Свет
Илија Иљоски бараше да пропуштам цигари за Грција
Иванов тврди дека бил сменет од функцијата полициски командир откако одбил да пропушти камион што одел од Бугарија за Грција
Иванов тврди дека бил сменет од функцијата полициски командир откако одбил да пропушти камион што одел од Бугарија за Грција
Не се секирај, за ова не се оди во затвор. Ако одиш ти, во затвор ќе одам и јас. Вака ми рече поранешниот директор на Царинската управа Илија Иљовски за да пропуштам камион со цигари во Грција.
Ова беше дел од вчерашното повеќечасовно сведочење на поранешниот командир на полициската станица на Граничниот премин Богородица, Блажо Иванов. Тој е последниот обвинет во случајот „Југ“, кој се товари за шверц на украдени луксузни автомобили.
Иванов изјави дека е невин, бидејќи никогаш не помагал ниту овозможил да се изврши кривично дело. Тој објасни дека бил сменет од функцијата откако одбил да пропушти камион со цигари, кој одел од Бугарија за Грција.
Според неговото сведочење, во октомври лани бил повикан на состанок во Царината во Гевгелија, каде што бил и Захарие Ќуркчиев, брат на генералниот секретар на СДСМ, Никола Ќуркчиев.
Таму од него било побарано да пропушти камион со цигари надвор од пропишаната акцизна процедура.
– Откако не ме убедија да го направам тоа, ми дадоа мобилен телефон и ми рекоа дека ме бара шефот. Го препознав гласот на тогашниот директор на Царинската управа на Македонија Илија Иљоски, кој ми рече да го пропуштам камионот. Кога реков дека јас сум полициски службеник и дека не примам наредби од царината, тие ми рекоа оти за тоа знаел и министерот за внатрешни работи Љубомир Михајловски. Јас не попуштив и со телеграми го известив Одделението за организиран криминал и полицијата. Неколку дена подоцна еден мој познаник ми кажа дека итно ќе ме сменат од функцијата командир. Ми рече дека „сум ја за…л работата со цигарите“ – изјави Иванов.
Откако од командир го назначиле за помошник-командир, Иванов јавно почнал да собира податоци за транспортот на цигари преку Македонија.
– Некој за тоа ги извести повисоките структури. Два месеца подоцна јас бев уапсен – објасни обвинетиот Иванов.
Тој се товари дека четири пати по барање на првообвинетиот Дејан Стамков овозможил шверц на пет луксузни автомобили. Меѓу возилата има и „бмв х5“ вредно околу 100.000 евра.
Според обвинението, Иванов во состав на смената внесувал блиски и доверливи полицајци, кои ги извршувале задачите.
Иванов рече дека на никаков начин не можел да мести луѓе да работат во одредена смена. Тој ја објасни организациската структура на полицијата на ГП Богородица и начинот на кој се одредувале смените.
– Никогаш не сум барал вработените да направат нешто за мене или да извршат нешто што е предмет на кривично дело – рече во сведочењето Иванов.
Во своја одбрана истакна дека подолго време царинските служби вршеле притисок полицијата да не се меша во прегледот на возила.
Според него, тоа се правело за да се елиминира или да се намали учеството на полицијата на граничниот премин, за да може полесно и без проблеми да се минува границата.
Иванов изјави дека раководител на смената кога се вршеле дејствата спомнати во обвинението бил Горан Велковски, близок со Ќуркчиев.
– Сега гледам дека Горан Велковски мистериозно исчезна од обвинителниот акт и се појавува само како сведок. Не можам да сфатам како се случило тоа – рече тој.
Обвинетиот Блажо Иванов неодамна беше причина за престрелката меѓу СДСМ и неговиот брат, професорот Ѓорги Иванов. Партијата го обвини професорот Иванов дека ги злоупотреба анкетите на „неговиот Институт за демократија“ за да го наруши угледот и рејтингот на СДСМ, како одмазда заради притворањето на неговиот брат во случајот „Југ“. Тогаш професорот Иванов изјави дека генералниот секретар Ќуркчиев ја користи партијата за лична пресметка. Тој најави дека ќе молчи се додека не заврши судската постапка, но потоа од она што ќе го кажат тој и брат му ќе се замислат многу луѓе од власта, бидејќи меѓу нив има замешани во организиран криминал.
Не го познавам Блажо Иванов
Целосна невистина е она што вчера ги изјавил Блажо Иванов. Јас ниту го познавам, ниту некогаш телефонски сум контактирал со него.
Токму затоа, ме изненадува како можел да ми го препознае гласот на телефон. Мој коментар ќе дадам откако ќе се запознаам со целосната изјава што ја дал Иванов во судот – изјави вчера поранешниот директор на Царината, Илија Иљоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Нова вакцина против рак на кожа го намалува ризикот од смрт за 49 проценти
Експериментална вакцина против рак на кожа, развиена во соработка помеѓу фармацевтските компании „Модерна“ и „Мерк“, покажува силни и трајни антитуморски ефекти кај пациенти со напреднат меланом.
Петгодишното следење на вакцината во клиничките испитувања укажува на значителни придобивки од преживување, објавува „Euronews“.
Терапијата, која моментално е во фаза 2 на клинички испитувања, ја комбинира персонализираната mRNA технологија на „Модерна“, Intismera Autogen, со имунотерапевтскиот лек Keytruda на „Мерк“.
Заедно, третманите го намалија ризикот од повторна појава на рак или смрт за 49 проценти кај пациенти со висок ризик од меланом кои биле подложени на операција, во споредба само со Keytruda.
„Продолжуваме да инвестираме во нашата платформа за онкологија поради охрабрувачки резултати како овие, кои го илустрираат потенцијалот на mRNA во третманот на рак“, рече Кајл Холен, виш потпретседател на „Модерна“.
Свет
Путин: Русија не е заинтересирана за темата Гренланд и САД, но ние го имаме искуството со Алјаска
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија не е заинтересирана за темата Гренланд и САД.
„Она што се случува со Гренланд не е наша работа, но ние имаме искуство во решавање на слични проблеми со САД, на пример Алјаска. Во 19 век, мислам во 1867 година, како што знаеме, Русија им продаде на САД, а САД ја купи Алјаска од нас“, рече претседателот на Русија на седница на Рускиот совет за безбедност, според Спутник, пренесува РТРС.
Тој верува дека Данска отсекогаш се однесувала кон Гренланд како кон колонија и, како што вели, грубо, практично жестоко.
„САД имаат на располагање една милијарда долари за да го купат Гренланд“, вели Путин и верува дека врз основа на примерот на Алјаска, цената за Гренланд би можела да биде 200-250 милиони долари.
„Ако споредиме со цените на златото од тогаш, таа бројка би била многу поголема, веројатно милијарда долари“, рече Путин и додаде: „Но, мислам дека и САД можат да си ја дозволат таа бројка“, според агенциите.
Фото: ЕПА
Свет
Трамп објави договор со НАТО за Гренланд и ги одложи царините за Европа
Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека по состанокот со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, е формирана рамка за иден договор за Гренланд и арктичкиот регион, пренесуваат медиумите во регионот.
Најави одложување на воведувањето царини што требаше да стапат на сила на 1 февруари, напиша тој на социјалната мрежа Truth Social.
Трамп изјави дека на „многу продуктивен состанок“ со Руте е формирана „рамка за иден договор во врска со Гренланд и, всушност, целиот арктички регион“. Тој оцени дека решението, „доколку се реализира, ќе биде одлично за Соединетите Американски Држави и сите земји-членки на НАТО“.
Врз основа на постигнатото разбирање, Трамп потврди дека се откажува од воведувањето царини. „Нема да ги воведам царините што требаше да стапат на сила на 1 февруари“, се вели во соопштението. Тој додаде дека има и „дополнителни дискусии во врска со „Златната купола“ во Гренланд“ и дека повеќе информации ќе бидат достапни како што напредуваат разговорите.
Според Трамп, потпретседателот Џ.Д. Венс, државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник Стив Виткоф ќе бидат задолжени за преговорите. Тој нагласи дека тие ќе „поднесуваат извештаи директно до него“.

