
Според сознанијата, слични известувања добиле и десетина сопственици на другите парцели што се наоѓаат во рамките на предвидениот плац. Тие истакнуваат дека во почетокот на август минатата година добиле решенија според кои „предмет на денационализација е градежно неизградено земјиште, кое може да им се врати на сопствениците“. Наместо тоа, земјиштето наскоро било продадено откако надлежните органи извршиле окрупнување на парцелата која била огласена за продажба. Од првичните три илјади квадратни метри, парцелата била зголемена на цели 11.000 квадратни метри.
– Тие добро знаеја дека нашите парцели се во постапка за денационализација и дека ние треба да ги добиеме. Во Законот за денационализација јасно пишува дека со неговото стапување во сила не е дозволено располагање со имотот што е предвиден за враќање. Ние добивме информација дека прво било донесено едно решение да ни се вратат имотите, но некој подоцна го сопрел тоа за да ни дадат најниско обесштетување – тврдат сопствениците на плацовите.
Продажбата на земјиштето кај Народната банка на РМ беше проследена со скандал откако беше поништена првата лицитација. Причината за поништувањето била во нерегуларната елиминација на фирмите „Меркатор“ и „Делта М“ затоа што им недостасувала банкарска гаранција. Подоцна се утврди дека на фирмите воопшто не смеело да им се бара банкарската гаранција. Гаранцијата требало да ја достави само најповолниот понудувач, а не сите фирми што учествувале на лицитацијата. Премиерот Владо Бучковски таквата продажба ја нарече „скандалозна“, а целата вина му беше префрлена на Даут Емини, претседател на Комисијата за лицитација. На вториот тендер грчката фирма „Веропулос“ го купи земјиштето по цена од 510 евра за квадратен метар, односно, за 210 евра поскапо отколку на првото наддавање.
Бранко Горгевски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

