Свет
Царината го води орото на корумпираните
Граѓаните сметаат дека најефикасен начин за справување со корупцијата се дописите до медиумите, покажала анкетата на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања
ЈАВНОТО МИСЛЕЊЕ ЗА КОРУПЦИЈАТА ВО ЗЕМЈАВА
Граѓаните сметаат дека најефикасен начин за справување со корупцијата се дописите до медиумите, покажала анкетата на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања
Корупцијата е третиот најголем проблем, по невработеноста и лошата економска состојба, со кој се соочуваат граѓаните во Македонија, а најефикасниот механизам за справување со неа се медиумите. Вака одговориле испитаниците на анкетата што ја вршел Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во јануари годинава. Истражувањето било вршено во рамките на проектот „Јавното мислење за корупцијата во Македонија“, финансиран од Советот на Европа. Анкетата била реализирана врз репрезентативен примерок од 1.600 испитаници според полот, етничката припадност, возраста и регионалната дистрибуција на населението во државава. Граѓаните одговарале за општите перцепции, а посебен прашалник имало за испитаници-жртви на корупцијата. Се разговарало и со четири фокус-групи: судии, вработени во јавната администрација, во здравството и со професори од државните универзитети, а 20 интервјуа биле направени и со сопственици на мали и средни претпријатија.
Царината најкорумпирана
Испитаните граѓани за најкорумпирана ја сметаат царината, а по неа следуваат судството, министрите и замениците, здравството, обвинителството, политичките партии и полицијата. Негативни оценки добиле и адвокатите, градоначалниците, премиерот, образованието, даночната управа, претседателот на државата, берзата на хартии од вредност, па дури и антикорупциската комисија. На списокот со корумпирани се и Народната банка, медиумите, домашните и странските невладини организации и Армијата.
Дури 65 отсто од испитаниците се песимисти за можноста да се искорени корупцијата во државава, но сметаат дека може барем малку да се намали. Значителен дел од испитаниците, 62 отсто, велат дека корупцијата не се намалила во однос на лани, а 45 отсто сметаат дека нема да има промени ни в година. Просечна генерална оценка на испитаниците е дека борбата против корупцијата е недоволна. Половина од нив сметаат дека политичарите обрнуваат внимание на оваа тема само за време на изборите, а 46 отсто дека тоа никогаш не го прават. Три четвртини од испитаните граѓани, 76 отсто, одговориле негативно на прашањето дали власта прави доволно за спречување на корупцијата. Повеќе од половина испитаници, 55 отсто, одговориле дека и антикорупциската комисија не презема доволно активности. Најмногу од испитаниците сметаат дека државните институции имаат најголема одговорност за спречување на корупцијата, а следуваат судовите, Комисијата, па самите граѓани, а на крајот се политичките партии, јавниот обвинител и полицијата.
Подарокот не е поткуп
На прашањето како би постапиле кога некој би им побарал поткуп, 25 отсто одговориле дека тоа би го пријавиле во МВР, 14 отсто би пријавиле кај претпоставениот на барателот на поткупот, 9 отсто во антикорупциската комисија, 8 отсто би се обратиле до медиумите, а 13 отсто одговориле дека би го платиле. Секој петти испитаник или 21 отсто одговорил дека би понудил поткуп за побргу да му се заврши работата. Дури 43 отсто од анкетираните не веруваат дека пријавувањето на корупцијата би дало плод. Според испитаните, најголеми поттикнувачи на корупцијата се неможноста на легален начин да се задоволат потребите и непостоењето правна држава.
За 61 отсто од испитаниците, подарокот што му се дава на лекар по извршена интервенција не е корупција туку благодарност, но затоа за 79 отсто корупција е подарокот пред интервенцијата. Слично, за 52 отсто од анкетираните, спонзорствата што стопанствениците им ги даваат на лекарите за печатење книга или за патување не е корупција. Обратно е во сферата на образованието. Повеќе од две третини од испитаниците препознаваат корупција во подароците, спонзорствата и услугите за професорите на нивните деца. За 83 отсто анкетирани, корупција е кога на службеник во администрација по завршената работа му се дава подарок, а 84 отсто сметаат дека корупција е и кога политичар му дава подарок на новинар. Нешто помалку, 61 отсто, гледаат корупција во платените патувања на новинарите.
Натали Н. Сотировска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

